„Физичка активност“ е еден широк концепт. И секако дека е неопходна. Но дали вежбаме со тежини, весламе, или пешачиме? Тоа се големи разлики во БЕНЕФИТОТ.

Во поново време се појавија стрвни нутриционисти кои бесрамно нудат програми со реторика: „Ослабете без физичка активност“, апелирајќи до мрзеливиот дел од умот на читателот. И вистина е дека може да се ослабе без физичка активност, апсолутно. Но самото тоа што нудат програми потенцирајќи дека се без физичка активност (и прикриено против) значи дека не ја разбираат нејзината вредност односно не умеат или не сакаат да им ги овозможат бенефитите од неа на своите клиенти, најверојатно сметаат дека така ќе дојдат до повеќе пари бидејќи ќе биде полесно за продажба.

Во моите очи ова се луѓе стрвни за пари до тој степен што ќе кажат сè што ќе ви се допадне само за да платите. Особено апелирајќи на леснотијата на невложувањето напор.
„Сакам да ослабам без да вежбам, дали е возможно?“ е исто како да прашате, „Сакам да научам да читам без да научам да пишувам, дали е возможно?“
Доколку сакате подобра верзија од себеси, голем пропуст е да го занемарите вежбањето бидејќи тоа дава неизмерни, бесценети подобрувања. Секој што ја разбира природата на организмот и се залага за здрав живот, нема прикриено да го класификува вежбањето како „непотребно“.
1) Ако јадете правилно и не вежбате вие сепак ќе го намалите вишокот.
2) Ако јадете неправилно и вежбате, вие ќе треба воглавно со вежбањето да го топите вишокот, што не може да не резултира со превисоко покачување на кортизолот (стрес) и низата пропратни негативни ефекти.
3) Ако јадете правилно и вежбате правилно, вие ќе постигнете состојба каква не сте замислувале дека е можна.
Дино Николиќ
Креатор и автор на Мускултура
20.01.2026






