Долг пат до мускулната маса
За да качиме мускулна маса потребно е значително трпение притоа правејќи ги исправните чекори, на долг рок. Мускулна маса не се качува брзо како што се качува сало, ниту како што се симнува сало. Затоа многумина прибегнуваат кон привлечноста на помислата за брзи резултати преку стероиди. Би ве советувал да земате стероиди исто колку што би ве советувал да вршите вооружени грабежи за да дојдете до пари – никогаш. Поентата на парите на пример, не е да дојдете до нив туку да ја поседувате способноста да заработувате, давајќи нешто соодветно за возврат за тие пари. Со употребата на стероиди се прескокнуваат повеќето бенефити од вежбањето и исхраната, односно се лишуваме од вистинските бенефити за клетката, организмот и умот.
Ова лишување е најблагиот проблем. Со нив често следуваат ефекти како ментални проблеми, депресии, самоубиствени мисли и обиди, неплодност, срцеви проблеми, итн. Ако мислите дека сакам да звучам алармантно, верувајте дека звучам далеку посмирено отколку што доликува на ваква ситуација излезена вон контрола со употребата на стероиди, со сè помлади корисници.
Ако ве интересираат називите
Поточно се нарекуваат анаболички стероиди, уште поточно, анаболички андрогенски стероиди. Анаболички се однесува на тоа дека предизвикуваат раст на ткивата, a андрогенски на тоа дека предизвикуваат развој на машки карактеристики. Зборот стероиди води потекло од зборот холестерол, супстанца која првобитно била откриена во жолчни камења. Така настанал називот холестерол – chole значи жолчна течност, а sterol значи цврст. Стероидите се поврзани со холестеролот бидејќи тој е нивната основна градбена единица. Оттаму, многу хормони се стероидни хормони, како тестостерон, естроген, кортизол, прогестерон, дури и витаминот Д се смета за стероиден хормон повеќе отколку за витамин. Не се сите стероидни хормони анаболички и не се сите андрогенски.
Вака разговорно, кога велиме „стероиди“ мислиме на анаболички синтетички стероиди.
Физички и емоционални последици
Националниот центар за разузнавање за дроги, кој е дел од Министерството за правда во САД, вели:
„Злоупотребата на стероиди е поврзана со низа физички и емоционални проблеми. Физичките последици вклучуваат тумори и рак на црниот дроб, оштетување на црн дроб, висок крвен притисок и зголемено ниво на холестерол, тумори на бубрезите, задршка на течности и обилна појава на акни. Мажите може да доживеат смалување на тестисите, намален број на сперматозоиди, неплодност, ќелавост, појава на гради [дојки] и зголемен ризик од рак на простата. Жените може да имаат раст на влакна на лицето, машка ќелавост, промени или прекин на менструалниот циклус и продлабочување на гласот. Лицата кои сè уште растат (адолесценти) ризикуваат предвремено запирање на растот поради рана скелетна зрелост и забрзан пубертетски развој.
Емоционалните проблеми поврзани со користењето на стероиди вклучуваат драматични промени на расположението (вклучително манични симптоми кои можат да доведат до насилство, наречени „roid rage“ [стероидна агресија]), депресија, параноична љубомора, екстремна иритабилност, делузии [фиксни лажни верувања кои не се засновани на реалноста] и нарушено расудување.“
Цената на „вештачкиот елан“
Овие зборови не се туку-така одбрани, ова се реалните проблеми и последици од употребата на стероиди. Најчесто другарот во теретаната, голем батка и искусен вежбач, нема да каже за тешките депресии низ кои минувал заради употребата на стероиди. Најверојатно ќе ви каже за убавото чувство, силата, еланот. Но тоа е вештачки елан, исто како кога би земале и мала доза на кокаин – би чувствувале сила и елан. Но тоа е вештачки. А сè што е вештачки дадено, природно се одзема. Во превод, како последица, го губите вашиот капацитет природно да го произведувате тоа што го добивате вештачки. Тоа е цената, тоа е каматата.
Не се чудете што не се зборува на овие теми. Една од причините е тоа што во општество каде постои голема употреба на штетни супстанци, секако дека малку ќе се зборува за истите. Запрашајте се колку слушате за негативните ефекти на кофеинот, алкохолот, никотинот, марихуаната, антидепресивите… А тоа се едни од најкористените производи. Наместо за битни, редовно слушаме за небитни работи. На пример филмот на сопругата на Доналд Трамп. Седиме со третото кафе и замастениот црн дроб и читаме за филмот…
Невидливата борба: ментално здравје и депресија
Бидејќи сакаме да вежбаме и да бидеме силни, ајде да бидеме силни и во соочувањето со реалноста:
„Употребата на анаболни стероиди може да доведе до длабоки и сложени ментални компликации кои треба да бидат земени предвид при советување на пациентот.“ – студија: „АНАБОЛИЧНО-АНДРОГЕНИТЕ СТЕРОИДИ СЕ ПОВРЗАНИ СО ГОЛЕМО ДЕПРЕСИВНО НАРУШУВАЊЕ И ОБИД ЗА САМОУБИСТВО: АНАЛИЗА НА МУЛТИНАЦИОНАЛНА БАЗА НА ПОДАТОЦИ“
Истражувањата покажуваат дека корисниците на анаболички стероди имаат значително поголем ризик од самоубиство во споредба со некорисниците, главно поради поврзаноста со тешки депресивни нарушувања, нестабилност на расположението и генерално повисока смртност.
