Неколку препораки од искуства кои безброј пати ми се докажале во пракса, за секој што сака да направи промена во својот живот особено од аспект на најчестите проблеми
Можеби сте се запрашале од каде доаѓа новогодишната еуфорија, возбудата, која евидентно денес некако сè помалку се чувствува. Наместо возбуда гледаме лоша замена од низок квалитет: брзање механички да се направат работите.
Но сепак таму каде што постои новогодишната возбуда, по сè изгледа дека таа доаѓа од иднината. Луѓето се возбудени за почетокот на нешто ново, за фрагмент од иднината кој наскоро ќе почне. Како некое ново поле, нов терен на кој стапнуваме со нови сили.
Силите се нови, но прашањето е дали се поголеми или помали од претходно.
За да свртите нов лист во кој било сегмент во животот, мора да расчистите некои работи со сегашниот лист. Листот не се врти ако сегашниот неразрешен, сè уште ве влече назад.
Некои од најголемите проблеми на денешницата
- Претерано размислување (overthinking)
- Прокрастинација (одлагање)
- Анксиозност
- Промени во расположение и депримираност
Претерано размислување значи премалку акција кон прогрес. Недостатокот од подобрување на личната состојба луѓето несвесно се обидуваат да го надоместат со overthinking. Верувале или не, overthinking е знак за недостаток на прогрес и е обид да се надомести тој недостаток.
Доколку „страдате“ од претерано размислување, а мислите дека сте преактивни (како што голем број луѓе мислат) тоа сепак значи дека акцијата не резултира во ваш РАСТ (прогрес). Без раст, останувате принудени постојано да гледате како акцијата не дава соодветен плод.
Ова не значи дека сте потполно неуспешни, вие може и да сте доста успешни според некои критериуми, но според вашите критериуми вие не преземате доволно акција или не остварувате доволно прогрес, па оттаму имате overthinking. На тој начин не може да се сврти нов лист, бидејќи overthinking само по себе е држење до стариот лист.
Вашите постапки и активности треба да бидат искалкулирани во насока на ваш раст и раст на луѓето и нештата што ви се важни. Добра заработувачка и добри услови за живот не се раст. За многумина можеби се успех, крајна цел, но тие не се раст. Тие се само дел од атмосферата.
На секој што сака да сврти нов лист во својата лична состојба, ќе му треба малку (многу) повеќе од желба и мисла.
Чекори
Доколку овие чекори ги направите целосно и успешно, шансите успешно да свртите нов лист ќе бидат енормно зголемени.
1. Направете листа на ваши активности за кои знаете дека не водат кон раст.
Немојте да претпоставувате дека знаете. Направете ја листата.
Неколку примери
- Скролање на телефон со часови
- Пиење алкохол
- Празни муабети
- Антитерапија со вести неколку пати дневно
- Зборување за грешките на политичарите (а неработење на своите грешки)
- Спиење кога не треба
- …
Зависно од човекот и тежината на неговите непродуктивни активности, листата е бескрајна и таа може да се протега до дроги, коцкање, денгубење со цигарата во рака пиејќи кафе и алкохол зборувајќи за успесите и неуспесите на успешните фудбалери…
Некој ќе рече „Ама тоа ме опушта“.
Опуштете се кога ќе почнете да правите видлив прогрес кон целите што сте ги зацртале. А кога стабилно ќе почне видливиот прогрес, ви гарантирам дека ќе бидете далеку поопуштени.
За да свртите нов лист и да почнете со новото (прогрес) мора да расчистите со старото (стагнација).
Претераното размислување е штетна потреба за фокус кон негативното и постојано разгледување можни негативни исходи. Секако кога е човек во таква состојба тоа самото по себе води кон анксиозност. Анксиозноста е чувство на загриженост и страв за она што би можело да се случи.
Во животот се случуваат разни исходи за кои претходно не сте размислувале. Ќе добиете некоја убава понуда. Ќе се најдете во некоја негативна или позитивна, неочекувана ситуација. Прашањето е „Што правите во тој момент?“ Бидејќи акцијата е потребна во моментот кога е потребна. Тогаш е потребно да направиме како што треба.
За да имаме поголема способност да постапиме исправно тогаш кога треба, без да мораме да имаме сè премислено однапред, потребно е да постигнеме подобрување на личната состојба од аспект на самодоверба, сигурност, здравје и енергија.
Кога сте во возило и гледате дека се движите во саканата насока, вие не се преоптоварувате дали ќе стигнете таму, туку знаете дека ќе стигнете бидејќи евидентно имате прогрес во таа насока. Секако, тогаш сте и поопуштени.
Но ако има застој, блокажа, протест, затворени улици, тогаш човек почнува да се оптеретува со пристигањето и почнува да се лути на луѓето и околностите.Почнува анксиозноста, „Дали ќе стигнам“, „Пак ли ќе каснам“, „Како ќе мислат“…
Прогрес не значи работење од 08-16:00. Прогрес значи дали можете да остварите повеќе од претходно? Дали знаете повеќе од претходно? Дали заработувате повеќе? Дали сте посилни? Дали грижите се намалуваат или зголемуваат? Дали бројот на медикаменти се зголемува, се намалува, или е на нула?
