Сте приметиле дека кога вежбате сте порасположени, а кога нема да вежбате неколку дена или повеќе – некако свежината на расположението веќе не е таа истата, телото малку како да закржлавува, се јавуваат некои болки ваму и таму…
Вежбањето со тежини, освен што има благопријатен ефект врз мускулите и хормоните, има и благопријатен ефект врз духот. Го прави човек порасположен, поенергичен, поспремен во животот, пожив и побуден. Дава елан.
Тој елан е бонус од вежбањето.
1. ВЕЖБАЊЕТО ГО ПОДОБРУВА РАСПОЛОЖЕНИЕТО
(ДОКОЛКУ ВЕЖБАЊЕТО Е ПАМЕТНО).
И:
2. ЕФЕКТОТ НА ПОДОБРЕНО РАСПОЛОЖЕНИЕ ТРАЕ ОКОЛУ 2 ДЕНА.
За жал, повеќе вежбање не значи уште подобро расположение. Но паметно вежбање дава подобро расположение.
При престанок на вежбањето или со пауза поголема од неколку дена – еланот и подобрувањето на расположението кои настанале како резултат од вежбањето ќе почнат да исчезнуваат.
Секој човек па и најсреќниот на светот, доколку почне да вежба ќе се чувствува уште подобро. Но доколку престане да вежба, плусот што му бил даден ќе си замине. Тоа е причината зошто клапнуваме после период на невежбање.
Вежбањето е многу, многу ефективен начин до подобро расположение. Доколку сакате да го добиете бонусот, почнете да вежбате. Доколку сакате да го задржите бонусот од вежбањето, не престанувајте да вежбате.
Затоа:
Вежбањето е активност која треба да се одржува целиот живот.
Замислете да постоеше апче за подобро расположение без негативни последици. Ќе го купувавме секој ден.
Вистината е дека такви апчиња постојат. Паметното вежбање е такво апче. Паметната исхрана е такво апче. Добриот сон. Витамините и минералите во правилен сооднос се такво апче. Работата на себе.
Кога престануваме да вежбаме бонусот си оди и се чувствуваме малку помалку убаво. Ова исто така нѝ кажува дека луѓето што вежбаат нередовно, често ќе искусуваат промени во нивното генерално чувство бидејќи самите се носат нагоре, потоа не истрајуваат и паѓаат надолу. (Постојат две причини зошто е ова така.)
Доколку вежбањето не е правилно или не оди според равенката за прогрес, веројатно е дека ќе има сличен ефект како престанок на вежбање. И во тој случај може да падне еланот, односно бонусот од вежбањето иако вежбаме. Зависно од тоа колкави се грешките, не само што може да се изгуби еланот, туку тоа може да продолжи и подлабоко, резултирајќи во нервоза, напнатост, умор, чувство на ненаспаност, итн.
Колку порано се сфати ова, толку попродуктивно ќе биде вежбањето.
Првата работа што треба да се сфати за вежбањето е дека тоа е нешто што се прави секогаш, исто како што цел живот треба да се тушираме, да миеме заби, да сечеме нокти, итн., па дури и немаме избор – овие основни работи мора да се прават доколку сакаме да немаме неизмерни проблеми од нивното непрактикување.
Поентата е дека и овие активности даваат елан: миење заби, сечење нокти, туширање. Обидете се да не ги правите некое време и видете како ќе се чувствувате. Вие секој ден и во оваа секунда ги уживате бенефитите од правењето на овие активности. Инаку во овој момент, доколку би биле со неизмиени заби, неисечени нокти или небањати, би се чувствувале помалку или повеќе полошо!
Вежбањето не е еднократна операција или зафат. Исто како и исхраната.
Вежбањето е професионален став и професионален третман кон СЕБЕСИ.
Исправното живеење и сите убавини во животот се нешто што треба да се одржува. Добрата форма се губи ако не се одржува, а најдоброто „одржување“ е подобрување.
Овие работи во животот бараат постојана инволвираност од наша страна. Таа инволвираност е наше директно учество во нашата среќа.
Убавините во животот може да ги има само ако секојдневно работиме на нив и ако тоа работење е исправно. Исправно е онолку колку што носи подобрување во животот во споредба со влошување. Ако крајниот нето резултат од нашите постапки е подобрување, до тој степен сме исправни.
Затоа специјалноста на Мускултура е подобрување во телото и духот.