
Бројот на млади луѓе кои вежбаат со тежини расте и тоа е за поздрав. Меѓутоа вежбањето со тежини не е црно-бело, бидејќи постојат многу фактори кои треба да се запазат. Тоа не е обична „физичка активност“.
Многу од младите прават големи грешки со вежбањето и исхраната, внесуваат кофеин за да вежбаат „појако“, не се загреваат правилно, несоодветно ги покачуваат тежините во тренинзите, сакаат побрзи резултати и затоа се склони да користат препарати кои не им одат во прилог. Ова се грешки што стандардно се прават и од искусни вежбачи. Со таа разлика што грешките кај младите не секогаш се гледаат брзо, тие имаат во просек подобар хормонален профил и немаат акумулирано доволно штета за видливо да се прелее чашата. Но штетата постои дури и кога не се гледа.
Еден ваков пример од нашето искуство е млад човек чиј родител, вознемирен од неговиот проблем се обрати за помош. Синот не внесува доволно храна, но зема гејнер со 100 грама шеќер во доза и вежба тежински тренинзи по неколку часа секојдневно. Имаат чести расправии, а синот станувал сè поагресивен.
Агресијата е изненадување за родителот, но кога ќе ги погледнеме околностите, таа е логична последица. Синот бил под хроничен стрес од прекумерното вежбање и инфламацијата предизвикана од шеќерот. Ова дополнително се влошувало од домашните конфликти и другите секојдневни стресови.
Разговаравме и со синот. Исклучително интелигентен и луциден млад човек. Но, без разбирање на механизмите на своето тело, во друштво на врсници (кои мислат колку повеќе толку подобро) и тренери кои му продаваат гејнери и кофеински преворкаути, кои со цел памет го поттикнуваат да вежба по неколку часа… животот му станува значително покомплициран.
Слично на овој начин сè поголем број млади се вртат и кон употребата на стероиди. Наместо да стекнуваат дисциплина преку вистински бодибилдинг и здрав третман на себеси, се создаваат стреснати генерации кои сакаат брзи резултати, без чувство за последици! Сакаат да бидат видени и прифатени, да изгледаат како „идолите“ на сјајните инстаграм и тик-ток видеа кои некако ја поставуваат границата за тоа што е прифатливо, а што не.
Тој е убеден дека така ќе качи мускулна маса и ќе изгледа посилно и поубаво, но не сфаќа дека качува сало, шеќер во крвта и го потиснува метаболизмот, тестостеронот и хормонот за раст. Кортизолот доминира, а животот му станува комплициран и напнат. И тоа не само неговиот живот.
Постојат многу луѓе со натпросечен потенцијал но во пустата желба за одобрување од околината, остануваат на места каде не припаѓаат, со луѓе кои не им се достојни.
Ова се случува кога човек нема практично знаење за овие сегменти од животот, што за жал не се учи во стандардната едукација. Тогаш лесно станува подложен на „готови“ совети од несвесни единки, чии упатства можат да водат до катастрофи. Во ваква ситуација, човек не може да се здобие со реална и трајна самодоверба. Единственото „знаење“ на момчето во овој случај доаѓа од мускулите на тренерот, а самодовербата што ја има не е негова, туку на тренерот. Ако погледнете 1 мм под површината на ваквиот тренер, ќе видите дека самиот тој поизгубен не може да биде – наместо самодоверба, поседува тврдоглава убеденост дека знае најдобро. Постојат извонредни тренери, но ова не е таков случај.
Ваквите ситуации се типичен пример за тоа што му се случува на светот – населението прима совети од „пријатели“ кои мислат дека знаат најдобро, а здравствените статистики никогаш не биле полоши! Анксиозност, депресија, срцеви заболувања, вишок килограми, дијабет, висок притисок, неенергичност – стандардни состојби. Ги слуша експертите и се храни, се бања и се облекува во токсини изведени од петролеум!
Човек престојува во недостојни (физички или дигитални) околини кога не е свесен за својата вредност и кога мисли дека некои туѓи особини се вредности кога не се. Опкружувањето за него е огледало од кое црпи одобрување кое никогаш не доаѓа, бидејќи постојано мора да го прилагодува своето однесување во напор да се вклопи и да биде прифатен. Не може да излезе од стапицата – не гледа дека е заробен. И тоа нема врска со годините! Вакви ситуации за жал се пречести и им се случуваат на луѓе од сите возрасти.
Многу полесно е да чекориш напред во животот отколку наназад трагајќи по одобрување од фигури со лажен сјај. Нивното одобрување е всушност „тренинг“ во насока на преточување, каде настануваат луѓе по истиот модел – тврдоглави, убедени дека знаат најдобро, а притоа не можат да погледнат подалеку од сопствените уверувања.
Околината може да е проблем, но решението е во практично знаење и работа на својот личен напредок. Вистинската самодоверба = зголемување на знаењето + позитивни резултати во животот. Тоа е единствениот пат за излез од замката и најдобрата заштита од негативните влијанија.
Сакате да го примените ова во вашата конкретна ситуација?
Закажете бесплатна консултација





