Еден од најпознатите и најценети суплементи се протеините во прав. А кога зборуваме за протеин кој треба да обезбеди долготраен прилив на аминокиселини во организмот, незаменливо место има казеинот.
Од практично искуство, можеме да кажеме дека иако се нарекуваат суплементи, протеините во прав се всушност ХРАНА во прав. Секако дека еден елемент не е замена за целокупна исхрана, но протеините во прав навистина се голем сојузник во нашите настојувања да постигнеме подобра верзија од себеси преку правилна исхрана и правилно вежбање.
Казеин протеинот на КЕТО КУЛТУРА е базиран на млечен протеински концентрат, кој природно содржи 80% казеин и 20% протеин од сурутка. Тоа е оригиналната комбинација која природно се наоѓа во млекото. Ваквата структура на протеинот овозможува и брз почеток на достапност на аминокиселини преку протеинот од сурутка, но и значително подолготрајно ослободување преку казеинот.

Зошто казеинот е различен од суруткиниот протеин?
Главната разлика не е во тоа дека едниот протеин е „добар“, а другиот „лош“. Разликата е во брзината со која нивните аминокиселини стануваат достапни.
Протеинот од сурутка се вари релативно брзо и предизвикува побрзо зголемување на аминокиселините во крвта, но и нивна пократкотрајна достапност. Казеинот, од друга страна, во желудникот формира погуста маса и побавно преминува во цревата, кадешто се разложува во аминокиселини што постепено пристигнуваат во крвотокот во подолг временски период.
Затоа казеинот обезбедува подолготрајна достапност на аминокиселини – со тоа се овозможуваат сировини во процесите на регенерација и мускулен раст. Регенерацијата и мускулниот раст се поттикнуваат од конкретни сигнали во организмот. Но сигналот не може да се спроведе доколку нема сировини, без разлика колку е силен. Колку подолго имаме сировини (аминокиселни) во крвта, толку повеќе можеме да го искористиме бенефитот од сигналот за регенерација и раст.
Токму ова го прави особено корисен за секој дел од денот, а посебно за пред спиење.
Протеини додека спиеме
Ноќта е најважниот период за опоравување на организмот. Додека спиеме, се одвиваат голем број процеси поврзани со регенерација и опоравување, а во текот на првите длабоки фази на спиењето се случува и најголемиот пулс на лачење на HGH (хормон за раст).
HGH и тестостеронот сами по себе не градат мускули. На мускулот му се потребни аминокиселини.
Мускулната протеинска синтеза (МПС – процесот во кој мускулните клетки создаваат нови мускулни протеини) – зависи од тоа дали организмот има:
- Сигнал за регенерација и раст
- Достапни аминокиселини од кои може да ги изгради тие протеини.
Можеме да имаме идеални услови за опоравување, но мора да имаме и градежен материјал.
Ако нивото на аминокиселини во крвта е ниско, можноста за силна и продолжена стимулација на МПС е драстично снижена. Со други зборови – може да имаме сигнал за раст, но без доволно аминокиселини нема од што да се гради новиот мускулен протеин.
Кога ќе внесете казеин пред спиење, неговото бавно варење овозможува аминокиселините постепено да се ослободуваат во текот на повеќе часа. Наместо протеинскиот оброк релативно брзо да се потроши, казеинот создава неколкукратно подолг период во кој аминокиселините остануваат достапни за организмот, за разлика од протеинот од сурутка на пример.
Така, додека спиеме, организмот не останува без протеин само затоа што поминале неколку часа од последниот оброк.
Максималниот прозорец за МПС не постои без аминокиселини
Ова е особено важно за луѓето кои тренираат со тежини.
Тренингот испраќа сигнал: „потребен е мускулен раст“.
Протеините обезбедуваат аминокиселини: „еве го материјалот за изградба“.
Доколку едното постои без другото, процесот не е целосен.
Затоа најголемата грешка е да се гледа само тренингот или само внесот на протеин. Мускулниот раст е резултат од комбинацијата на механичкиот стимул од тренингот + доволната достапност на аминокиселини. И секако добро хормонално ниво.
Казеинот значително го решава токму овој проблем – обезбедува долготрајна достапност на аминокиселини.

