ЛЕЛЕ СЕГА ТРЕБА ДА ВЕЖБАМ!
Кога вежбаш и се храниш на посебен начин, тоа не треба да биде тортура. Не е воопшто природно напредокот во животот да дава чувство на малтретирање. Напредокот дава чувство на исполнетост и мотивација, задоволство и уживање во патот. Тој пат не значи дека е безнапорен, но сигурно не е тортурирање.
Ако често имате помисла „Леле кој ќе вежба сега“, „Леле сега треба да мислам што ќе јадам“, ако често имате прекини во редовноста на тренинзите или во следење на исхраната или каков било режим, тоа кажува дека постои нешто погрешно. Прво тоа е показател на намалена волја. Ова потекнува од два проблема.
Проблем бр. 1
Најзастапениот проблем е во погрешните методи и пристапи, односно во грешките што се прават при исхраната, вежбањето, во деновите за одмор, во животот.
Некои мислат дека ако правилно ги изведуваат вежбите тогаш нивното вежбање е 100% исправно. Правилната изведба на вежбите е исто што и да знаеш правилно да држиш вилушка и правилно да јадеш со неа за да не се повредиш, но што сè може да се јаде, колку, кога и како, е сосема друго. Затоа правилно држење вилушка не значи правилна исхрана, исто како што вежбањето за посилно тело и ум не се состои само во прашањето како да се прават вежбите.
Правилната изведба на вежбите е клучна и недискутабилна. Тоа секогаш треба да се подразбира, но не е единствениот параметар. Се сеќавате на примерот со човекот со премала телесна маса што вежба горен дел на гради со еднорачен тег, со правилна изведба, но со комплетно промашен режим.
Колку често вежбаме, колку време нѝ трае еден тренинг, какви вежби вежбаме, со кои тежини и повторувања, што и колку и дали јадеме пред и по тренинг и во текот на денот и во невежбачки денови…… Сите овие нешта влијаат на исправноста на вежбањето.
На пример. Кето диета. Човек слушнал позитивни резултати, сака да дознае што е кето, чита еден резултат од пребарување на Google кој вели „Јадење протеини и многу масти, без јаглехидрати.“ И неговата претстава е дека треба да јаде само месо и маргарин. Мисли дека месо се оние димените, пушените пакувања со по шест до осум „Е“ конзерванси и други додатоци. Мисли дека маргаринот е маст за исхрана, а таа всушност е многу блиска до пластика. Не ги зема во предвид бројните други неопходности за да биде во ЗДРАВА кетоза, тој мисли дека кетоза е тоа што Google му го кажа – само протеини и масти. По еден до два дена јадење на овој начин (а со правилно држење на вилушката) тој сè уште има пориви за благо и теста, му варира енергијата, раздразлив е и бега од кетото како од жешка рингла. Но тој не бега од кето, тој бега од резултатите на својата површност.
Или замислете ако бил поупорен. По недела-две неговиот стомак може станал уште поподуен и не се симнува и покрај тоа што слушнал дека со кето стомакот се намалува. Не знае дека конзервансите спречуваат распаѓање (разложување) на храна, а дека и процесот на варење е процес на разложување на храната, па така конзервансот директно ги попречува и отежнува процесите на варење. Но тој си мисли дека нему можеби кетото му било тешко.
Овој пример е од поедноставните – тука негативните последици се видливи во рок од денови.
Постојат многу други подли примери со исхрана и вежбање чии негативни последици се:
- Нервоза
- Иритабилност
- Исцрпеност
- Испрекината мотивација
- Високо ниво на стрес
- Замор после јадење
- Замор низ целиот ден
- Тврдокорно сало кое не се смалува
- Намалено либидо
- Подуен стомак
- Замагленост во умот
- Затапени емоции
- Умор после спиење
- Болки во мускули
- Повреди (рамо, кичма, зглобови…)
- Главоболки
- Нема слабеење
- Слабо качување мускулна маса
- Слаби резултати
- Демотивација
- Откажување
Овие негативни последици најчесто не настануваат за ден-два. Тие се создаваат со месеци и години, преку незнајни грешки во начинот на вежбање/исхрана/живот.
Еве колку невино последиците задоцнето стануваат видливи а колку е невидлива нивната причина:
- Осум месеци трча но не изгубил ни килограм. Испотени тони пот.
- Осум месеци трча, изгубил 6 кг. Но не гледа дека во последните неколку месеци е понервозен и понетрпелив од претходно. Од грешките неговиот кортизол е постојано покачен. За 8 месеци ова се градело толку постепено што не може ни да се сети да го поврзе едното (нервозноста) со другото (дека нешто промашува). Не знаејќи ги грешките што ги прави, само таложи негативни последици од нив.
- Вежба две и пол години, но го боли рамото при најпрости движења. Нели вежбањето треба да ги зајакне рамењата…
- Специјализира во вежбање бицепс и трицепс. Но пораснал и стомакот. Или сега полесно си ги повредува колената на и онака тенките нозе. Или се буди ненаспан, на пример бидејќи неговите тренинзи не го активираат ни оддалеку доволно хормонот за раст.
Со практични знаења и нивна употреба во пракса, човек може да почне да се движи кон големи придобивки и видливи успеси.
Проблем бр. 2
Вториот проблем е во ставот. Ако имате став дека сега ќе се мачите, тогаш тргнувате уште од старт со менталитет на жртва.
Ваквиот став најчесто е производ на Проблем бр. 1, но човек може да го има уште и пред да започне. На пример, често не го исполнувал тоа што самиот го зацртал и затоа веќе не си верува дека може да успева. Затоа можеби си мисли дека ништо друго не му преостанува освен да чека подобри денови, а до тогаш „залудно е да се измачува“.
Ова се решава со правилен начин на исхрана и вежбање бидејќи тогаш човек победува. А кога победува, негативниот став исчезнува и останува само победникот.