Се појави нова линија на производи, наречени „кето“ од Виталиа.
Би сакале да дадеме наше мислење околу некои од овие производи во врска со нивната складност со кето диетата.
Производ: Виталиа кето крекери со семиња
Нутритивни вредности на 100 гр производ
- јаглехидрати: 37.7 грама;
- протеини: 18.9 гр;
- масти: 20.9 гр.
Со овој состав производот не би требало да се нарекува „со ниска содржина јаглехидрати“ односно LOW CARB како што пишува на амбалажата бидејќи токму јаглехидрати содржи најмногу.
Кето диетата како што е опишано тука се состои од соодносот 70/25/5. Може и 75/20/5 и уште плус-минус зависно од спецификата и потребите меѓутоа и двете влегуваат во кето. (Ова значи 70% од вкупните калории да доаѓаат од масти, 25% од протеини и 5% од јаглехидрати.) Како што и од Виталиа имаат запишано: „Дневните нутритивни потреби во кето режимот се 70% масти, 25% протеини и 5% јаглехидрати.“
Значи еден кето оброк самиот би требал да го содржи овој сооднос. Ако погледнеме во овој производ Виталиа кето крекери со семиња ќе видиме дека неговите вредности се следниве: 45.4% од калориите доаѓаат од масти, 36.4% од јаглехидрати, а 18.2% од протеини.
36.4% е далеку од 5%; 45.4% е далеку од 70%; 18.2% е далеку од 25%. Одговорот е некето.
Овој производ не е ни оддалеку кето. Сметаме дека не треба да се нарекува кето бидејќи ги става купувачите во заблуда да мислат дека се хранат кето додека всушност си ја нарушуваат кетозата.
Мускултура им стои на располагање за консултации на сите кои сакаат да формулираат производи со вистинска кето содржина и сооднос.
На производителите и продавниците за суплементи им посакуваме многу успех, приходи и профит, но од производи кои чесно се нудат, кои се тоа што велат дека се и кои се ефективни.
Мускултура никогаш нема да промовира суплемент за кој не верува дека е ефективен или суплемент пакуван на начин на кој ги става вежбачите во заблуда.