Наместо да бидете загрижени што може да се случи или што другите ќе мислат за вас, специјализирајте во акција која води кон ваш раст. Секогаш нешто ќе се случува и луѓето секогаш ќе мислат нешто за вас. Тогаш, зошто да не преземате акција?
Ако ви е важно што другите мислат за вас, тогаш направете да мислат сè подобро и подобро: преку ваша континуирана акција која континуирано резултира во успех. Ако не ви е важно што другите мислат за вас, сепак со акција која резултира во успех нивното мислење за вас ќе биде сè повисоко.
Прокрастинација
Претераното размислување можеби не е единствената причина за прокрастинација, но дефинитивно е ОГРОМНА причина, а кај доста луѓе можеби и главната.
Прокрастинација е одложување односно прескокнување на акција.
„Ај да размислам.“ „Ај ќе видам после празнициве.“ „Ајде ОД понеделник.“
Кога размислуваш претерано, тогаш не си ВО СОСТОЈБА НА АКЦИЈА. Кога си во вистинска, продуктивна акција, тогаш не размислуваш претерано.
Со overthinking човек воедно се навикнува да размислува наместо да биде во акција. Но бидејќи таквото размислување е напорно, тој има чувство како да бил во акција, кога всушност само се преоптоварувал размислувајќи. Бидејќи прокрастинацијата е недостаток од акција кога е потребна, овертинкинг дефинитивно е и акт на прокрастинација: наместо да бидете таму кај што треба да бидете вршејќи ја акцијата, вие размислувате.
Ако во животот не се наоѓате таму каде што сакате да бидете, сепак се наоѓате некаде. Растојанието помеѓу тоа каде сте сега и каде сакате да бидете е ПАТ. Тој пат мора да се ОДИ. Тоа е таа акција. Дополнително, тој пат мора да се оди притоа вршејќи ги секојдневните активности потребни за да се „преживее“. Значи патот мора да се оди наспроти сè!
За тоа се потребни продуктивни цели.
Следните чекори
2. Направете листа на нешта што сакате да ги постигнете, а се битни за вас и за животот. Правилно вежбање, усвојување и одржување на правилна исхрана, постигнување на следно ниво на физичка спремност и енергија се најпрвите нешта што може да се прават како основа за сè друго.
3. Направете листа на акции што треба да ги правите за да се постигнат наведените цели. Почнете да ги правите уште сега, не после празниците. Оставање за после празниците значи дека си ветувате дека не можете да дејствувате СЕГА. А кога ќе дојде денот после празниците, тој момент ќе биде исто така ваше СЕГА. Немојте да се учите да бидете неактивни во СЕГА.
За да имаме успешна година не мора да почнеме од 1ви јануари. Новата година и новите одлуки и новите акции се СЕГА.
Зборевме за дисциплината и мотивацијата. Дициплината е поважна од мотивацијата. Но многу е полесно да се биде дисциплиниран без дистракции отколку со дистракции. Тргнете ги непотребните акции и дистракции.
Негативни луѓе
Препознајте ги луѓето кои повеќе се жалат за нештата отколку што ги менуваат. Тие не се ваши сојузници.
Доколку сте опкружени со такви луѓе кои иако најчесто не ви мислат лошо, заедно ги спојувате умовите во насока на генерирање негативитет. Ако не можете да ги споите умовите во насока на просперитет, нема потреба да спојувате умови.
Негативните луѓе не се само оние што се караат или вреѓаат. Тие се луѓето кои слаткоречиво инсталираат безнадежност, кажувајќи ви со зборови и со примери колку е невозможно да се успее, колку се луѓето лоши и себични и лакоми. Како е тешко, невозможно, бадијала… Најверојатно поголемиот дел од овие негативни луѓе, додека сè уште биле позитивни го прекршиле она за кое зборуваме тука и бивајќи опкружени со негативци и самите станале негативни. И сега не преземајќи акција, се обидуваат да добијат ваша согласност за нивните негативни ставови за да се чувствуваат дека се во право.
А жалното е додека ја добиваат вашата согласност, вие не се движите туку стагнирате заедно со нив. Тоа е нивната игра, која доколку не ја препознаете како таква, може да се најдете себеси порано или подоцна зафатени со кампања пренесувајќи негативни ставови – сте станале негативни и самите пред да приметите.
Затоа морате прво целосно и свесно да му се посветите на прогресот во животот. Тогаш ќе ги видите оние кои можат да ја имаат истата посветеност, но не пред да отпаднат оние кои ја немаат.
Среќата не е крајна цел, таа е движење. Среќата е возможна единствено во состојба на прогрес. Нека секој ден биде нов чекор напред во вашиот прогрес.
Секое слободно време е добар момент без дистракции да го проектирате вашето ново ниво на успех во новата година, новиот месец, недела, ден, односно МИГ.
Како што кажа еден Мускултурец на програма: „Ова е наша година и ќе биде најдобра!!!“
Секое време е изградено од мигови. Најдобрите времиња се изградени од најдобрите мигови. Најдобрите мигови се изградени од нашите стандарди за исправност во постапките. Практикувајте ги вашите највисоки стандарди без разлика на сè. Само тогаш е возможен вистинскиот прогрес.
Дино Николиќ
Креатор и автор на Мускултура
Здравствен тренер
Фитнес инструктор и тренер за кондиција и сила
Сертификуван нутриционист
31.12.2022