Дали е науката толку неука или пак вистинското знаење постои но не е дел од општата култура на јавноста? Дали науката знае но вистината не може да дојде до луѓето?
Фактот е дека вистината е далеку од вообичаена работа и дека во толку многу кажани, пишани и снимени зборови (како никогаш досега во човечката историја) вистината е недоволно присутна.
Оваа помала присутност може да се види во резултатите.
Некаде има подобри резултати (повеќе вистина, разбирање), на пример механичките технологии – телекомуникации, телефони, автомобили…
Но во здравјето се гледа друга слика.
Наталитетот покажува друга слика.
Квалитетот на услугите исто така.
Кога во едно општество имате случаи на мостови кои паѓаат или најсовремени градби пропуштаат вода… во превод: кога една од најздраворазумните гранки, науки и професии – инженерството – ќе почне да попушта, тоа е ниво од кое може уште само многу малку подолу.

Кога едни од најегзактните почнуваат да прават суштински, темелни грешки, тогаш е сигурно дека другите веќе одамна ги прават.
Ова се гледа во повеќе сегменти во општеството.
Разните професии односно нивните практикувачи (професионалците) стануваат сè поповршни во својата работа.
Наместо внимание, добивате брзо испраќање иако не сте добиле одговор на вашиот здравствен проблем.
Во продавница кога прашувате прашања ги фаќа нервоза зошто прашувате и потоа се дрски и со тој после вас. Се поставува прашањето: „Што ако денес тројца го/ја прашаат слично?“
Машината за перење или телевизорот се расипуваат веднаш штом ќе помине гаранцијата. Кога ќе повикате мајстор, тој вели: „Не се поправа, купи си нов“.

Некогаш памукот бил памук, а волната – волна. Денес, особено кај „јаките“ брендови, ако ја погледнете етикетата (која ретко кој ја чита), ќе видите мешавини со пластика (полиестер).
Апликациите што ги користиме се дизајнирани да нѝ го украдат вниманието, а попат можеби да нѝ завршат работа. Наместо алатка што нѝ помага, добиваме софтвер полн со реклами и непотребни нотификации.
Наместо да прочитаме една длабока книга, читаме 50 наслови на вести во текот на денот и на крајот се чувствуваме празно и прегорено. Знаењето стана површинско, (се знае по малку за сè), наместо длабоко (да разбираме нешто суштински).
Од сите страни нагризува плиткост во квалитетот.
За тоа има решение.
Време е вистината да стане главна тема.
Не на вестите. Не во модата. Во твојата глава. Во нашите глави. Само тогаш вистината ќе биде вистина, бидејќи вистината треба да биде сфатена. А сфаќањето е секогаш лично, па дури и кога е општествено.
Мора да се сфати товарот на денешното време. Мора да се сфатат и прифатат битките кои МОРАМЕ да ги водиме. Не сите битки мораме да ги водиме, но некои сигурно мораме.
Секојдневните обврски и одговорности, опстанокот на нашите најблиски, пријатели, роднини и колеги кои се потпреле на нас, ратите што ги должиме, нештата што мораме да ги купиме, подновиме, поправиме… некако сè повеќе како да натежнуваат и нѝ даваат чувство дека не можеме да одвоиме време за да обрнеме внимание на нешто „не толку итно“. Почнавме да се занимаваме само со итните работи.
Затоа општеството живее во итност.
Но тоа натежнување и таа итност – растат директно и паралелно со намалувањето на присутноста на вистината, односно знаењето и разбирањето во нашите животи.
Вистината е како верата. Таа може да се искуси само лично. Доколку евидентно постои на колективно ниво помеѓу група луѓе, тогаш сигурно е сфатена на индивидуално ниво од секој од нив.
Вистината, како и верата – не се нешто што некој вели дека се. Ако ги немаш лично, кој-што сака нека вели, нема да ги имаш.
