Како растат мускулите? Зборуваме за нешто прецизно кое може и математички да се објасни.
Протеинот е основната градбена единица на мускулот како и на сите други ткива во телото. Кога се внесува протеин, телото го разградува протеинот на неговите составни делови – аминокиселини. Потоа аминокиселините преку крвта се носат во разни делови на телото, за да создадат протеин за клетките на кои им е потребно.
Мускулите растат преку синтеза на протеините. Синтеза значи производство на супстанца (протеин) преку комбинација на попрости супстанци (аминокиселини) и тоа е процесот преку кој во клетката се вградуваат протеини за таа да расте.
Зборот синтеза потекнува од грчкиот збор syntithenai (syn – заедно; tithenai – да ставиш/сместиш).
Тестостерон и хормонот за раст се главните хормони што активираат синтеза на протеин во мускулите.
Растот на мускулите
Мускулите растат преку закрепнување на малите кинења кои се појавуваат на клеточно ниво за време на вежбањето. Ова е од корист само доколку постои доволно количество тестостерон и хормон за раст. Вежбањето е директно поврзано со растот на мускулите, но исто така е важно сè што правите по вежбањето за тие мали, микро-пукнатини да се опорават. Вежбањето е најдобриот начин за поттикнување раст на мускулите.
Кога настанува микро-кинење на мускулните влакна, таму се зголемува концентрацијата на крв, која ги носи неопходните состојки за поправка преку синтеза на протеините. Закрепнатиот мускул потоа станува посилен и поотпорен од претходно.
Потребни елементи за раст на мускулите
За да се активира синтеза на протеините и раст на мускулите, потребни се одредени компоненти.
- Мускулот мора да има микро-пункатини создадени преку вежбање со тежини.
- Мора да се присутни по природен пат одредени хормони, како тестостерон и хормонот за раст.
- Потребна е правилна исхрана која содржи доволна количина протеини и масти.
- Потребен е добар 8-часовен сон, бидејќи синтезата на протеините односно поправката и растот на мускулите се случува најмногу додека спиеме.
Математичко објаснување
Равенката: како растат мускулите
ГРАДЕЊЕ МУСКУЛНА МАСА е еднакво на СИНТЕЗА НА ПРОТЕИН минус РАЗЛОЖУВАЊЕ НА ПРОТЕИНОТ кој се наоѓа ВО МУСКУЛИТЕ
Знаејќи ја оваа равенка можеме да утврдиме дека:
- Тоа што влијае позитивно на синтезата на протеин, помага во градењето мускулна маса.
- Тоа што ја успорува синтезата на протеините, го успорува градењето мускули.
- Тоа што предизвикува разложување на протеинот во мускулите, спречува раст на мускулите и ја намалува постоечката мускулна маса.
Што значи една добра програма за вежбање? Програма која е изградена врз основа на овие принципи. На пример програма за вежбање која се состои од милион изолациски вежби и од долгочасовни тренинзи, кардиа и сл., ќе ја успори синтезата на протеините, односно мускулниот раст. Од вежбањето не растат мускулите, тие растат од правилното вежбање, поткрепено со правилна исхрана.
Вежбањето создава потреба за синтеза во извежбаните мускули. Потоа, доколку било правилно, поттикнува хормони кои ја овозможуваат синтезата на протеин во мускулите. Синтезата се активира доколку имаме доволен внес на протеин и се одвива најмногу додека спиеме.
Пореметете го сонот и сте ја пореметиле синтезата на протеин, сте ги успориле придобивките.
Вежбањето без правилна исхрана со доволна количина протеини и масти, без доволно спиење, предизвикува разложување и намалување на мускулната маса.
Програмите за вежбање и исхрана од Мускултура се дизајнираат за постигнување максимум резултати.
Еден од факторите кои предизвикуваат разложување на мускулите е хормонот кортизол кога е повисоко од нормалното ниво.
- Недоволно спиење = зголемен кортизол
- Стрес = зголемен кортизол
- Прекумерно вежбање/трчање = зголемен кортизол
- Недоволен внес на исхрана = зголемен кортизол
- Зголемен кортизол = помалку тестостерон и помалку хормон за раст
Еден од факторите што ја успоруваат синтезата е хормонот инсулин кога е повисоко од нормалното ниво.
- Внес на јаглехидрати (леб, шеќер…) = повеќе инсулин
- Повеќе инсулин = помалку хормон за раст
- Повеќе инсулин = создавање сало
- Повеќе сало = повеќе естроген
- Повеќе естроген = помалку тестостерон
Нашите програми за исхрана и вежбање се погрижуваат за сите овие фактори. Покрај тоа, не постои подобра едукација од постигнување врвни резултати со правилно насочено знаење и напор:
Програма за вежбање и правилна исхрана
Дино Николиќ
Креатор и автор на Мускултура
Здравствен тренер
Фитнес инструктор и тренер за кондиција и сила
Сертификуван нутриционист
12.04.2018