Кето начинот на исхрана го решава модерниот проблем на постојано покачен инсулин и шеќер во крвта. Придобивките од тоа се безбројни.
Постои уште едно ниво понатаму, а тоа ниво носи уште посилни придобивки:
Интервално постење
Досега не пишував за интервалното постење бидејќи бев во процес на негово темелно изучување во пракса. Од ноември 2021 јас сум целосно на интервално постење, а од 2017-та сум на исхрана со ниска содржина јаглехидрати.
Знаете, Мускултура не е препис на готово од други преписи од веб страници, научни истражувања или нечии мислења.
Научните истражувања се ОК, постојат истражувања кои тврдат едно и секако други истражувања кои го тврдат спротивното. Ние овде се занимаваме со практични резултати од реалниот свет. Убаво е да читаш научни истражувања, но ние нашите заклучоци ги извлекуваме од гледање на резултати во живо односно од конзистентност на резултатите.
Главна карактеристика на интервалното постење (ИП)
Главната карактеристика на ИП е тоа што уште повеќе ја намалува фреквентноста на покачување на инсулин и шеќер во крвта.
Ова доведува до уште поефективно согорување на масти (а оттаму кетони – нус-производ од согорувањето масти, кој се користи како гориво) и природно зголемено покачување на хормонот за раст, или како што уште се нарекува, соматотропин. Soma = тело, Trophein = хранење, зацврстување, раст.
Ако гледате на интервалното постење од аспект на кетони и соматотропин, подобро ќе го разбирате од повеќето луѓе.
Колку е подолг периодот на непокачување на инсулин и шеќер во крвта толку повеќе телото ќе излачува хормон за раст и толку поефективно ќе функционира врз кетони. Во ова пресудна улога има и количеството на покачување на шеќер во крвта.
Значи едноставно гледано имаме два фактори:
- Фреквенција на покачување, односно колку пати дневно имаме качување на инсулин и шеќер [се решава со ИП]
- Количина на покачување инсулин и шеќер [се решава со КЕТО]
Затоа правилното интервално постење подразбира кето односно ниска содржина на јаглехидрати.
Како до максимум придобивки
Не може вечно да се пости без престан, но не треба ни прекратко. Тука има неколку фактори со кои мора да се маневрира во зависност од вашите цели за да се извлече максимум од сите аспекти. Тој максимум е максимум придобивки и здравје.
Зголемување мускулна маса
Доколку сакате да ја зголемите мускулната маса, не можете тоа да го сторите без вежбање и без внес на протеини и масти.
Доколку преку вежбање не стимулирате потреба за раст на мускулите а имате доволен внес на протеини и масти, мускулите нема да растат. Доколку стимулирате потреба за раст а немате доволен внес, мускулите нема да растат.
Потребата за раст ја поттикнува хормонот за раст, кој силно се појачува со правилно интервално постење.
Прашањето е како да се постигне максимално ниво на хормон за раст со маскимално ниво на синтеза на протеини (вградување протеини во мускулите, т.е. мускулен раст).
Колку е доволно за да се стимулира потребата за мускулен раст? Ако се претера со вежбањето, тоа ќе го потисне стимулот за мускулен раст. Ако е преслабо, нема доволно стимул. Ако е доволно, тогаш колку протеини и масти се доволни? Тоа е најбитно за да се постигнат максимум бенефити од хормонот за раст, од вашето вежбање и исхраната.
Слабеење
Правилното интервално постење е најсилниот метод за здраво слабеење.
Вежбањето не е предуслов за интервалното постење да функционира. Но правилното вежбање го појачува ефектот и ќе остварите придобивки од повеќе аспекти.
На овој начин се гради мускул додека се топи вишокот сало. Доколку немате вишок сало за топење, со регулирање на внесот на храна може да се одржува постојан процент на телесни масти без негово намалување, а може и да се покачи тој процент.
Значи интервалното постење и исхраната со ниска содржина на јаглехидрати не се автоматско слабеење. (Инаку човештвото ќе исчезнеше пред стотици илјади години.)
Интересно е што количините за тоа колку протеини, масти и јаглехидрати нѝ се потребни се поинакви со ИП отколку при исхрана со 3-4 оброка и закуски. Во ИП некои „закони“ се менуваат. Телото не се однесува исто како со 3-4 оброка. Всушност, се однесува драстично поинаку.
Тоа се одразува на физичката и умствената состојба, нивото на енергија, емоциите, волјата, издржливоста, бистрината, здравјето, кожата (да, најчесто исчезнуваат и акните)… Сите овие нешта зрачат, а со тоа се менува и начинот на кој ве доживува околината.
Гладување
Да расчистиме малку околу терминологијата.