Затоа внесот пред спиење има особена логика – казеинот обезбедува протеин во периодот кога следниот оброк ќе биде оддалечен повеќе часа.
Равенката по која растат мускулите е: синтеза на протеин минус разградување на протеин (катаболизам). Друга извонредност на казеинот е што значително го намалува процесот на катаболизам заради долготрајната концентрација на аминокиселини во крвта.
Но казеинот не е само за навечер
Иако казеинот најчесто се поврзува со внес пред спиење, неговата корист не завршува тука.
Всушност, бавното ослободување на аминокиселини е исклучиво корисно и во текот на денот.
Тоа значи дека казеинот може да биде особено практичен:
– пред спиење
– помеѓу два оброци
– кога знаете дека нема да можете да јадете неколку часа
– пред и/или после тренинг
– во оброци и рецепти во кои сакате постепено ослободување на протеинот
Природна комбинација од казеин и сурутка
Казеин протеинот на КЕТО КУЛТУРА природно ја задржува структурата на двата главни млечни протеини: 80% казеин и 20% протеин од сурутка.
Тоа е моќна комбинација затоа што добивате и одреден побрз прилив на аминокиселини од сурутката и подолготраен прилив од казеинот.
Со други зборови, не се работи само за „бавен протеин“, туку за млечен протеин со доминација на казеин.
Совети околу внесот на протеини
Протеините во прав не се наменети само за шејк. Со нив се приготвуваат безброј рецепти, кето лебови, благи и солени оброци…
Воглавно, ако се разбере дека 30 гр протеин во прав содржат 26 гр чист протеин, тогаш можеме полесно да ја разбереме логиката на внесот.
Речиси секое месо содржи 25-30 гр протеин на 100 гр. Рибата содржи околу 18 гр протеин на 100 гр, во зависност од видот.
Ако во еден оброк сакате да внесете 50 гр протеини, можете да изедете 100 гр месо + порција протеин во прав која ќе го надополни остатокот. Бидејќи протеинот во прав исто така се користи како дел од разни оброци, фиксна доза реално не постои.
Има еден мит кој вели дека телото не може да искористи повеќе од 30 гр протеин внесен наеднаш. Тоа е одамна разбиена теорија, бидејќи телото може да искористи многу поголеми количини протеин. Ова не значи дека треба да внесуваме 200 гр протеин наеднаш, но фактот е дека телото е многу ефективно во искористување на протеините дури и во поголеми количини.
Организмот не го „исфрла“ автоматски протеинот над 30 гр. Внесениот протеин се вари и неговите аминокиселини се апсорбираат. Колку од нив во одреден момент ќе бидат искористени за МПС зависи од повеќе фактори – количината и квалитетот на протеинот, составот на оброкот, претходниот тренинг, вкупниот дневен внес и потребите на организмот.
Затоа многу поважно од опседнатоста со една магична бројка е да се обезбеди доволен вкупен дневен внес на протеин и негово разумно распоредување во текот на денот.
Колку пати дневно се консумира казеин?
Ако протеинот во прав го гледате како храна во прав, наместо како препарат, тогаш дозирањето станува појасно. Се зема онолку пати колку што сакате со него да ги внесете потребните количини протеини.
Затоа вистинското прашање не е: „Колку пати смеам да пијам казеин?“ туку: „Колку вкупно протеини ми требаат во еден ден?“
Тоа зависи од вашите цели, нивото на активност, начинот на вежбање и телесните параметри. За луѓето кои вежбаат со тежини или се занимаваат со други спортови, потребите за протеин се значително поголеми отколку кај луѓето со ниско ниво на физичка активност и треба да се определат според индивидуалната состојба.
Казеинот е особено корисен затоа што не мора да биде ограничен само на една специфична ситуација. Може да биде дел од дневниот протеински внес, а неговата бавна дигестија го прави особено практичен за максимална поддршка на мускулниот раст.
Европски квалитет – чист млечен протеин без ГМО и без непотребни вештачки додатоци. Дополнително, во ЕУ не е дозволена употребата на хормони кај кравите за постигнување поголем принос на млеко, додека во САД тоа е дозволено.






