Не, не со трибулус.
Поттикнати од некои реклами за специјални тревки кои што можат да ја разбудат машкоста, решивме да кажеме нешто вистина околу тоа.
Трибулус е тревка во капсула. Таа не е замена за машкост. Машкоста е склоп од полот, начинот на размислување, начинот на однесување, хормоналниот профил, изгледот, начинот на живот. Фактот дека некој е машко не му гарантира висок степен на машкост.
Трибулус – тој нема да ја поврати или зголеми машкоста ако со начинот на живот постојано ја уривате. Може да даде краткотраен, моментален ефект. Но тоа е исто како со слабеењето: Симнав 3 кг и потоа качив 5. Потоа симнав 8 кила ама потоа качив 14. Знам јас многу за слабеење, со години слабеам.
Таквите реклами за будење на машкост и задоволство во креветот се исто толку бесмислени како некој да каже напиј се од оваа тревка и ќе бидеш супер професор по географија или, ќе знаеш како да возиш автомобил.
Уште побесмислено е да поверуваш во таквите реклами.
Како се буди машкоста?
Интересно е што машкоста се гради на истиот начин како што се гради и женственост. Со дисциплина, со желба за подобро утре, со грижа за себе и за другите, со план и секојдневна работа на тоа, без лелекање да дојде крајот. Со уживање во прогресирањето напред.
Телото го имаш, дадено ти е. Само треба да не го упропастуваш она што ти е дадено. Грижи се и подобрувај го. Телото бара постојана грижа и работа, инаку тоне. Не постојат апчиња за успехот.
Жени, ако сакате промена кај вашите мажи, барајте од нив да променат нешто во животниот стил и нека почнат да читаат Мускултура. (Мажи, и за вас истото важи). Кога барате нешто вакво од вашиот партнер, погрижете се и самите да бидете пример за истото.
Кога сме кај машкоста, дефинитивно е поврзана со хормоните но таа не е прашање кое единствено зависи од хормоните, а и хормоните од нешто зависат, не?
Иако и жените го имаат тестостеронот (во далеку помала количина од мажите), за него се вели дека е одговорен за машките карактеристики.
Кога има ниско ниво на тестостерон, може да се јават разни последици (и за мажи и за жени):
- Депримираност
- Чувство на неисполнетост
- Потешкотии со концентрација
- Изнемоштеност
- Иритабилност
- Слабеење на мускулната маса
- Слаб сексуален нагон
- Безброј други видливи и не-така-видливи последици.
Здравото ниво на тестостерон има здраво влијание врз животот на многу начини:
- Подобар сексуален нагон
- Поздраво срце и крв (тестостеронот помага во производството на црвените крвни клетки)
- Полесно се качува мускулна маса
- Полесно се губат вишокот масти
- Подобра густина на коските (должината не се менува но густината да!)
- Подобрено расположение и попозитивен став
- Повисоко ниво на енергија
Постојат безброј совети од типот лушпата од житарките го намалува ризикот од срцеви заболувања. Неверојатно е што во толку „модерно“ и „напредно“ време, во изобилство постојат вакви изјави кои доаѓаат од „авторитети“ – изјави кои звучат подогматично од оние на шаманот.
А во реалниот свет, многу е поздраво човек да се погрижи како природно да го зголеми нивото на тестостерон и на хормонот за раст. Или како да го намали покачениот инсулин. Тоа го намалува ризикот. Ако инсулинот ти пука до небо, лушпите од овес нема да го решат тој проблем иако некои научни истражувања кажуваат дека помагаат за заштита на срцето. Тие не кажуваат дека лушпичките не ги штитат луѓето од невежбање, од погрешна исхрана и од штетните навики.
Секако, како еден од главните попречувачи на сите поволни здравствени состојби ќе го сретнете стресот. Според медицината, стресот се смета за можен извор на речиси секое заболување или нарушување.
Исто како што тестостеронот (стекнат на природен начин) го подобрува расположението и ставот – што во превод значи го намалува стресот – така и зголемениот ментален стрес го влошува расположението и ставот.
Стресот се решава на многу едноставен начин.
Со живеење. И тоа што е можно поисправно.
Стресот не се решава ако го решите проблемот што мислите дека ви е најголемиот извор на стресот, а потоа ќе може да се има супер тестостерон а дотогаш џабе е вежбање или исхрана или посветеност за себе. Значи прво морам да се средам за да можам да вежбам. Ова е убиствен став, најмногу затоа што толку се чини логичен па така останува „невидлив“.
Гледате дека преку својот став човек може трибулусот и што било друго всушност да го користи како замена за исправно живеење, а притоа несвесно или свесно да продолжи со старите грешки.
Трибулусот не ги лечи неисправностите во живеењето. Стресните ситуации и проблеми се решаваат со живеење, а тоа значи присвојување на што е можно поголема исправност во сите погледи. Грешките во исхраната не се лечат со липосукција или лекови за блокирање на холестерол. (Патем кажано, холестеролот е главна состојка за производство на тестостерон.)
Грешките во исхраната се лечат со усвојување поголема исправност во исхраната.
Мрзливите ќе речат, Епа сега светци ли да бидеме. Тие секогаш се вадат на крајности кога се работи и за најмала промена. Ако му речете да воведе малку поголема исправност, на пр. да почне да спие барем 7 часа, тој ќе мисли дека го терате да стане маченик.
Колку повеќе исправност ќе усвоиме во нашиот стил на живот толку подобро ќе нѝ биде. Тие што не сакаат тоа да го прават, ја трампаат убавината на животот за ситни задоволства кои всушност не се никакви задоволства туку се резултат на мрзливост или страв од неуспех или апатија. Всушност тие ситни задоволства се нивната претстава за убав живот. Не можат ни да замислат!!!
Задоволството доаѓа од исправно живеење. Првиот чекор е нашето тело!
Можеби ќе си помислите дека ова е кажано директно или грубо. Не се секирајте, оние со слаб дух не ни доспеваат до тука во текстот.
_____
Слушни ја оваа статија на подкастот на Мускултура. (Снимените верзии не се секогаш исти со текстот.)