Во своите текстови и обраќања, некои „авторитети“ користат исти методи како оние кои се користат на вестите за заплашување и доведување на единката во состојба на неподвижност во која збунето нема да презема акција и ќе чека инструкции.
Еден од тие методи е пропаганда против навистина ефективните решенија. Зошто против ефективни решенија? Бидејќи ефективните решенија се тие кои ја ставаат единката во подобра позиција во животот каде таа ќе има поголема контрола и каде станува понезависна, што е во директна спротивност со пропагандистот кој сака да останете зависни.
Еве еден пример како тоа се прави. Во своето обраќање или текст, се споменува кето начинот на исхрана или кето диетата, и во истиот текст или реченица се споменува зборот „смрт“, „кома“, „фатален исход“ и слични зборови кои звучат грозоморно, а всушност намерата со која се искажани е тоа што е грозоморно.
Ваквото редење негативни зборови во контекст на она што е предмет на ударот (во случајов – кето диетата), предизвикува умот на читателот/слушателот да го поврзе тој предмет со негативна слика или негативни чувства. Тоа ќе се случи иако самиот најчесто не ја ни разбира темата.
Кога човек не разбира нешто, а му е врежана лоша слика поврзано со тоа, тогаш неговата реакција е, „Да, да, знам, знам...“ одмавнувајќи со раката и повлекувајќи се од тоа, физички и умствено. Врежувањето на таквите слики е метод како да се одврати единката од подобрување во својот живот. Тој метод има дејство кај некои лица и успева да ги одврати од вистината. Но без разлика, вистината е секогаш тука.