Македонскиот боречки клуб Нинџутсу од Битола

Разговаравме со нашите пријатели од македонскиот боречки клуб Нинџутсу од Битола кои неодамна постигнаа високи успеси во меѓународниот турнир во Џиу-џицу во Белград во мај 2021. Со 6 натпреварувачи, тие освоија 3 златни и 2 сребрени медали во конкуренција со 400+ натпреварувачи.

Но пред сè за да стигнат до таму, тие напјрвин морале да победат на едно друго место.

Натпреварувачите се Игор Додевски, Филип Божиновски, Трајче Мицевски, Бојан Милески, Маријана Јоноска и Дамјан Стојчевски, на чело со нивниот тренер и ментор Сашко Мирчевски.

Тоа друго место е и еден од нивните главни принципи:

Победата се освојува на самиот тренинг. На турнир само го земаш тоа што ти припаѓа.

Овие вредности му се вродени на спортот и се основа на секое поле во животот. Можеби денес малку се заборава која е вистинската намена на спортот. Тој не е само играње со топка, шутирање или скокање. Спортот е многу повеќе од тоа.

Луѓето како Сашко и неговите натпреварувачи не дозволуваат тоа да се заборави.

Ајде да видиме што едни победнички умови имаат да кажат за тоа.

Како се станува победник и на што се должат вашите успеси?

Бојан: Победник се станува со многу тренинг, физичка и психичка работа на самиот себе со однапред посакана цел и желба за победа. Според мене клучен елемент за успех е упорноста.

Филип: тоа се должи на упорност, издржливост и секако напорен тренинг.

Трајче: Победник се станува со многу работа, тренинзи и со голема волја.

Маријана: Моите постигнати успеси се должат на изминатите тренинзи и посветеноста на вештината која ја тренирам, се должат на мојот тренер кој успешно нѝ предава техники до целта и се разбира тимот што ми дава поддршка и што ме мотивира. Победник се станува пред сè со волја, самодоверба, со мотивација, со поддршка од екипата.

Дамјан: Победник се станува најпрво со упорност, амбициозност и желба за учење на техника. Со доволно вложен труд може да се постигнат многу успеси и да се поместат многу претходно замислени граници.

Игор: Моите успеси најмногу се должат на напорната работа, посетување на многу тренинзи, кампови и семинари, посветеност на тренинг.

Нивниот тренер и ментор Сашко вели: „За да се стане победник, шампион, најпрво бара да се има цел за тоа и љубов кон нештото. А кога се има цел, прашање на време е кога тоа ќе се реализира. Секако во сето тоа треба да се исполнат фактори како посветеност, сериозен, редовен и правилен тренинг во квалитетна школа во која се работи со сериозен пристап, надминување на сите препреки кои во суштина нѝ се нашиот тест за тоа колку навистина го заслужуваме тоа за кое напорно работиме и ја трошиме нашата енергија.“

Значи целта треба да е однапред позната и посакувана. Додаваме тренинг и упорност. Добар тренер кој поседува и пренесува знаење. Поддршка. И освојуваме многу повеќе отколку само медали. Овде се наоѓа духот на заедништво, на соработка, на взаемно комбинирање на силите, на разбирањето дека тимската работа дава поголема моќ на единката и дека 10 луѓе во тим се бескрајно посилни од 10 поединци. Тоа е една од лекциите на спортот, а тие што ја имаат разбрано се победниците. Што друго ве одржува мотивирани?

Маријана: Ме одржува љубовта кон овој спорт и успесите што ги имам и што ќе ги постигнувам и понатаму.

Дамјан: Мотивација добивам од секаде. Прво од најблиските (фамилијата, пријателите, итн.), од различни видеа, но најмногу од самите тренинзи. За голем дел од мотивацијата која ја добивам јас но и цел клуб е заслужен самиот тренер.

Сашко: Целите и идеологијата се она што ме држи да продолжам мотивиран кога знам дека покрај мене секоја вечер учат, тренираат и се градат како здрави личности, млади генерации кои своето време го користат да работат на себе на секој поглед продуктивно и се чувствуваат задоволни, среќни (тоа кај нас се вика Каизен: постојан напредок) наместо да се самоуништуваат со пороците кои ги нуди модерното живеење.

Работата на себе носи мотивација, а само мотивиран човек размислува за успесите што ќе ги постигне и како ќе се надмине себе си. Тоа е победнички став. Во што сè успеавте да се надминете себе си досега?

Игор: Имам посилен и цврст карактер, отпорност на болка, издржливост, стегнато и цврсто тело, кондиционо издржување напор и подобрување на издржливоста во борба и на тренинг.

Маријана: Од почетокот имав помала самодоверба, но со мојот труд, упорност и желба за победа се надминав себеси со моите освоени победи, и верувам дека можам уште повеќе.

Бојан: Се надминуваш себеси во моментот кога покрај тремата, стравот и сите неубај мисли и препреки ќе се избориш со цела сила и ќе победиш.

Дамјан: Во секој поглед, прво психички па понатаму и физички. Се надминав во размислувањето околу работите и одлуките кои ги носам за одредени активности.

Сашко: Точно, тие полека се надминуваат себеси си и стануваат подобри од вчера со тоа што имаат навика за редовност, градат самодисциплина, одговорно однесување, знаат да бидат толерантни и учат за самоконтрола.

DisciplinaКоја е најважната лекција што ја имате научено од овој спорт?

Дамјан: Лекцијата за храброст… Лекција која му е потребна на секого. Лекција која не може ниту еден професор/наставник да ја предаде или раскаже.

Маријана: Најважна лекција што ја имам научено е да се борам до крај и да работам посветено.

Трајче: Да се биде упорен и да не се откажувам.

Филип: Никогаш не потценувај никого.

Бојан: Најважна лекција е да се внесиш во нештото што го сакаш и да работиш неуморно.

Една од главните состојки на секоја победа е упорноста која е превоз до следните нивоа на успех. Секоја чест за достигнатите успеси преку овој спорт и преку тимската работа во вашиот клуб. Што ви е најзначајно кога станува збор за вашиот клуб?

Сашко: Па тоа место е мој втор дом каде секој ден по неколку пати го трошиме нашето време со огромна љубов и веќе опсесија 🙂 кон боречкиот свет каде градиме една позитивна енергија, имаме цели и работиме со надеж и верба за остварување на сето тоа. Тоа нè прави среќни и задоволни и затоа не случајно со години се одвива така.

Игор: Дисциплина, лојалност, фамилија, напорни тренинзи, сериозност.

Маријана: Најмногу ми значи трудот на тимот, самодовербата која ја имаат во себе, упорноста и позитивноста.

Дамјан: Најмногу ми значи самата почит што ја имаат кон нашиот клуб и колку ние се бориме општо за овај спорт.

Филип: Позитивната тимска енергија.

Бојан: Мојот тим и тренерот – кога заедно работиме за да постигнеме некоја цел.

На последното прашање како порака до нашите читатели, одговорија:

Не се откажувајте од своите цели, бидете упорни, тренирајте и почувствувајте ја разликата.

Секогаш е продуктивно да се разговара со луѓе со победнички менталитет. Победникот верува во себе. Но верува и во другите бидејќи знае дека може да се успее.

———————

Едно општество кое сака да биде здраво во секоја смисла на зборот, треба да стави силен акцент на спортот бидејќи тука се содржани многу од потребните елементи за здрав, успешен и исполнет живот.
И покрај тоа што кај нас можеби тој акцент и не е толку силен, некои луѓе неуморно и победнички истрајуваат. Тие треба да се слават.