„НЕ СОДРЖИ ШЕЌЕР“ – Јеееееа, бидејќи сега со овој путер од кикирки/протеинско јогрутче/крекер/пудинг/спортски напиток/чоколадо/протеински бар/шејк, конечно ќе можеме да уживаме во убавината на животот.
Жалната вистина е дека доколку не содржи шеќер а е засладено, најчесто содржи нешто полошо.
Во случајот со путерот од кикирики среќаваме МАЛТИТОЛ наместо шеќер. Малтитолот го покачува нивото на шеќер во крвта и не е добра замена за шеќер. Дополнително, тој често се користи со стариот трик, особено во путерите и кремовите, каде пишува „СО СТЕВИЈА“ или „ЗАСЛАДЕНО СО СТЕВИЈА“ на предниот дел на амбалажата, но на задниот дел кај составот со мали букви ќе видите дека содржи малтитол.
Уште полоши варијанти:
Не содржи шеќер ама затоа содржи ацесулфам-к и сукралоза, два вештачки засладувачи кои ја пореметуваат цревната флора и креваат инсулин без притоа да се крене нивото на шеќер. Покрај стандардната исхрана ова значи дополнително силување на панкреасот – жлездата што излачува инсулин. Тоа води до инсулинска резистенција (отпорност) а тоа значи дека иако има инсулин во крвотокот, телото не може да ја послуша неговата наредба да го оттргне вишокот шеќер од крвта, па затоа жлездата лачи уште повеќе за да го натера телото да слуша. Ова води кон влошување на способноста за излачување инсулин. Да не зборуваме за пропратните негативни ефекти врз срцевото здравје, висок крвен притисок и преостанатите безброј негативни последици.
Замислете што се случува кога во крвта нема покачено ниво на шеќер, а преку грешки во исхраната го покачувате инсулинот, како со вештачките засладувачи? Се создава една состојба која во медицината, науката и општо, е позната како хаос.
Само една од негативните последици на вештачки покачен инсулин е намалување на моменталното ниво на шеќер без разлика дали било високо или ниско (инсулинот го оттргнува шеќерот од крвта). Ова може да предизвика главоболка, брзо чукање на срцето, растресеност, глад, умор, збунетост, неспретност, потење, итн. А ова се само ситниците – краткорочни, моментални ефекти.
Доколку ова е застапено во нашата исхрана, ние иако сакаме сè најдобро за нас и другите коешто е евидентно во нашите меѓусебни честитки за Нова Година, родендени и свадби кога си посакуваме прво здравје секојпат – сепак несвесно работиме против самите себе.
Стевијата е добар засладувач. Но и неа ја мешаат со вештачки засладувачи. Еритритол е добар засладувач. Слична конструкција и вкус има како белиот шеќер само сосема друг ефект. Не покачува воопшто шеќер во крвта. Има 70% од блажината на шеќерот.
Има начини за заблажување без тортура на телото. Мораме сами да ги бараме бидејќи производителите нема да ги бараат за нас. Тие најчесто следат што бараме и тоа нѝ го даваат.
– „Барате вкус? Еве вкус.“
После 20 години: – „Ама канцерогено е.“
– „Да, но вие баравте вкус, а не здравје. Еве сега, ова е без канцер.“
10 години потоа: – „Ама ова крева инсулин.“
– „Вие баравте ’без канцер‘.“
Друга омилена состојка на денешната цивилизација (омилена е за многу од производителите, но и консументите радосно ја внесуваат не погледнувајќи во сложеностите на етикетата) се појачувачите на вкус, од кои најзастапениот ќе го најдете како моносодиум-глутаминат, мононатриум-глутаминат, моносодиум-глутамат, мононатриум-глутамат (сите овие се истата состојка), под кодното име Е 621.
Го има во 99.9% од сите сувомеснати производи, зачини (вегети, по нашки), конзервиран гулаш, готови супи, чипсови, паштети, зачини за скара, во голем дел од сосовите. Ова се вика напад од речиси сите можни страни.
Оваа состојка го тера панкреасот да го зголеми нивото на инсулин без разлика дали сте внеле шеќери/јаглехидрати.
Со хаосот доаѓа и конфузија за телото. Еден пример за ова е двонасочниот фидбек канал на панкреасот со нивото на шеќерот во крвта. Ова значи дека кога нивото на шеќер во крвта се зголемува, панкреасот добива информација и почнува да излачува повеќе инсулин. Кога нивото на шеќер во крвта ќе се намали, панкреасот повторно добива информација и го намалува излачувањето на инсулин.
Гледате колку телото си знае што да прави освен доколку не го збунуваме непотребно, како што тоа е специјалност во нашето денешно време. Сите рафтови се полни со збунувачи. Воздухот, препаратите, изобилство од збунувачи. Тоа ЈА ЗГОЛЕМУВА потребата од превентива, вежбање, исхрана, сон, витамини и минерали во правилни количини и сооднос. Да, ова нѝ кажува дека човек денес мора да се грижи за себе и да се заштити далеку повеќе отколку човекот во 1850 година. (Човекот во 1850 година не живееше во ауспух и во негово време ја немаше радијацијата од близу 3-те илјади испукани атомски бомби, па полемизирајте сега вие за „штетноста“ на 2 гр витамин Ц!)
Тоа непотребно збунување се гледа во состојбата на здравјето, изгледот и телесната структура на луѓето на оваа планета, а овие фактори некако одат во ист правец сите заедно. (Само погледнете снимки од 60те или 70те години од 20-от век во која било држава и видете ги луѓето како изгледале и во тело и во расположение.)
Вие се наоѓате во оваа цивилизација, но не мора да бидете дел од нејзината генерална насока во (не)здравјето.
На сите нездрави напади мора да се возврати ударот со далеку посилно здравје. Оние кои можат да го разберат ова и кои се волни да го прават тоа што е потребно имаат шанса за поквалитетен живот. На останатите им преостанува да се надеваат на подобро здравје во своите честитки.
Дино Николиќ
Креатор и автор на Мускултура
Здравствен тренер
Фитнес инструктор и тренер за кондиција и сила
Сертификуван нутриционист
26.11.2022