Интевалното постење НЕ Е ГЛАДУВАЊЕ НИТУ ВОЗДРЖУВАЊЕ. Мора да го кажам ова бидејќи при правилно интервално постење, односно правилна исхрана, вие нема да имате напади на глад. И нема да треба да се терате да не јадете. Затоа „нејадење“ е поправилно отколку „гладување“. Тие што го нарекуваат „гладување“ не ја разбираат суштината на ИП, најверојатно бидејќи и самите никогаш не стигнале до точка да ги искусат неговите бенефити.
Дури и зборот пост не е сосема точен бидејќи има конотација на воздржување. Но ќе нѝ послужи како термин.
Интервали
ИП се практикува во интервали. Односно имате временски период во кој јадете еднаш или два пати во денот и потоа период на нејадење.
Колку е поголем периодот на нејадење толку е поголем бенефитот од постењето, но ова мора да е во корелација со вашите цели и состојбата.
Може да јадете два пати во 8 часа (16 часа пост), два пати во 6 часа (18 часа пост), или уште подобро два пати во 4 часа (20 часа пост). Секако, 4, 6 и 8 не се фиксни периоди, туку се дадени како примери. Значи и 5 со 19 е ОК, 7 со 17 е ОК.
Она што е битно е да се стигне до ова правилно, за да може да се практикува овој начин на долги стази и без враќање на старите шаблони.
Исто така може да се јаде и еднаш, а повремено да се пости и по повеќе денови. Тоа носи уште повеќе придобивки но бара правилно прилагодување, не само за да се издржи, туку и да може нормално да се живее притоа.
Целта на Мускултура не е да биде уште една обврска против која ќе морате да се борите во животот. Целта е да ви ја зголемиме силата во вашите стремежи.
Другите варијанти, како на пример од 7 дена, 2 дена правам ИП, се површни верзии, бидејќи ако разбирате што ИП им прави на хормонот за раст, другите хормони и телото, зошто не би го практикувале целосно? Зошто би се лишувале од максимумот придобивки?
Зошто не би јаделе со помала фреквентност? Ќе изгубите на задоволства? НАПРОТИВ.
Со рецептите што ги имаме во Мускултура, јас никогаш претходно не сум уживал толку во храната. Да, за сè што знаете што е вкусно а не баш здраво, постои здрава и вкусна варијанта. Често и повкусна.
Здравите лебови и благи се ДАЛЕКУ поубави од најубавите лебови и слатки од супермаркетот.
Ова се должи на најмалку две причини од кои втората е бесценета:
- Реално храната може да биде повкусна
- Сетилата се далеку поизострени = поголем степен на уживање
(Кога почнав со кето, мислев дека ништо на светот не може да ги замени чоколадните кремови но бев подготвен да се помирам со тоа и да се откажам од кремови и чоколади. Се помирив, но залудно било – увидов дека има здрави варијанти. Кремовите се сега далеку поубави и повкусни, за здрави да не збориме. Сето тоа без стрв, со вистинско нахранување. А уживањето е бонус. По јадењето благо нема паѓање во кома. Напротив, има енергија. Овие благи рецепти се полни со здрави масти и протеини, диетални влакна и минерали.)
Денешната култура нè учи да конзумираме и трошиме во КОЛИЧИНИ, всушност и тоа се гледа насекаде. Огромни количества храна, благо, грицки и „задоволства“, кое е одразено и во честите, постојани закуски. За да уживаш не мора тоа да е често и обилно. Често и обилно е тоа на кое нè учи модерната конзумерска политика.
Уживањето не е квантитет, тоа е квалитет. Некој за 5 минути може да искуси поголемо задоволство од некој друг што може во двонеделен одмор на плажа.
Кога нема квалитет, луѓето потсвесно заменуваат со квантитет.
Но ако го зголемиш квалитетот, тогаш се намалува потребата за квантитет. Тоа е малку (МНОГУ) спротивно на општата интенција на денешната култура бидејќи таа сака да трошите. Затоа и ова останало „скриено“ и покрај тоа што е доста едноставно за сфаќање.
(И за разлика од тоа како некои би сакале да мислите, овој начин на исхрана, заедно со благите и сите рецепти е далеку поевтин. Но финансиската заштеда која доаѓа од самите оброци во споредба со стандардната исхрана е неблагодарно да се мери бидејќи заштедата е многу поголема од едноставната парична разлика помеѓу двата начина на јадење бидејќи резултатите се одразуваат врз целиот живот.)
ИП овозможува телото да направи повеќе со помалку храна. Односно, ја намалува реалната потреба од храна и калории за нормално функционирање што значи далеку поефикасно ги искористува. Штом храната и калориите се употребени поефикасно, тоа значи дека автоматски нема остатоци односно вишоци кои ќе се складираат. На овој начин телото работи на жив, произведувачки, а не складирачки начин. Односно, работи така како што било создадено да работи.