Брз резултат не значи здрав раст
Методите на забрзано растење на зеленчук и месо значат дека таквата храна не ги поседува сите нутриенти во природните количества и е далеку од хранлива во споредба со правилно растење. Слично е со мускулите и организмот – вие сте качиле мускулна маса но клетката не ги проживеала пожелните адаптации низ кои требала да мине, а не минала бидејќи сте ѝ дале брз „резултат“ по неприроден пат.
Да беше здраво, јас ќе бев првиот најголем застапник кој ќе се бореше за „паметна“ или „правилна“ употреба на стероиди.
Живеење на кредит
Земање стероиди е како живеење на кредит (туѓи пари/туѓ тестостерон), и иако може да изгледа привлечно, парите не се бесплатни, долгот порано или подоцна стасува со камата и секнува сè она што сте го добивале.
Стероиди како тестостерон може да се земаат само доколку е медицински наложено заради неколку состојби, на пр. траен недостаток во излачувањето на тестостерон – дури и тогаш носи ризици. Сè друго се смета за злоупотреба.
Сите стероиди во основа се синтетички тестостерон. Па така кога некој зема „стероиди“ тој зема тестостерон во некаква молекуларна форма.
Речиси сите професионални (компетитивни) бодибилдери се на доживотен тестостерон, затоа што мораат, дури и по престанок на натпреварување. Тоа бара постојано вештачко подесување на хормоните во телото бидејќи постојано некои функции се влошуваат, се згуснува крвта, расте срцевиот мускул, страда расположението…
Голем дел од аматерите натпреварувачи се на доживотен тестостерон (секако не сите). Многумина од нив, иако се нарекуваат аматери, користат поголеми дози дури и од професионалците во обид да добијат „Pro Card“, односно професионален статус.
Кај дел од аматерите и постојат периоди на пауза. Кај професионалните натпреварувачи нема пауза, тие постојано земаат тестостерон бидејќи секогаш нивното природно производство на тестостерон прекинува и најчесто тоа е трајно, па затоа постојано се на хемија.
Кај аматерите употребата исто така води кон постојана употреба бидејќи секој период на пауза од вештачки тестостерон значи тешки депресии, лекови, нула либидо, стерилност, итн., и на крајот после толку употреба излегува „логично“ да не се прекратува воопшто.
Стероидите и прогресивната стагнација
Друга важна работа за стероидите е што со нив станува прогресивно потешко да се остварува мускулен раст како што растат мускулните влакна. Тоа значи со стероиди има сѐ помал поврат од вложениот труд, а животот без стероиди станува потежок и придобивките од вежбањето подалечни. Со стероидите многу побрзо се достигнува стагнација во придобивките, споредено со природен мускулен раст. Таквата отежнатост и стагнација во мускулниот раст ја зголемуваат склоноста кон повеќе стероиди, бараат сè повеќе интервенции, прогресивно посилни и посилни тренинзи, а тоа води и кон структурални оштетувања, преголем напор за срцето, црниот дроб и другите органи.
Од речиси никој во јавноста, и секако не од страна на промоторите на употреба на стероиди не се споменува ни 1% од штетноста на ваквата употреба. Ниту склоноста кон перманентна употреба на тестостеронска терапија заради перманентна загуба на сопственото производство на тестостерон.
Здрав и продуктивен живот?
Брза мускулна маса? Не, јас бирам здрав и продуктивен живот, без стравување за што следно треба да интервенирам и дали ќе ми биде последно.
Ова не е осуда за некој што употребува/л стероиди. Со оваа статија немам намера некој да се чувствува виновен. Само сакам да се подигне свеста. Секој со својата одлука, стандарди и цели.
Некои луѓе биле привлечени со реториката:
„Ајде нема цел живот да правиш, од неколку циклуси ништо лошо нема, види сите земаат“,
„Опасно е да, ама ако правиш со некој искусен нема ризик“,
„Ехее, стероиди се користат скоро 100 години, тоа не е ново“…
Други пак, се свесни за ризиците и сепак сакаат да употребуваат. Не судам. Јас сум здравствен тренер и мојата мисија на Мускултура е да го посочам патот кон подобра верзија од себе. Не патот кон постигнување некоја цел без разлика на последиците.
Затоа потенцирам, поентата со хормоните не е да ги имаш, бидејќи можеш да ги имаш и по вештачки пат – поентата е да ги произведуваш во одлична количина и твојот организам да биде во состојба одлично да реагира на нив. Тука е голем дел од здравјето. Ставањето супстанца во телото не ги предизвикува овие квалитети исто како што ставање сто илјади евра кај некого в џеб не го прави мајстор за заработување пари.
Но, дефинитивно секој кој се претставува како гуру на здравиот живот а користи стероиди кај клиентите, е за осуда. Тоа многу лесно се забележува преку сликите „пред и потоа“. Неупатените мислат дека 5 кг чиста мускулна маса за 3 месеци е реалност, често и придружено со 20 кг стопени масти. Дури и кај адолесценти-почетници ваков резултат би бил преоптимистичен. Нудење стероиди на клиентите не е здрав живот.
И со употребата на стероиди потребни се дисциплина, упорност и посветеност, треба многу да се вежба, прецизно да се ракува со исхраната, без отстапки во спиењето, но фактот што некој е дисциплиниран, упорен и посветен не ги прави стероидите здрави за здравјето.
Дино Николиќ
Креатор и автор на Мускултура
18.02.2026