Затоа, човек мора да ги сфати и прифати вистинските битки кои мора да ги води. Зборот „битка“ не секогаш значи нешто неубаво. Тоа може да се многу исполнувачки битки. Впрочем, вредноста на животот би можела да се мери по вредноста на битките што ги водиме.
Како што општеството напредува, така и назадува заради намалувањето на присутноста на вистината во одредени сегменти.
Можеме до бескрај да одиме со статистиките, незаразните болести се во пораст, стапките на рак, дијабетесот, итн. Како е евидентен недостатокот на вистина во некој сегмент? Според влошувањето на квалитетот во истиот. Примери:
- Бизнис
- Услуги
- Љубов
- Изглед
- Здравје
- Мир
- Стандардна едукација
Немојте да мислите дека друга е причината, како на пример лакомост, желба за пари, необразованост, што и да е. Сите овие може да бидат релевантни, но се резултат на помала присутност на вистината.
Што добивате ако имате повеќе вистина во разни сегменти? На пример земете го вашето здравје и психофизичката состојба.
1) Дознавате одредени механизми на телото, како е тоа поврзано со изгледот, енергијата, расположението и здравјето,
2) дознавате практично како да постапите за да постигнете подобри резултати,
3) почнувате практично да постапувате и да се движите во насока кон подобрување,
4) надминувајќи препреки за време на патувањето,
5) и почнувате да ги чувствувате придобивките.
Исто како што кажуваат нашите приказни за успех.
Кога остварувате такви резултати, што можеме да заклучиме? Дека покрај сè што се случило убаво – во основа на сè тоа лежи фактот дека:
Вие сте добиле повеќе вистина во вашиот живот. Сте дознале, сте научиле, сте отвориле очи повеќе.
Вистината секогаш отвара очи, и очите не мора да бидат затворени за да дознаат, впрочем за да можеш да се стремиш да научиш – треба да знаеш дека не знаеш сè.
Колку поотворени се очите – ТОЛКУ ПОВЕЌЕ МОЖЕ ДА СЕ НАУЧИ.
Оние со затворени очи сметаат дека НЕМА ШТО ДА НАУЧАТ.
Сфатете дека само вистината е „капиталот“ кој води кон подобрување. Вистината е највредниот капитал бидејќи таа ги отвара сите порти.
Најпрвото поле за зголемување на разбирањето (=вистина) е самата единка и нејзината најблиска околина.
Само таа тема разгледајте ја и видете колку невистина постои.
- Што да се јаде? – преовладуваат погрешни совети.
- Суплементи? – преовладуваат погрешни, штетни супстанци.
- Храна за деца и бебиња? – им се нудат ужасни производи.
- Од што настанува анксиозност или депресија и како вообичаено се „третира“?
- Што е човечкиот ум?
- …
Колку што постои невистина и потешкотија, дотолку мора да го зголемите вашиот поттик кон вистината. Тоа е една од најважните битки кои човек мора да сфати дека не смее да заборави дека ги води и дека ако загуби во тоа, мостот се руши.
Одговорот на погорните прашања е дека науката знае многу работи. И вистината е присутна во науката, односно искажана е. Науката поседува доволно знаење за животот да биде добар. Денес постои искажано знаење за остварување на прекрасен живот.
Тоа знаење НЕ Е дел од општата култура.
Но во човечката цивилизација, во кое било општество – никогаш не било доволно само да се открие вистината. Луѓето мислат дека ако вистината постои, сите ќе ја знаат. Тоа е дел од трикот. Луѓето се водат по тоа што јавно се знае – и тоа „знаење“ го користат како мерило за оценување на новостите со кои се соочуваат.
Но во реалноста, приказната е сосема друга.
