Внесени наспроти потрошени калории – час по сметководство?
Да мислиш дека главната причина за вишокот килограми е внесот на калории е исто како да мислиш дека главната причина за пожар е оганот.
Или дека главната причина за војната е оружјето.
Или дека главната причина за стврднати артерии е холестеролот (бидејќи се наоѓа во составот на талогот).
Или дека главната причина за калцификатите е калциумот.
Па затоа повеќе се плашиме од оружје отколку од ниски морални вредности.
Затоа не се зема предвид дека холестеролот и калциумот немаат НИКАКВА врска со талогот или калцификатите, бидејќи ПОВЕЌЕТО луѓе со талог и калцификати немаат високо ниво на холестерол или калциум!
Но тоа е најголемото заболување од сите: површноста.
View this post on Instagram
Во однос на калориите, поголемиот дел од медицината, нутриционистите и тренерите имаат сметководителски пристап. Тие мислат дека влезено наспроти излезено го дава салдото и крај.
Но секогаш кога човек ќе ослабе или ќе се здебели – разликата може да се претвори во калориски износ. Калориите се само мерна единица!
Колку согорува организмот, која е неговата стапка на согорување, каква храна внесуваме, КАКО ЌЕ СЕ ЧУВСТВУВА ЧОВЕКОТ ДОДЕКА ЖИВЕЕ – тоа е ВАЖНО.
Односно, каков е резултатот во неговото ЗДРАВЈЕ е тоа што е важно. Секое слабеење и дебелеење може да се претвори во математика. Но ние не сме сметководители.
500 калории од леб и 500 калории од бадеми немаат ист ефект, всушност имаат драстично различни ефекти врз нас. Видот на намирниците и количеството и соодносот на протеини, масти и јаглехидрати директно влијае врз степенот на потрошувачка на калории.
Човек што јаде 500 калории преку бел леб ќе има многу поинаква целокупна ефикасност на организмот и сосема поинаков метаболизам во споредба со тоа доколку би изел 500 калории преку бадеми, тогаш ќе има сосема други ефекти и метаболичка стапка (стапка на согорување на храната). Сосема различни хормонални ефекти.
И во двата случаи можете математички да пресметате колку внел и колку потрошил. Денешната едукација нè учи дека внесеното наспроти потрошеното е ГЛАВНИОТ ДВИГАТЕЛ за слабеење или дебелеење. А таа едукација – особено во фитнесот, нутриционизмот и здравството – генерира роботско размислување. Роботот е произведен на лента и смета дека сите сме на лента. И има вградени шаблони и критериуми со готови пресметки, наместо расудување. Да не беше така, ќе бевме најздравиот жив вид на планетата Земја, наместо најболниот. Немаше за 50 години да упропастиме стотици илјади години опстанок на Хомо Сапиенсот, во кои 50 години тој е во најлоша здравствена и метаболичка состојба од сите претходни. Роботизмот е сериозен проблем.

Состојбата на роботизам не сфаќа дека:
500 калории од леб ќе активираат многу инсулин и веднаш процес на инстантно дебелеење.
500 калории од бадеми нема да активираат многу инсулин и нема процес на дебелеење.
Во превод излегува како тие всушност да мислат дека 500 евра стекнати од грабеж и 500 евра стекнати со работа се еднакви.
Да не зборуваме за другите последици после лебот. Стрв, немање енергија, поспаност, итн., наместо виталност, сила, енергија, будност, ЕЛАН.
И не е само лебот, ова е прост пример. Тука е оризот, компирите, тестенините… Тука се јаглехидратите кои преовладуваат во денешната исхрана директно потпомогнати од сите штетни додатоци кои нашироко се употребуваат во исхраната. Овие додатоци имаат исто толку лош ефект. Во случајов со денешната општа исхрана, нема разлика што дел од јаглехидратите се сложени. Комбинаториката е таква што резултатот е оштетување.
Гледате – 500 калории можат да доведат поспаност, умртвеност и 500 калории можат да донесат будност и елан. За да имаме поголема контрола врз тоа дали ќе добиеме кома или елан, мора да навлеземе малку подлабоко во калориите и да видиме ОД КАДЕ ДОАЃААТ. Да видиме колку ПРОТЕИНИ, МАСТИ И ЈАГЛЕХИДРАТИ внесуваме.
Не велам дека калорискиот внес не е воопшто битен. Но потенцирам дека е далеку од најбитен.
Тежината е диктирана од тоа какви инструкции им давате на вашите хормони преку начинот на исхрана, вежбање, сон и животни навики, што одредува дали храната ќе се употребува кон градење сало, воспаление, умор, слабеење (здраво/нездраво), или регенерација, подобра мускулна маса, енергија и елан.
Тоа ја прави исхраната правилна или неправилна – степенот до кој таа ве умртвува, ве разболува или до кој ве оживува и ве држи здрави и силни.
Секоја храна може да се преведе во калории. И бензинот и нафтата имаат калориска вредност. И протеинот има калориска вредност но тој не се троши како јаглехидратите или како мастите. И секако овие три макронутриенти произведуваат потполно различни ефекти во организмот.
Прашањето е: дали мериме калории во неправилна исхрана или мериме калории во правилна исхрана?
Човекот е живо суштество кое живее живот. Не е сметководствена пресметка.

Дино Николиќ
Креатор и автор на Мускултура
Здравствен тренер
Фитнес инструктор и тренер за кондиција и сила
Сертификуван нутриционист
16.11.2025
П.С. Да, и во мојата обука за фитнес тренер и нутриционист преовладуваше идејата за калориите. Мојот увид во нештата се должи на далеку пообемен материјал и искуство од тоа што се учи на лентата.







