Ако ја прочитавте статијата Разбуди ја машкоста, сте виделе дека за справување со стресот нудиме едно многу едноставно решение.
Рековме стресот се решава „со живеење“. Не со „избегнување на стресни ситуации“.
Изјави од типот „избегнувај стрес“ се всушност многу штетни доколку ги прифатите. Тие фактички ве советуваат да го избегнувате животот.
Сè може да биде стресна ситуација. Некои ситуации треба да бидат стресни. Многу од стресните ситуации мора да се случат. Мора соочување со колегата кој шири лажни вести за вас или со шефот кој ве третира неправедно или со вработениот кој е долги години со вас но е нелојален на еден или повеќе начини. Хорор за многу родители е да слушнат дека синот или ќерката добиле четворка, хахаха, а замислете единица. Ќе рипнат цените на гориво непредвидливо. Ќе ви бараат некој сертификат за сертифицирани сертификати. Сите овие нешта можат да бидат стрес. Не можеш да избегаш од сè.
Еве пример како функционира советот „Избегнувај стрес“, доколку го присвоите како ваш.
На работа кај вас разговааат за сегмент од вашата работа. Вие имате добра идеја во врска со тоа и си велите „Да кажам или не. Ај ќе кажам затоа што е важно за сите.“ Ја изнесувате вашата идеја, по што настанува расправија и добивате критика. Потоа си велите „Што спомнав, само стрес си направив.“ Поука? „Не комуницирај за да нема стрес.“ „Седи во статус-кво за да нема стрес.“ Вака почнуваме сè повеќе и повеќе да се наоѓаме во состојба на повлеченост или избегнување ситуации, луѓе, проблеми, животот. Тоа таложи сè поголем број проблеми и го зголемува нивото на стрес. Сакаме помалку стрес, а добиваме повеќе.
Кога се повлекуваме од проблеми, истовремено се повлекуваме и од нешто друго. Се повлекуваме од нивното решение. Затоа на многу луѓе не може да им стане подобро во животот. Бегајќи од стресот, се бега и од решенијата.
Нема напредок без нови решенија кои се скалила до следното ниво на успешност.
Најдобриот начин за решавање на стресните ситуации е зајакнување, дополнително. На тој начин тие повеќе нема да ви предизвикуваат толкав или воопшто некаков стрес.
Јачината на стресот е двострано прашање. Тежината (силата) на ситуацијата. И вашата „тежина“ (сила). Ако ве зајакнеме вас, тогаш отпорноста на стрес ќе ви стане поголема односно подложноста на стрес помала. Самите ситуации нема да бидат толку силни бидејќи вие сте станале појаки од претходно.
Силата не се јакне со воздишка и посакување да сме посилни. Силата се јакне со работа на себе, на своето тело и карактер. А тоа само по себе не е сè. Таа работа на себе мора да нѝ дава позитивни резултати, за да може да нѝ се зголеми силата. А кога ги дава позитивните резултати – тогаш победуваме. Тие победи се градбената единица на нашата сила.
Обидите и неуспесите можат да бидат секако дел од патот. Нели, велат „од грешки се учиме“. Но кој рече дека тоа мора да бидат ваши грешки?
Знаете ли низ колку грешки поминавме за да ја имаме Мускултура, за да не мора и вие да минувате низ истите грешки?
Често луѓето не знаат дека прават грешки. Удираат со главата во ѕид и после кога боли се прашуваат зошто.
Секако дека ќе направиме грешки и ќе учиме од сопствените грешки, но како може да се научи од своја грешка ако не доживееш победа? Без да доживееш успех, грешките немаат вредност.
Грешките добиваат поучна вредност само кога ќе победиш.
Мускултура е дисциплина на победување. Ве носи кон победа во постигнување на посилно и поздраво тело и дух, а тоа носи мотивација и уживање во процесот!