Постојат повеќе препораки за соодносот на нутриентите во кето начинот на исхрана. Еве еден генерален но не стриктно дефинитивен водич:
Поделбата зависи од вашата моментална телесна структура и целта што ја имате. Многу е важно да имате внес на доволно масти (1-3 грама по килограм телесна тежина) за телото да има сировина за производство на енергија, секако со умерен внес на протеини – околу 1 до 2.5 грама по килограм телесна тежина. Недоволен внес на масти може да ги предизвика симптомите опишани подолу во делот „Краткотрајни реакции“.
Направивме табела за содржината на разни видови храна и пресметки на дневен внес која може да ви помогне во вашиот стремеж кон посилно тело. Ќе ја најдете во главното мени под „Исхрана“.
Други придобивки од кето диета
▪ Зголемена ментална бистрина и живост.
▪ Намалување на вишокот масти особено на оние најтврдокорните околу стомакот.
▪ Зголемен потенцијал за градење мускулна маса при вежбање со тежини.
▪ Повисоко ниво на енергија.
▪ Повисока физичка издржливост.
▪ Подобро кардиоваскуларно здравје и крвна слика.
▪ Почиста кожа, намалување на акните. …
Кето режимот на исхрана може да се прави неограничено. Телото функционира многу подобро во кетоза отколку во согорување шеќери.
Кетоните се супериорен извор на енергија во споредба со гликозата.
Краткотрајни реакции при префрлање во кетоза
При префрлање во кетоза, го менуваме начинот на функционирање на метаболизмот. Телото е адаптивен механизам. Откако долги години било адаптирано на согорување шеќери, префрлањето од тој режим во режим на кетоза е голема промена за телото на која тоа може да се „бунтува“. Така може да се јават одредени реакции кои обично исчезнуваат за неколку дена. На пример, може да се појави раздразливост, умор, неенергичност, гадење, главоболка.
Ова може да се појави доколку немате доволен внес на вода, сол и други минерали, особено во првите денови кога телото го исфрла вишокот вода, а со тоа се исфрлаат и дел од минералите како сол и калиум. Во секој случај на кето телото помалку задржува вода (за разлика од исхраната со хидрати). По првите неколку дена, доколку се прави правилно – овие краткотрајни реакции ќе исчезнат. Внесувајте доволно зеленчук за да се надокнадат минералите.
Овие почетни симптоми може да се избегнат или намалат со внес на 200-300 грама вода со 2-3 грама сол. Во рок од 15-20 минути симптомите треба да се намалат. Ова може да се прави еднаш дневно во првата недела. Потоа телото се адаптира и почнуваат вистинските бенефити од кетозата. Потребно е да внесувате околу 4-5 грама сол дневно и во секој случај, најмалку 2 литра вода дневно.