За нешто да остане погрешно и незабележано дека е погрешно, потребно е да се создаде конфузија. Во виулица тешко се забележува било што а камоли коренот на проблемот.
Да ги проанализираме официјалните заклучоци и предлози по однос на прашањето за пандемијата на вишокот килограми и да видиме како се обезбедува ПРОДОЛЖУВАЊЕ на ваквиот фатален тренд.
Зошто велам дека се обезбедува (или планира) влошување?
Ако добро ги погледнеме официјалните заклучоци и „решенија“, потоа нивните ефекти во последните 50 години, и фактот дека од тие негативни ефекти паразитираат неколку гигантски индустрии – не би можеле да заклучиме нешто друго освен тоа дека знајно и незнајно, се работи на влошување.
Намерно и ненамерно, луѓето (и стручни и нестручни) биваат доведени до состојба на збунетост во однос на тоа што им се случува и зошто им се случува. Во тој случај, обезбедени се сите услови за човек да не може да излезе од проблемот.
Ова е официјалното толкување зошто постои пандемијата со дебелост (т.е. обезност):
„Навиките за исхрана и физичка активност на единките се воглавно резултат на еколошки и општествени состојби кои во голема мера го ограничуваат личниот избор. Дебелината е општествена, а не индивидуална одговорност, а решенијата треба да се најдат преку создавање на поддржувачки средини и заедници кои ќе вградат здрави диети и редовна физичка активност како лесно пристапни и изводливи навики во секојдневниот живот.“
Со други зборови, општеството треба да ѝ ги реши здравствените проблеми на единката, а таа само треба да слуша и да ги прифати стандардните навики. Доколку не може да успее во тоа (одамна имаме препораки да се избегнуваат цигари, алкохол, шеќери, да се вежба…), тогаш одиме во уште подлабоко филозофирање во решавањето на проблемите сè додека самото општество потполно не се исконсумира себеси во обидот да се излечи. Тоа е патот надолу, по кој планетава оди во последниот век. Иако имаме сè попаметни телефони, имаме сè попригушено здравје, концентрација, емоции и виталност. Просечното човечко тело веќе не изгледа како просечното тело од 1970 година.
„Дебелината е општествена, а не индивидуална одговорност…“ – ако нешто сместите вон одговорност на единката и таа поверува дека одговорноста лежи надвор од неа, тогаш имате сигурен рецепт за она што се случува во последниот век од психофизички здравствен аспект. Најголемиот број од луѓето се дебелеат, безброј експерти продаваат застоена топла вода на секој чекор, а ситуацијата сè побрзо се влошува! Стапката на канцер, дијабет, неплодност, срцеви заболувања – расте, а експертите креваат раменици и го обвинуваат „општеството“. Единката бива едуцирана да мисли дека решенијата лежат таму некаде, далеку од неа.
Одговорноста лежи во единката, не во општеството. Таму каде што лежи одговорноста не значи дека таму лежи вината, туку РЕШЕНИЕТО. Решението лежи во единката. Ставот дека одговорноста и решението се во општеството, ја брише единката од равенката и таа свесно или несвесно почнува да верува дека е немоќна да се справи со својот проблем. А согласно статистиките – видлива е сè помала моќ од страна на сè поголем број луѓе да се справат со вишокот килограми.
(возрасни со прекумерна килажа или дебелост, 1975-2016)
Фактите
Во 1990 година, 25% од возрасните (над 18 год) биле со прекумерна тежина. Во 2022 година тоа достигнува 44%. Речиси двојно пораснат број. Процентот на дебелост (полош стадиум на „прекумерна тежина“) е повеќе од двојно зголемен во истиот период, а кај адолесцентите (10-19 год) е четирикратно зголемен.
Овие адолесценти за некоја година ќе станат возрасните…
Во 1990 год, 8% од децата на возраст од 5 до 19 год имале прекумерна тежина, додека во 2022 состојбата е 20%.
Ова е рапидно влошување, а за 20 години биолозите предвидуваат дека ПРОСЕЧНИОТ МАЖ ЌЕ БИДЕ НЕПЛОДЕН (согласно децениската прогресија на влошување во таа насока).
Ако сте го гледале филмот “Don’t Look Up”, имате филмуван приказ за тоа што го зборувам во оваа статија и како тоа моментално му изгледа на светот. Но светот си пие сокче или пивце со рацете потпрени на стомакот, си оди на одмор секогаш кога е возможно и по цел ден седи со високиот инсулин.
Ова не е критика кон единката. Кога единката ЗНАЕ (не кога мисли дека знае, туку кога ЗНАЕ при дејствувањето) во што се состои проблемот, таа НЕМА да влезе во него. Тоа значи дека колку единката станува позбунета, толку повеќе е набиена во проблемите. Во превод, од 1990 до 2022, после 32 години, единката односно светот е многу понабиен во проблемот.
Ова се официјалните причини за прекумерните килограми:
„Тие се резултат на нерамнотежа помеѓу внесената и потрошената енергија.“ Значи само трчање нѝ требало. Трчајте луѓе, спасете се. Не е важно што јадеме и какви хормони активираме.
„Настануваат поради околина која поттикнува дебелеење, поради психо-социјални фактори и генетски фактори.“ Срам да им е на околината и на гените. Да почекаме некој следен живот кога ќе нѝ се падне подобра околина или подобри гени.
„Немање достапна здрава и одржлива храна и немање безбедна и достапна можност за физичка активност.“ Можеби, во затворите во афричка Гвинеја.
„Неефективен одговор на здравствениот систем при идентификување на вишокот килограми и таложење маснотии, во раната фаза.“ Вистинскиот проблем е зошто воопшто да почне вишокот килограми, а не да се реагира откако почнал!
Со овие навидум логични причини како модел на дејствување работат повеќето денешни лекари, нутриционисти и спортски тренери. Секоја од овие причини е промашување.
Кога основата е погрешна, ниедни нови решенија неможат да успеат – тие се нови продлабочувања на проблемот.
Истите овие причини се прифатени речиси во секоја држава, во едукацијата и стандардните препораки. Значи: комплетно поставен систем за промашување на вистинските причини. Што се случува кога ги промашувате вистинските причини? Добивате влошување, како од погорните статистички факти.
Со други зборови, нема системот да нè спаси ако не се спасиме самите.
Од погрешни анализи потоа произлегуваат разните препораки кои не се во согласност со законите на човековата физиологија и ум. Добивате „каша-попара“ од препораки и третмани.
Една од таквите официјални препораки е да се избегнува висококалорична храна. Но во таквата храна спаѓаат и:
- Авокадо
- Лосос и други масни риби
- Јаткасти плодови
- Млечни производи како путер, кашкавал и сирење
- Црвено месо
- Јајца
(сите до еден ЗДРАВИ производи)
Сепак, ете – требало да се избегнуваат. А ние да си јадеме соичка, овесче и протеинско јогуртче засладено, обоено и намирисано со хемија.
„Избегнувајте висококалорична храна“ е еден од најсмртоносните совети што може да се дадат некому, а камоли на целиот свет. Но затоа овесот, оризот, тестенините, лебот и големи количини овошја се одлична храна и треба од нив да се консумираат 250-350 гр јаглехидрати дневно. Инаку како би ги постигнале денешниве статистики?