Кето диета е најповолниот начин на исхрана за градење мускулна маса и губење на вишокот масти.
Во главно, се состои од минимален внес на јаглехидрати, умерена количина протеини и висока количина масти. Секако, за градење мускулна маса потребно е правилно вежбање.
Кето диетата овозможува идеален хормонален профил и во споредба со која било друга диета, претставува најприродниот режим на исхрана за човечкото тело. Тоа што поседува назив „кето диета“ тежнее да ја смести во категорија на „диети“ и да ја споредува со сите други диети и обиди за правилен начин на исхрана. А такви има многу.
Во главно, кето начинот на исхрана го менува режимот на работа на метаболизмот, во супериорна форма. Ова е различно од другите диети коишто не го менуваат режимот на работа туку играат со комбинации во рамките на истиот режим.
Метаболизам
Метаболизам е начинот како телото ја користи исхраната за: да ги врши своите функции, да создава енергија, да расте, да се лекува, итн. Кето начинот на исхрана го пренасочува метаболизмот да работи на својот природен начин.
Под користење на храната се подразбира и видот на храна што се користи како гориво. Како и секоја машина, телото мора да работи на одредено гориво.
Јаглехидратите се еден вид гориво, мастите се друг. Овој начин на исхрана го префрла метаболизмот да работи на согорување масти наместо согорување шеќери.
Со презастапеноста на јаглехидратите во денешната исхрана, човечкото тело е истренирано да ја добива својата енергија од нив, односно од нивното разложување во најпростата форма шеќер – гликоза. Сите внесени јаглехидрати (освен диеталните влакна) се претвораат во шеќер (гликоза) во крвта.
Кога телото нема доволна количина на достапен шеќер и залихите на складираниот шеќер се испразнети, почнува да се адаптира барајќи друг извор на енергија – мастите. Ако телото се префрли да работи на согорување масти наместо шеќери, почнува да создава кетони – нуспроизвод што се создава кога телото разложува масти за енергија. Се произведуваат во црниот дроб од разложување на мастите внесени преку исхрана и од вишокот складирани телесни масти. Кетоните стануваат примарно гориво во отсуство на јаглехидрати.