ЛЕЛЕ СЕГА ТРЕБА ДА ВЕЖБАМ!
Кога вежбаш и се храниш на посебен начин, тоа не треба да претставува тортура. Не е воопшто природно напредокот во животот да дава чувство на малтретирање. Напредокот дава чувство на исполнетост и мотивација, задоволство и уживање во патот. Не значи дека патот е безнапорен, но сигурно не е тортурирање.
Чести негативни мисли од типот: „Леле кој ќе вежба сега“, „Не можам да се замарам што ќе јадам“, чести прекини во редовноста на тренинзите или исхраната – се показател на потисната волја. Ова потекнува од два проблема.
Проблем бр. 1
Најзастапениот проблем е во погрешните методи и пристапи – грешките што се прават во исхраната, вежбањето и навиките.
Некои луѓе сметаат дека ако правилно ги изведуваат вежбите тогаш нивното вежбање е 100% исправно. Правилната изведба на вежбите е исто што и да знаеш правилно да држиш вилушка и правилно да јадеш со неа за да не се повредиш, но што сè може да се јаде, колку, кога и како, е сосема друго. Затоа правилно држење вилушка не значи правилна исхрана, исто како што вежбањето не се состои само во прашањето како да се прават вежбите.
Правилната изведба на вежбите е клучна и недискутабилна. Тоа секогаш се подразбира, но не е единствениот параметар. Се сеќавате на примерот со човекот со премала телесна маса што вежба горен дел на гради со еднорачен тег, со правилна изведба, но со комплетно промашен режим.
Колку често вежбаме, колку време нѝ трае еден тренинг, какви вежби вежбаме, со кои тежини и повторувања, што и колку и дали јадеме пред и по тренинг и во текот на денот и во невежбачки денови…… Сите овие нешта одредуваат дали вежбањето е правилно.
Грешките многу лесно можат да се инфилтрираат во пристапот. Да земеме пример: човек слушнал за позитивни резултати од кетогената исхрана, сака да дознае што е кето и чита на Google: „Внес на протеини и многу масти, со многу малку јаглехидрати.“ Внесува протеини од суплементи со штетни адитиви и јаде повеќе месо. Но за него месо се и димените, пушените пакувања со по шест до осум „Е“ конзерванси и други додатоци. Смета дека маргаринот е поекономична опција за масти, а таа всушност е многу блиска до пластика. Не ги зема предвид бројните други неопходности за да биде во ЗДРАВА кетоза, тој мисли дека кетоза е тоа што Google му го кажа – протеини и масти. По некое време јадење на овој начин (а со правилно држење на вилушката) тој сè уште има пориви за благо и теста, му варира енергијата, раздразлив е и се откажува. Но тој не се откажува од кето, туку од резултатите на површниот пристап.
Или да речеме дека бил поупорен. По некој месец неговиот стомак може станал уште поистакнат и не се симнува и покрај тоа што слушнал дека со кето стомакот се намалува. Во примеров, незнаејќи дека штетните адитиви ја отежнуваат дигестијата и предизвикуваат подуеност – тој заклучува дека кето „не му прија“.
Овој пример е од поедноставните – тука негативните последици се видливи во брз рок.
Постојат многу други подли примери со исхрана и вежбање чии негативни последици се:
- Нервоза, раздразливост, исцрпеност
- Испрекината мотивација, високо ниво на стрес
- Замор по јадење и во текот на денот
- Тврдокорно сало кое не се смалува
- Подуен стомак
- Намалено либидо
- Замагленост во умот
- Неживи емоции
- Умор после спиење
- Болки во мускули
- Повреди (рамо, кичма, зглобови…)
- Главоболки
- Тешко слабеење
- Слабо качување мускулна маса
- Демотивација
- Откажување
Овие негативни последици најчесто не настануваат за ден-два – се создаваат со месеци и години, преку несвесни грешки во начинот на вежбање, исхрана и секојдневните навики.
Невино, но задоцнето, последиците стануваат видливи, а нивната причина останува прикриена – неколку реални примери:
- Трча со месеци без резултат.
- Намалил 6 кг, но е понервозен – кортизолот му е хронично покачен, а тој не поврзува дека нервозата доаѓа од грешки во режимот.
- Вежба со години, а го боли рамото при основни движења – иако вежбањето треба да го зајакне.
- „Специјализира“ во вежбање бицепс и трицепс, а му расте стомакот, го болат колената и не се буди одморен – тренинзите не му го стимулираат хормонот за раст доволно.
Со малку повеќе знаење и негова употреба во пракса, човек може да почне да се движи кон реални придобивки и видливи успеси.
Проблем бр. 2
Вториот проблем е во ставот. Ако имате став дека ќе се измачувате, тогаш свесно или несвесно, тргнувате уште од старт со менталитет на жртва.
Овој став најчесто е последица на Проблем бр. 1 – но може да постои од претходно, заради претходни неуспеси кои ја намалиле сигурноста. Кога имаме висока сигурност, и тешките работи ги правиме со чувство на успех бидејќи знаеме каде одиме.
Овие два проблеми се решаваат со:
- Правилен начин на исхрана (објаснето на линкот)
- Правилно вежбање (објаснето на линкот)
- Регулација на сонот (објаснето на линкот)
Поткренување на знаењето = повисока сигурност. Кога овие три се на место, резултатите стануваат реални и видливи, а негативниот став заедно со негативните мисли, исчезнуваат сами по себе.







