БЦАА (BCAAs – Branched Chain Amino Acids)
Аминокиселините се градбената единица на протеинот исто како што протеинот е градбената единица на мускулите.
БЦАА се три конкретни аминокиселини: леуцин, валин и изолеуцин. Се нарекуваат аминокиселини со разгранет ланец бидејќи нивната молекуларна структура не е линеарна како кај другите аминокиселини туку содржи разгранет ланец. Спаѓаат во групата на есенцијални аминокиселини, што значи дека телото не може самото да ги произведе и мора да се внесуваат преку исхрана.
БЦАА се наоѓаат во речиси секој извор на протеини и секако ги има во протеинските прашоци. На пример во 25 грама протеин од сурутка има околу 5 грама БЦАА. Но огромна е разликата на нивниот ефект ако се внесуваат дополнително како суплемент. Тие се како инфузија од концентрирани состојки за мускулите. Така се потенцира дејството на само овие три аминокиселини. И секако не се замена за внес на протеини, тие се додаток на веќе добар внес на протеини.
Ефективноста зависи од вас
Суплементите ја губат ефективноста доколку го нарушувате хормоналниот сооднос во вашето тело. На пример превисок инсулин и превисок кортизол директно ќе успорат секаков прогрес без разлика кои суплементи ги внесувате. Многу е важно да знаеме што влијае позитивно на хормоните а што негативно.
БЦАА се единствени и во тоа што се апсорбираат директно во мускулите, додека останатите аминокиселини се обработуваат во црниот дроб. Проценето е дека околу 30% од мускулната маса е составена од БЦАА. Овие аминокиселини го штитат мускулот од распаѓање и го зајакнуваат неговиот раст во присуство на правилен тренинг режим.
БЦАА го зголемуваат излачувањето на хормонот за раст и тестостеронот и помагаат за топење на вишокот сало. Многу се ефективни за топење на најтврдокорното сало кое е најотпорно на исхрана и вежбање а е лоцирано во најдлабоките слоеви на телото. Сето ова е возможно само доколку не ги нарушувате хормоните на други начини.
Секоја од овие три аминокиселини има специфични дејства кои даваат одлични резултати за вежбачите:
- Леуцин – за време на интензивен тренинг им дава енергија на мускулите. На телото му е потребна енергија за време на тренингот. При недоволно ниво на хормонот за раст, ако телото нема соодветни нутриенти за да ја добие таа енергија – почнува да ги разложува мускулите за време на тренингот. Леуцинот го спречува разложувањето на мускулната маса. Поттикнува зголемен раст на мускулите и ја зголемува продукцијата на хормонот за раст во телото. Поттикнува закрепнување на мускули, кожа и коски. Помага во топење на мастите кои се подлабоко во телото и околу органите – најтврдокорните масти кои најтешко се топат.
- Валин – игра улога во растот на мускулите и му дава поддршка на имунитетот. Овозможува зголемена енергија за време на тренинг.
- Изолеуцин – овозможува побрз опоравок на мускулите после вежбање. Го зголемува нивото на енергија и издржливост. Недостатокот на изолеуцин може да предизвика главоболки, конфузија, иритабилност, депресија, замор, вртоглавици.
Форма на суплементот
БЦАА постојат во форма на прашок и таблети/капсули. Потребни се многу таблети за да се внесат 5 грама БЦАА и таблетите обично имаат многу повеќе додатоци отколку прашокот. Прашокот особено ако е без додадени вкусови и вештачки засладувачи е подобра варијанта. Плус и од аспект на цена и количина. Чистиот прашок без додадени вкусови може да ви биде горчлив но пиењето суплементи не е наменето за да нѝ биде убаво на сетилото за вкус и мирис. Ако некој сака да крева 100 кг на гради а се жали на горчливоста на вкусот, дајте му лижавче.
Доколку ги следите овие препораки за вежбање, јадење, спиење, тогаш сигурно е дека:
БЦАА е еден од најефективните суплементи за градење мускулна маса, топење масти, зголемување на сила.
Кога и колку се внесува?
По редослед на важност, 5 грама пред спиење, 5 грама по тренинг, 5 наутро по будење, 5 пред тренинг. Ова не значи дека дневно морате да внесувате 20 грама БЦАА. Во зависност од вашите можности, внесувајте онолку пати колку можете тргнувајќи според наведениот редослед.
Препорачливо е да се пие заедно со протеинските шејкови.
Доколку дневно би морале да се ограничите на 5 грама, најдобро е тоа да биде за пред спиење. Тогаш БЦАА ќе имаат најголем ефект бидејќи директно помагаат во растот на мускулите кој највеќе се одвива за време на сонот.
Најдобрите суплементи од повеќе аспекти
Припазете на пакувањето и брендот. Не се сите БЦАА прашоци еднакво добри. А некои содржат додадени супстанци што можат да предизвикаат нарушување на хормоналниот баланс, разни алергиски реакции. Некои производи се со различен сооднос. Соодносот што најдобро функционира е 2:1:1, што значи 50% леуцин, 25% валин, 25% изолеуцин. Се мислите за некој одреден бренд БЦАА? Во нашите програми може да добиете препорака за проверено добри суплементи.