Главните причини за испакнат стомак и акумулација на масни ткива во пределот на половината се ХРОНИЧНО ВИСОК КОРТИЗОЛ и ХРОНИЧНО ВИСОК ИНСУЛИН.
Проблемот не е со дефект во хормоните, туку во живеењето. Од тој дефект настануваат другите дефекти.
Под висок кортизол и висок инсулин не подразбираме хормонални проблеми од типот на 24/7 неисправност на жлездите. Зборуваме за постојано механичко активирање на инсулин и кортизол преку денот.
Хронично висок инсулин и кортизол не секогаш може да се видат на крвна анализа, бидејќи проблемот не е во утринското ниво на кортизол или инсулин, кои можат да бидат и нормални, туку во нивните чести вивнувања преку ден. Кај сè поголем број луѓе, со секојдневните навики и начинот на живот – инсулинот и кортизолот пречесто се излачуваат во текот на денот. Тоа значи хронично висок кортизол и инсулин. Со правилни чекори, овие чести вивнувања можат да се спречат.
Тестот на инсулин можеби покажува нормално ниво, но подоцна во денот јадеме овесни снегулки, ориз, компири, леб, тестенини, благо, пиеме сокови – односно имаме абнормален внес на јаглехидрати. Тоа води кон често и високо излачување на инсулинот во текот на денот. Таквото излачување е здрава и неопходна реакција! Исто како што модрицата е здрава и неопходна реакција на удар. Но ударот не е здрав и неопходен! Луѓето се постојано под удар на својата исхрана. Секојдневно и со години. Затоа здравствените статистики НИКОГАШ не биле полоши. Преку 50% од луѓето имаат прекумерна тежина. Никогаш претходно немало повисоки стапки на неплодност, рак, дијабет и срцеви проблеми.
Но имањето редовно покачен инсулин заради јаглехидратната исхрана ДИРЕКТНО води кон дебелеење, дијабет, висок притисок, умор, неплодност, срцеви заболувања, итн.
Тоа значи ВИСОК ИНСУЛИН.
На овој начин подоцна се случува дополнително влошување во хормоналниот систем и телото уште позасилено почнува да излачува инсулин кој веќе се гледа на утринскиот тест преку крв. Да, но тогаш веќе постои ФИЗИЧКО ВЛОШУВАЊЕ. И стандардниот пристап е третирање со лекови (хемија). Добредојдовте во здравствениот систем на планетата Земја. Никој нема да го праша „пациентот“ колку грама ориз и леб јадел дента, бидејќи и тој што би го поставил прашањето најчесто јаде на истиот начин! Погрешната исхрана е невидливиот проблем.
Но, тоа што го прави невидлив се погрешните препораки кои доаѓаат од припадниците на житната култура со нивната пирамида на исхраната.
Житна култура: приврзаници на специјализирање во јадење јаглехидрати преку житарки и зрна; тие се против месото и чистите животински масти; голем дел од нив говорат за спортот како паметна работа иако не го практикуваат и говорат за мускулна маса како нешто наменето само за мала група луѓе (бодибилдери). Со други зборови, житната култура е дисциплина на зборување (зборувачка култура) која пренесува излитени препораки за здравје, кои применети – дополнително ги влошуваат здравствените статистики.
Препораките за тоа како да се јаде (заедно со фанатичната пирамида на исхраната) доаѓаат од житната култура. Повеќе за нив можете да прочитате тука и тука.
View this post on Instagram
Друга препорака е дека дневно е ОК да се пијат 4-5 кафиња. Тоа е рецепт за висок кортизол. Висок кортизол автоматски значи и висок шеќер во крвта бидејќи кортизолот предизвикува покачување на шеќерот, без разлика дали сте јаделе јаглехидрати или не. Енергетските пијалоци исто така го вивнуваат кортизолот. Алкохолот. Препораките се од сè по малку – умерено. Малку алкохол, 3-4 кафенца, по некој енергетски пијалок и добивате денешна стандардна состојба: анксиозност, негативни мисли, панични напади, депресија, промени во расположение. Вишок килограми, акумулирано масно ткиво во стомакот и/или бутовите. Наутро кога ќе правите тест на кортизол, тој може да биде сосема во нормалните граници. Но во текот на денот после кафињата нема да биде. Тука се случува штетата.
Повеќе околу факторите кои можат да го покачат и да го држат покачен кортизолот прочитајте тука.
Истото важи и за покачен шеќер. Кај многумина шеќерот на тест ќе биде во нормала иако преку целиот ден со исхраната го држеле покачен. Штетата настанува ВО МОМЕНТИТЕ кога се живее со висок шеќер, инсулин или кортизол.
Момент по момент, штетата се акумулира. Така метаболизмот се успорува, а организмот старее.
Затоа:
Здравиот начин на живот специјализира во максимум моменти на оптимална функција на хормоните и организмот. Тоа води кон подмладување.
Иако многумина на животот гледаат општо, неговите градбени единици се моментите. Затоа секоја промена почнува и се одвива во СЕГА. Сè друго е залажување на себе си.
Истото важи и за многу други хормони. На пример, хормонот за раст. Покачениот шеќер во крвта го потиснува хормонот за раст. Доколку преку ден го вивнувате шеќерот во крвта, тоа значи потиснат хормон за раст преку ден. Доколку пред спиење го вивнете шеќерот, тоа го потиснува хормонот за раст токму кога е најпотребен. Наутро, доколку направите тест, сè можеби ќе излезе ОК. Хормонот за раст се покачува до некаде откако бил потиснат и на крвната анализа може да излезе ОК. Но ефектите кои требал да ги создаде за време на ноќта, обновување, закрепнување, зајакнување, мускулен раст и слабеење, итн., итн., – не ги создал. Тоа не секогаш се гледа на тест но секогаш се гледа во животот: намалено ниво на енергија, слаб мускулен раст и покрај вежбање, нема слабеење, качување килограми, нервозност, иритабилност, умор, падови на енергија, брчки…
Крајниот тест е СТЕПЕНОТ НА ЖИВОСТ како основа на КВАЛИТЕТОТ НА ЖИВОТОТ.
Дино Николиќ
Креатор и автор на Мускултура
Здравствен тренер
Фитнес инструктор и тренер за кондиција и сила
Сертификуван нутриционист
18.05.2024