Реални дијалози
„Алкохол? Па умерено за релаксација.“
„Но со алкохол не се релаксираш, само го креваш кортизолот и одземаш од убавината на твоето утре. Тоа е лажна релаксација.“
„Да, ама не можеш, ќе седнеш со луѓе…“ (не можеш = догма)
„Можам, јас седнувам со луѓе и пак сум среќен и без тоа.“
„Не можам да не му дадам чоко локо бонбони, дете е.“
„Со нив му даваш и шеќер + масти, висок инсулин, гомилање сало, инфламација, вештачки бои и ароми, агресивна активација на допаминскиот систем.“
„Е добро, нас што нѝ фали што сме јаделе тоа?“
„Здравје. Секоја втора жена има хипотироида, просечниот маж има далеку понизок тестостерон отколку просечниот маж пред неколку децении. Повеќето луѓе се со вишок килограми. Анксиозност и депресија на највисоко ниво во историјата. Не можеш?“
„Е сега и ти одиш во екстрема.“
„Не, јас излегувам од неа.“ (не сфаќа дека екстремата е во претходниот одговор, веќе „нормализирана“)
„Јаглехидрати? Па не можеш без јаглехидрати.“ (зборува догмата)
„Како не можам, јас 10 години сум на минимално јаглехидрати. Дали го знаеш фактот дека телото само произведува шеќер колку што му е потребно?“ (почнува разговор).
„Да, ама не можеш…“ („аргументот“)
„Јас фактички можам и тоа го правам веќе 10 години.“
„Абе да ама секој организам е различен.“
„Различен во што – во тоа што има срце, крвоток, хормони, во тоа што тестостеронот и инсулинот исти функции имаат во секој организам…?“
„Тоа да но на секој не му одговара истото.“
Гледате, општествената едукација довела голем број од населението до жалната состојба да не може да препознае вистина дури и кога гледа во фактите.
Проблемот за тоа како вистината да дојде до што поголем број луѓе е двостран:
- Мораш да ја откриеш
- Мораш разбирливо да ја пренесеш
Второто е далеку потешко од првото, верувајте. Бидејќи проблемот на второто се проблемите на примателот, а приматели се голем број луѓе.
Ако ја земете Мускултура како пример, дали секој читател има прочитано сè од неа? Некои луѓе мислат дека имаме само Инстаграм или Фејсбук.
Дали сè има разбрано од тоа што го има прочитано?
Дали сè што има разбрано – го има и применето во пракса?
Дали применувајќи го, успеал да ги надмине препреките кои се јавуваат на патот?
И сето ова го зборуваме И ПОКРАЈ ФАКТОТ што Мускултура е пишувана на екстремно разбирлив начин.
Едно е да разбираш, а друго е да надминеш стрвови, да промениш навики, да почнеш да гледаш што внесуваш, да почнеш да читаш етикети. Некои луѓе се откажуваат на етикетата. „Ах, ќе читам све сега“. (Малцинство се луѓето кои можат да стигнат дотука во ваква подолга и подлабока статија и за тоа ви честитам!)
Не читај и внеси си блокатори на апсорпција и дујачи на стомак, хормонални пореметувачи, поттикнувачи на алергија, затапувачи на сетила… Како што прават повеќето луѓе. Тоа најчесто го прават затоа што не се свесни за постоењето на овие состојки или за степенот на нивното влијание, и не помислуваат дека тие се наоѓаат токму во нивните купени производи. (Некои пак, се донекаде свесни, но сепак одбираат да ги користат, мислејќи дека „ништо не е“.)

Друго е да одолееш на покани за пијанки, на мирисот на бурек и слично. Со воведувањето на исправни чекори во начинот на живот, ова обично станува многу полесно до степен што и нема потреба воопшто да се одолева, но во почетокот, за некои луѓе претставува препрека што треба да се надмине.
Ова со право водство може да се надмине. Сепак не се исклучува фактот дека кога ќе влезеш во вода да учиш да пливаш, можеби отпрвин нема да е удобно. Но кој рече дека прогресот е удобен?
Со правилни чекори, прогресот е сигурен. Во почетокот за некого може и да не е удобен, но тоа е мала цена за долготрајно и значително зголемена удобност во целокупноста на животот.
Дино Николиќ
Креатор и автор на Мускултура
07.04.2026
Discover more from Muskultura.mk
Subscribe to get the latest posts sent to your email.








