Вежбањето со тежини предизвикува механичко оштетување на мускулните влакна. Всушност со вежбањето го оштетуваме мускулот до одредено ниво.
Одмаздата на мускулот за „тортурата“ на која го подложуваме е да стане посилен, а не послаб. Затоа доколку другите фактори се како што треба, тој ќе се зајакне и ќе се зголеми.
Знаеме дека мускулот не само што се стреми да се опорави по вежбањето – тој оди чекор понатаму, се зајакнува до ниво за нијанса повисоко од последниот напор на кој сте го подложиле. (Статија посветена на ова)
Тоа значи дека мускулот е спремен да поднесе повеќе „тортура“ бидејќи дополнително зајакнал.
Начинот на кој растат мускулите е ПРОГРЕС. И тоа ПРОГРЕС И ПОКРАЈ ПРИТИСОКОТ! Не само „покрај“ туку и ЗАРАДИ притисокот. А денешниот човек се стреми да избегнува притисок, бара релаксација во секој момент, но најчесто на нездрави начини… Тоа ви кажува во кој правец сме тргнале – во спротивниот. Колку повеќе се наслонуваме на лажен допамин преку социјални медиуми, лоша храна, цигари, алкохол, трева или други дроги заради бегство од притисок толку посензитивни сме на притисок и толку повеќе несвесно го спречуваме својот напредок. „Посензитивни на притисок“ во превод значи дека сè поголем број нешта, сè полесно нѝ предизвикуваат притисок. Организмот постепено се одмаздува и за ова.
Ако ја погледнеме мудроста која е вградена во човечкото тело, можеме да научиме дека навистина растот и напредокот се најдобрите начини за справување со притисоците. Бегството од притисок не е начин за справување со притисок!
Организмот реагира на ПРАВИЛНИТЕ ЧЕКОРИ на таков начин што нѝ дава подобра состојба. А правилните чекори носат притисок!
Најдобриот начин како да му „вратите“ на секој што ве потценувал, тортурирал, омаловажувал, исмејувал, секој што се стремел да ве сопре или да ви наштети е НАПРЕДОК.
Напредокот е возможен доколку другите фактори ги направиме како што треба – а тоа се постигнува преку работа на себе. Исхраната, вежбањето, добриот сон, животните навики – тие се клучот за значајна промена во животот.
На овој природен закон се потпира целото постоење, на овој природен закон растат мускулите.
Дино Николиќ
Креатор и автор на Мускултура
23.12.2025







