Постручно, дебелината уште се нарекува и „обезност“, од латинското obesitas – „дебелина“. Ќе ја сретнете и како „гојазност“, но секогаш основата е прекумерна телесна тежина.
Иако дебелината некои ја сметаат за болест (САД од 2013 год), таа не е тоа. Во повеќето земји нема статус на болест, но без разлика каков е статусот, со дебелината доаѓаат проблеми кои тек допрва ќе се гледаат на глобално ниво. Тоа ќе бара сè повеќе алокација на буџети за решавање на проблеми кои се решаваат на начин кој води кон барање сè поголема алокација на буџети.
Кога нешто што не е болест се третира како болест, во старт се третира погрешна основа при што вистинскиот проблем останува прикриен. Проблемот со вишокот килограми не е во килограмите, исто како што во една поплава проблемот не е водата.
Дебелината е повеќе симптом отколку болест. Таа е симптом на нарушена исхрана, животен стил, нарушено ниво на хормоните кое постојано секојдневно се одржува нарушено преку за единката непознати фактори. Тие фактори се во околината, начинот на живот, исхраната, активноста, итн., но единката не ги препознава или препознава погрешни фактори. Затоа се „непознати“. Во најголем број случаи луѓето мислат дека ги знаат, а сепак немаат позитивни резултати со таквото знаење. На пример честа заблуда е дека причината зошто се накачиле килограмите е затоа што јадеме многу. Така човек си мисли дека знае зошто го има проблемот – јадел премногу. Логично, решението е да јаде помалку. Но и покрај тоа што ја знаеме оваа „причина“ и нејзиното „решение“ – проблемот не се решава бидејќи вистинските индивидуални фактори остануваат скриени, односно непрепознаени. Затоа единката не може да ги стави под контрола својата состојба, здравјето, телесната форма и тежина.
Ако килограмите ги намалиме преку каков било метод и потоа ги вратиме, станува очигледно дека проблемот со килограмите не е во килограмите.
Рековме дека со дебелоста доаѓаат други проблеми. Но не само ОД дебелоста, туку СО дебелоста. Тоа значи дека факторите кои водат кон вишок килограми и дебелост се истите фактори кои водат кон други проблеми:
- Срцеви заболувања
- Висок притисок
- Неплодност
- Нарушено либидо
- Депримираност
- Анксиозност
- Летаргичност
- Безволност
Некој можеби ќе рече дека дебелината води кон овие нешта, но таа е само попатно створен проблем од претходни фактори. Човек може да има вишок килограми но доколку истовремено и се справи со тие фактори – тој веќе нема да биде на патот кон другите проблеми иако сè уште има вишок килограми!
Ова исто така значи дека човек може да нема вишок килограми а сепак да се движи кон овие проблеми!
Дебелоста е симптом исто како и високиот притисок и инсулинската резистентност или низок тестостерон. Доколку тестостеронот паѓа заради фактори од начинот на живот (исхрана, сон, вежбање, нутритивни недостатоци…) вие можете да го третирате падот директно, но сепак без детекција на факторите што лежат во основата – третирате само нивен симптом. Затоа наместо да ги третираме симптомите и да ги олеснуваме, потребно е решавање од основата, а тоа значи најпрвин препознавање на скриените фактори во начинот на живот и околината.
Тоа се прави, на индивидуална основа, со:
1) едукација,
2) прецизна примена на знаењето,
3) увидување на резултатите и притоа
4) увидување на минатите грешки,
Само тогаш ќе резултира разбирање и патот станува полесен за одење. Ниту едукацијата сама по себе не е доволна без следните чекори (прецизна примена, увид на успеси и минати грешки). Само преку овие чекори начинот на живот се става под ваша контрола.
Не лекувајте симптоми, лекувајте го начинот на живот. Тоа е најважниот фактор, а за среќа, може да биде под ваша контрола. Компонентите на таа контрола се четирите точки од погоре.