Што ти треба за да почнеш со промената
Тони Иоми, еден од татковците на хеви метал музиката почнал во бендот Блек Сабат со искинати врвови на два од најкористените прсти на гитарата.
Тони работел во фабрика за производство на лим. Во еден момент решава да даде отказ од работата за вистински да се посвети на музиката и бендот во кој членувал тогаш. На последниот работен ден во фабриката доживува несреќа – машина му ги пресекува врвовите на третиот и четвртиот прст.
Во болница му кажале и дека никогаш нема да свири повеќе.
А денес (и децении претходно) го сметаат за татко на хеви метал музиката.
Арнолд Шварценегер не смеел да работи ништо друго освен да биде полицаец како татко му кој бил шеф на полиција, што и било традиција во Австрија во тоа време – да се оди по стапките на таткото. Тој сонувал како ќе биде шампион во бодибилдинг. Лепел постери од билдери во соба. Мајка му плачела и го викнала семејниот доктор бидејќи Арнолд имал постери на ѕидовите од мажи намачкани со масло… Кога јаделе на маса сите заедно, мајка му, говорејќи за неговата посветеност кон вежбањето, велела: „Зошто си го правиш ова сине?“
Избегал од војска за да оди да се натпреварува во бодибилдинг. И победил. Кога се вратил го сместиле во воен притвор, каде што не прекинал да вежба (престојувал во зандана!). Потоа по добиената почит од неговите старешини заради неговите успеси добива можност да работи во кујна, каде што имал речиси неограничено месо за јадење.
Не знаел англиски. Отишол во 60-те во Америка. Сакал да глуми во филмови, бил одбиван многу пати. Му понудиле ако сака да глуми вратар во диско-клуб. Му велеле дека е многу крупен, дека акцентот му е многу груб и дека во мода се мали момци како Пачино, Де Ниро. Не се откажал. Остатокот го знаете.
Apple, Google, Microsoft, HP, Dell, Amazon и многу други – своите први напори ги започнале во гаража.
View this post on Instagram
Гитарист кој важи за еден од најголемите легенди и придонесувачи во рок гитарата и рок музиката воопшто, е Дон Фелдер од бендот Eagles. Ко-автор на неколку нивни песни и негово е легендарното гитарско соло на Хотел Калифорнија.
Бил роден и растел во доста тешка сиромаштија. Живееле многу членови на семејството во една мала куќа. Немале доволно пари ни за најефтината гитара на старо. Дон Фелдер немал посебни услови, донации од виши сили, впрочем биле во минус. Но стигнал до тоа денес и засекогаш, да биде легенда.
AC/DC во 1980 година добиваат понуда од Ролинг Стоунс да бидат предгрупа за нив за еден милион долари, барем на еден концерт. AC/DC го одбиваат милионот бидејќи работеле на албумот „For Those About to Rock“ кој подоцна станува легендарен и денеска е врежан во гените на рок музиката на планетата Земја.
Кристијано Роналдо живеел во сиромаштија до таков степен што добивале милосрдие од соседите во вид на храна. Денес важи за еден од најдобрите фудбалери и воопшто спортисти на сите времиња.
View this post on Instagram
Колку други примери да цртам дека не треба да имаш чуда пред да почнеш.
Стани и вежбај, почни да се храниш како што треба. Не ти е потребно ништо повеќе од тоа што го имаш во моментов, телесно, умствено, финансиски, емоционално и секакво друго.
Дино Николиќ
Креатор и автор на Мускултура
Здравствен тренер
06.01.2023