Како телото создава енергија?
За да може телото да функционира, потребна му е енергија која ја добива преку согорување. Исто како кај секоја машина, на телото му е потребна сировина (храна, кислород, вода) за да може преку нивното согорување да создава енергија.
Телото може да создава енергија преку два режими на согорување:
- Согорување јаглехидрати (активира градење сало)
- Согорување масти (активира топење сало)
Како кај автомобилите кои работат и на дизел и на бензин, кај кои на копче се префрла режимот на согорување од бензин на дизел, така и во телото инсулинот е тоа копче кое го префрла телото во режим на согорување јаглехидрати. А еден друг хормон наречен глукагон е копчето кое го префрла телото во режим на согорување масти.
Внесот на протеини го поттикнува излачувањето на глукагон. Јаглехидратите поттикнуваат излачување на инсулин. Мастите сами по себе не поттикнуваат ниту инсулин, ниту глукагон.
Кога телото согорува јаглехидрати, тогаш се губи способноста да се согоруваат масти. Ова важи дури и да сте внеле протеини со хидратите. Тогаш вишокот јаглехидрати се претвораат во масти и се складираат за „идни потреби“. Ако постојано имате јаглехидрати во системот, тоа значи дека на телото никогаш не му овозможувате да ги согорува резервите. На тој начин телото се потпира на „свежото“ гориво од јаглехидрати за енергија па нема потреба да ги согорува складираните масти. Затоа, нема слабеење. Плус, вишокот од тоа свежо гориво ќе биде складиран како ново сало.
Бидејќи телото е адаптивен механизам, доколку има многу сало, тоа ќе настојува да се одржува во состојба на гомилање сало. (Доколку не му зададете поинакви услови на кои ќе мора да се адаптира).
Не се сите калории исти
На пример, јадете оброк со 250 грама стек, без прилог од јаглехидрати (без леб, компири, и сл.) и зелена салата со маслиново масло. Ова јадење нема да бара многу одзив на инсулин и затоа мастите нема да бидат складирани. Всушност вака во телото постојат многу поволни услови за излачување на хормоните кои активираат зголемување на мускулната маса и слабеење преку топење на мастите.
Сега замислете што би се случило ако изедовте јаглехидратен десерт без никакви масти а со ист број калории како оброкот со стекот. Вашето ниво на инсулин драматично ќе се зголеми со цел да ги опфати шеќерите од десертот. Инсулинот е хормон кој гради и складира маст. Затоа поголемиот дел од шеќерот нема да биде согорен туку ќе биде претворен во маст и складиран како сало.
Внесот на масти со јаглехидрати го успорува варењето на јаглехидратите и нивното разложување. Така ќе се успори одзивот на инсулин, меѓутоа оваа комбинација ја објаснуваме од теоретски аспект за да го демонстираме начинот на работа на јаглехидратите. Оваа комбинација не се препорачува, бидејќи јаглехидратите сепак ќе активираат инсулин. А тој ќе биде пресреќен да собира сè што ќе му се најде на патот – разложените шеќери и особено готовите масти. Меѓутоа разложените јаглехидрати (шеќер во крвта) се оние кои го повикуваат и активираат. Мастите не.