Ми се јави родител, вознемирен од проблемот на својот млад син. Синот не внесува доволно храна, но консумира гејнер со 100 грама шеќер во доза и вежба тежински тренинзи по 2-3 часа секој ден. Често се карале, а синот станувал сè поагресивен.
Агресијата не е изненадување. Тој е под хроничен стрес од прекумерното вежбање и инфламацијата предизвикана од шеќерот. Ова дополнително се влошува од конфликтите со родителот и другите секојдневни стресови.
Разговарав и со синот. Забележав дека е многу интелигентен и луциден. Но, без разбирање на механизмите на своето тело, опкружен со набилдани другари и тренери кои му продаваат гејнери и кофеински преворкаути мотивирани од 200-300 ден. ќар, кои со цел памет го поттикнуваат да вежба по 2-3 саати… животот му станува значително покомплициран.
Слично на овој начин сè поголем број млади се вртат и кон употребата на стероиди. Наместо да стекнуваат дисциплина преку вистински бодибилдинг и здрав третман на себеси, се создаваат стреснати генерации кои сакаат брзи резултати, без осет за последици!
Тој е убеден дека така ќе качи маса, но не сфаќа дека качува шеќер, сало и го потиснува метаболизмот, тестостеронот и хормонот за раст. Кортизолот доминира, а животот му станува тежок и напнат. Замислете го страдањето на родителот во ваква ситуација, сигурно е многукратно поголемо.
Мојата порака со овој текст е дека постојат многу луѓе со натпросечен потенцијал но во пустата желба за одобрување од околината, остануваат на места каде не припаѓаат, со луѓе кои не им се достојни.
Ова се случува кога човек нема практично знаење за круцијални сегменти од животот, кое не се учи во стандардната едукација. Тогаш лесно станува подложен на „готови“ совети од несвесни единки, чии упатства често водат до катастрофи. Во ваква ситуација, човек нема реална и трајна самодоверба. Единственото „знаење“ на детето во овој случај доаѓа од мускулите на тренерот, а самодовербата што ја има не е негова, туку на тренерот. Ако погледнете 1 мм под површината на ваквиот тренер, ќе видите дека самиот тој поизгубен не може да биде – наместо самодоверба, поседува тврдоглава убеденост дека знае најдобро.
Оваа ситуација е микрокосмос, т.е. типичен пример за тоа што му се случува на светот – населението прима совети од „пријатели“ кои мислат дека знаат најдобро, а здравствените статистики никогаш не биле полоши! Анксиозност, депресија, срцеви заболувања, вишок килограми, дијабет, висок притисок, неенергичност – стандардни состојби. Ги слуша експертите и се храни, се бања и се облекува во токсини изведени од петролеум!
Човек престојува во недостојни околини кога не е свесен за својата вредност и кога мисли дека некои туѓи особини се вредности кога не се. Опкружувањето за него е огледало од кое црпи одобрување кое никогаш не доаѓа, бидејќи постојано мора да го прилагодува своето однесување во напор да удоволи и да биде прифатен. Не може да излезе од стапицата бидејќи најчесто не знае дека е заробен. И тоа нема врска со годините! Вакви ситуации за жал се пречести, и им се случуваат на луѓе од сите возрасти.
Околината може да е проблем, но решението е во практична едукација. За тоа постои специфичен коучинг преку кој може да се работи на својот личен напредок. Вистинската самодоверба расте преку зголемување на знаењето и позитивните резултати во животот. Тоа е единствениот пат за излез од стапицата. Многу е поубаво да одиш напред во животот отколку да чекориш наназад трагајќи по одобрување од недоветни. Нивното одобрување е всушност „коучинг“ во насока на преточување, каде настануваат луѓе по истиот модел – тврдоглави, убедени дека знаат најдобро, а притоа не можат да погледнат подалеку од сопствените уверувања.
Дино Николиќ
Креатор и автор на Мускултура
Здравствен тренер
Фитнес инструктор и тренер за кондиција и сила
Сертификуван нутриционист
04.01.2025