
„За сè треба баланс во животот“ е генерализирана изјава. Ние не велиме дека сè треба да биде вон баланс, но велиме дека баланс не смее и не може да има секаде.
Колку што е добар балансот, толку може да биде и лош. Тие генерализирани изјави доаѓаат од луѓе кои сакаат да звучат мудро, а не се практични. Ова општество наместо да учи вистински знаења, наместо да учи од вистинските филозофи и реалниот живот, учи од излитени фрази кои само звучат прифатливо и логично, а се вкоренети убедувања кои го држат менталниот склоп заробен.
Стресот е дисбаланс но и успехот е дисбаланс исто така
Стресот е „нерамномерна“ равенка (израз кој кажува дека две страни односно количества/вредности се еднакви).
Ова звучи парадоксално но исто така парадоксално е да спиеш 8 часа и да чувствуваш умор. Или да имаш сè во животот, а да чувствуваш несреќност.
Стресот настанува кога равенката ќе излезе од баланс и двете страни не се повеќе рамномерни. Равенка значи А=Б, на пр. 8+3=11. 8+3 е едната страна, 11 е другата. (произволни бројки, заради демонстрација)
Ако првиот дел сме ние а вториот дел се проблемите, тогаш стрес би изгледал вака:
8+3 од едната страна, 57 од другата страна. Поточно 8+3 < 57, тоа е дисбаланс.
Но и прогресот произлегува преку истиот принцип. Прогресот би изгледал вака: 500+500 од едната страна, 11 од другата. Поточно, 500+500 > 11. Тоа значи дека произведуваме повеќе решенија отколку што животот нѝ задава потешкотии. Ова нѝ кажува дека мораме да се издигнеме над рамнотежата за да успееме. Рамнотежата не е ни пожелна, бидејќи во поглед на успехот, таа најчесто значи стагнација.
Стрес имаме кога: внатрешен капацитет < надворешен притисок
Стагнација (баланс/еквилибриум) имаме кога: внатрешен капацитет = надворешен притисок
Прогрес имаме кога: внатрешен капацитет > надворешен притисок
Тоа го правиме со вежбањето. Некој човек не може да крене 50 кг. Доколку тој се согласи со таа ситуација, тој се согласува со равенката. Ние не се согласуваме со равенката, работиме на себе, вежбаме, се храниме правилно и по некое време почнуваме да креваме и над 50 кг. Што сме направиле? Сме ги промениле околностите во кои сме се наоѓале, кои математички велеле дека 48=48 и дека 48 не може да биде 50. Природен закон. Но гледате колку моќ поседуваме – можеме да ги менуваме околностите.

Немојте да се залажувате дека за СÈ треба баланс во животот. Не е вистина. Равенката е баланс. Стресот е дисбаланс на силите од надвор со силите од внатре, односно поголема сила од надвор во однос на таа од внатре. Напредокот е дисбаланс на силите од надвор со силите од внатре, односно поголема сила од внатре во однос на таа од надвор.
Наместо да сакаме баланс, треба да сакаме да ја појачаме едната страна на равенката – самите себе.
Дури и за да направиме едноставно физичко движење мора да употребиме повеќе енергија отколку што гравитацијата користи енергија за да нè држи во место! Односно, се движиме преку дисбаланс на силите.
Ова е поинаков пристап кон нештата. Наместо пристап кој бара „удобност“, ова е пристап кој бара да се живее, да се оди напред. 💪
Дино Николиќ
Креатор и автор на Мускултура
24.02.2026






