Дефинициите за масти ја содржат идејата дека тие се користат за складирање енергија и за да го одржуваат телото топло.
Секоја дефиниција за јаглехидратите ја содржи идејата дека тие се користат за енергија.
Тоа не е целосно вистина. Тоа е направено така да биде. Мастите можат да се користат како сировина за енергија. Јаглехидратите се користат како главен извор за енергија, а не мораат да бидат. Не мастите, туку јаглехидратите се главната сировина од која доаѓаат вишокот телесни масти и вишокот сало.
Знаеме дека јаглехидратите што нема да се искористат за моменталните потреби за енергија, ќе бидат складирани во мускулите и црниот дроб. Кога овие складишта ќе се наполнат, а внесот на јаглехидрати продолжува – тогаш телото почнува да ги претвора во масти и ги складира како сало. Салото е видливо, но другите штетни ефекти не се така лесно видливи.
Јаглехидратите не се единствениот извор на енергија за телото. Но дефинитивно се најпроповеданиот извор на енергија. Напишете на google: „јаглехидрати за мускулна маса“ или „гејнер за мускулна маса“. Ќе се појават секакви бесмислици, како „за зголемување на мускулната маса потребно е да внесувате 40% јаглехидрати, 40% протеини и 20% масти“. Или „јаглени хидрати кои ќе нѝ помогнат да ослабеме“.
Се сеќавате на пирамидата за исхрана? Во школо учевме за неа. Сè уште „важи“. Тоа што е најдолу на пирамидата се смета дека треба зафаќа најголем дел од нашата исхрана.
Кога јаглехидратите почнаа да се проповедаат како здрава храна, а мастите како штетна храна која дебелее и разболува, во светот почна нагло да се зголемува стапката на дебелост. А со тоа и илјадници други негативни здравствени и ментални состојби. Затоа погоре велиме „Тоа е така направено да биде.“
Здрава храна и правилна исхрана не е исто.
Приказната што ги демонизираше мастите
Приказната започнува во САД во 1977 година кога на луѓето со срцеви проблеми и зголемена тежина почнаа да им се даваат професионални лекарски совети дека треба да го намалат внесот на масти од исхраната. Тоа беше базирано на некои истражувања во претходните години во кои открија поврзаност помеѓу срцевите заболувања и одреден тип на масти. Овие истражувања беа во главно базирани на логични претпоставки и ограничени заклучоци. Заклучоци што не ја опфаќаа целата слика.
Еден од проблемите беше (а секоја наредна година има нов рекорд), високиот холестерол. Бидејќи сам по себе е вид на маст и бидејќи луѓето со висок холестерол може да имаат влошено срцево здравје, логичниот заклучок беше дека холестеролот е лош. Ова дополнително се претвори во „мастите се лоши“.
Холестерол и масти
Телото произведува холестерол. Го внесуваме и преку исхраната. Холестеролот е главна состојка на обвивката на секоја клетка во телото. Оваа обвивка е тоа што ја одделува внатрешноста на клетката од надворешноста и ја штити. Обвивката регулира што може да влезе во клетката и во која количина.
Понатаму, холестеролот е клучна сировина за производство на хормони во телото, производство на одредени витамини, производство на одредени киселини што помагаат во варење на храната… Без холестерол нема ни тестостерон. Нема ниту витамин Д.
Гледате колку е холестеролот важен. Кога постои многу високо ниво на холестерол тогаш тоа може да претставува здравствен проблем. (Од тука најверојатно потекнува митот „не ги јади жолчките од јајцата, имаат холестерол“. Баш затоа се супер! И сите масти од јајцето се во жолчката.)
Веќе во 1980-те години почнува нагло да се зголемува производството на храна со ниска масленост, а зголемена содржина на јаглехидрати.
Тоа што не успеале да го земат во предвид во нивните „истражувања“ и препораки е дека во присуство на висока содржина јаглехидрати, инсулинот драматично се зголемува и создава повеќе холестерол.
Друго, телото ја губи способноста да ги искористува и топи мастите, а уште повеќе создава и складира масти. Тоа е резултатот од драматично покачен инсулин. Води кон зголемување на тежината и уште поголеми проблеми од тоа што таквите препораки се обидуваа да го решат.
Сите здравствени проблеми што се обидуваа да ги „решат“ сега се многукратно зголемени. И се пренесоа насекаде во светот. А модата со „ниска масленост, висока содржина здрави јаглехидрати“ останува.
Секако и кај нас. Обезмастено млеко и јогурт, овошни јогурти, разни крекери, граноли (комбинација од овес, кафеав шеќер или мед, ореви/бадеми).
Крекери? Овес? Кафеав шеќер? Овошен јогурт (20 грама шеќер на 100 гр)? Рецепт за висок шеќер во крвта, висок инсулин, низок хормон за раст и низок тестостерон.
Напишете на google: „крекери пред спиење“. Важно објавиле по некој „совет за здравје“, нека клика народ.
Или погледнете што се вели за овесот. Правел чуда.
Ајде да ги видиме чудата од модата со ниска масленост, а висока содржина јаглехидрати.
РЕЗУЛТАТИТЕ
На пример во САД, стапката на дебелост во 60-те години изнесувала под 10%. Значи под 10% од сите граѓани биле со прекумерна тежина. Во 70-те околу 10%. Во 80-те околу 15%. 90-те – 23%. 00-те – 30%. Моментално е 40% проценти.
Кај нас, оваа стапка се движи од околу 6% во 1970-те години, а денес изнесува околу 23%.
Розевото сме ние, другите бои се нашите соседи.
Ако ги земеме САД од 1975-та до денес, стапката е од 10% на 40%. Русија на пример, стапката од 75-та до денес е од 5% на 19%.
Вишокот телесни масти носат покачен естроген и драстично намалување на хормонот за раст и тестостеронот како последица на постојано високото ниво на шеќер во крвта. Да не зборуваме за можното влошување на здравјето, срцеви проблеми, замастени органи, шеќерни болести. Или за зголемената веројатност за физички и ментален замор, иритираност, безволност, летаргичност.
Кога пишува „намалена масленост“ купувачите мислат дека тоа е поздраво. Многу луѓе внимаваат какви масти внесуваат и бараат ниска масленост, а јадат 200 грама јаглехидрати дневно. Репроматеријали за најголемата фабрика за вишок сало.
Ете тоа е резултатот од „официјалните“ научни истражувања (со изобилство од контрадикторни заклучоци меѓу нив) и генерациите едуцирани од цитирани „истражувања“ без да ги разберат. На крајот, резултатите се тие што се важни. Кој не сака да погледне не може да знае.