Ако сте забележале, на повеќето пакувања со говедски протеин во прав, не пишува протеин од говедско месо. Бидејќи говедскиот протеин во прав не секогаш се добива од месото. Говедо е општо име за група на животни во кои спаѓаат кравата, бикот и нивните млади. Голем дел од протеините што се нудат како говедски протеини се добиваат во главно од остатоци како уши, рскавици, лигаменти, копита, кожа и тоа е всушност колаген. Колагенот е главниот протеин на структурата на кожата и другите сврзни ткива. Има мала вредност за градење мускулна маса бидејќи не ги содржи сите аминокиселини (составни делови на протеините).
Некои производители дополнително го збогатуваат со евтина аминокиселина за да додадат на тежина. Тоа значи дека содржината на другите аминокиселини ќе биде уште помала. Така ја губи и веќе ниската ефективност, но сепак се продава како протеин! Корисен е ако вежбате во салон за убавина наместо во теретана.
Исто така, некои производители во ваквиот колагенски производ додаваат креатин. Малку шминка за да изгледа потеретански.
Нејќеме трикови
Единствена позитивна страна е тоа што може да ги зајакне зглобовите, рскавиците и другите сврзни ткива. Но нема да биде корисен за мускулите како на пример протеинот од сурутка или казеин.
Ако производителот го има објавено профилот на аминокиселини од кои е составен нивниот протеин, тогаш може да се види дали доаѓа од колаген. Доколку е од колаген, главните аминокиселини од кои е составен колагенот ќе бидат со многу висока содржина во споредба со профилот на протеинот од сурутка. А есенцијалните аминокиселни (оние кои телото не може самото да ги произведе) ќе бидат со многу ниска содржина во споредба со протеинот од сурутка.
Доколку на етикетата не пишува дека е добиен исклучиво од месо или дека не содржи колаген, тоа значи дека е од колаген. Односно дека е добиен од остатоци од говеда, остатоци кои не се месо. Во тој случај, протеините од сурутка и казеинот се далеку супериорни во споредба со говедски протеин.
Доколку говедскиот протеин е од вистинско месо, тогаш е ефективен и го препорачуваме. Во тој случај ваше е да направите споредба во однос на цените. Доколку е значително поскап од протеинот од сурутка или казеин, а цената ви е важна, одберете протеин од сурутка или уште подобро, казеин протеин.
Прочитај: Слични трикови се прават и со доста голем број гејнери за маса.
На производителите и продавниците за суплементи им посакуваме многу успех, приходи и профит, но од производи кои чесно се нудат, кои се тоа што велат дека се и кои се ефективни.
Мускултура никогаш нема да промовира суплемент за кој не верува дека е ефективен или суплемент пакуван на начин на кој ги става вежбачите во заблуда.