Вежбање со цел да се реконструира телото значи:
Планирано применување на физички стрес со цел да се произведат посакуваните промени.
Хормоните понатаму го спроведуваат процесот на ремоделирање со кој посакуваните промени се гравираат во вашата мускулатура.
Видот и обемот на стресот наметнати врз телото, ги одредуваат видот и обемот на промените во телесната структура и форма.
Телото секогаш ќе се обидува да се приспособи на активноста (или неактивноста) која му ја наметнувате. На пример ако редовно трчате на долги стази, телото ќе се обиде да се прилагоди на состојбата и стресот од трчањето така што ќе почне да се ослободува од тежината. Таа е терет и го отежнува трчањето. Ова е пример кој служи да ја објасни природата и механиката на телото, а не совет дека ако сакате да ослабете треба само да трчате. Честото и долготрајно трчање има и негативни хормонални ефекти. Мускулите се дел од тежината. Телото ќе се стреми и нив да ги троши.
Тоа е причината поради која маратонците се слаби.
Телесните адаптации коишто настануваат како резултат на вежбањето со тежини, не се автоматски позитивни за здравјето и вашиот изглед. Потребно е да го подложите телото на таков вид и обем на стрес којшто ќе ги предизвика посакуваните трансформации.
Што посакувате?
Зависно од вашата моментална телесна форма и тоа што сакате да го постигнете преку вежбање – ќе се формира и вашата програма според која ќе вежбате, а и начинот на исхрана.
Дали сакате да го изгубите вишокот сало? Да ја зголемите вашата сила? Дали сте многу слаби и сакате да ја зголемите вашата телесна тежина, но воглавно тоа да биде мускулна маса? Дали сте почетник од нула? Или вежбате неколку месеци, години? Имате добра мускулна маса но удривте во стагнација?
Сите овие прашања ќе помогнат да се дефинираат вашите следни чекори во вежбањето. Дали да вежбате со големи или мали тежини? Колку често и колку долго? Дали да правите многу или малку повторувања? Дали да трчате? Долги растојанија или кратки? Умерено, брзо или спринт? Што да јадете? Јаглехидрати, протеини, масти? Во кој сооднос?