Посветеноста е духовна суперчовечка карактеристика и една од најнеразбраните, а една од најспоменуваните.
Колку што е една единка силна и стабилна, толку е голема и нејзината посветеност. Таква е и нејзината претстава за посветеноста – базирана е на личниот стандард.
Низ моето искуство увидов дека за некои луѓе посветеноста е идеја, за некои посветеноста е туркање и буткање, а за некои е стандардна активност.
- Идеја
- Туркање и буткање
- Стандардна активност (вистинска посветеност)
Овие точки се воедно и методите како човек се третира себеси во животот.
Овие три категории се всушност фази на патот. Луѓето често заглавуваат на некоја од овие фази во различни области од животот. Личниот стандард за посветеност е базиран на етапата на која се наоѓате.
Тие што заглавиле на идејата, се третираат себеси како идеи. „Ќе почнам од утре.“ „Треба да се посветам.“ „Да, добро е тоа.“ „Треба да бидам подобар.“
И поминале месеци и години, а ним им останала само идејата. Затоа посветеноста за нив во пракса излегува дека е само мисловна именка, а тоа ги тера така да ги третираат важностите во својот живот.
Тие што се заглавени на туркање и буткање, се третираат малку или повеќе како маченици. Тешко им е, се трудат, се мачат но не се откажуваат. Ова е точката на пресврт, каде:
А. Ќе регресира назад кон идеја и ќе се врати на мисловноста („Да, абе добро е тоа али сега за сега ќе видиме за понатаму“)
ИЛИ
Б. Ќе премине во стандардна активност, при што исчезнува мачноста.
Луѓето духовно и ментално се разликуваат по тоа на која од трите етапи се наоѓаат.
Оние за кои посветеноста е стандардна активност, прават работи за кои другите имаат претстава дека се речиси невозможни, натчовечки, или вонземски.
Да, за оној што седи во идејата секако дека стандардната активност е преголем залак, за него дури и туркањето и буткањето се чинат премногу – затоа престојува на фазата идеја. Неговата фактичка способност во моментот е дека само може да размислува за нештата.
Пониско од идеја
Има и пониска фаза од идејата, а тоа е фазата на немање идеја. Тука човек не ни помислува дека нештото може да се подобри. Тој седи во проблемот, но не поврзува дека постои решение кое има врска со самиот него. Тој седи со замастената јетра, вие разговарате со него за тоа како високиот внес на шеќери особено овошниот шеќер фруктоза во голем дел директно се претвора во масти и најлесно се лепи на јетрата, а тој сè ве разбира. Потоа посегнува кон чоколидираното колаче на масата (белиот шеќер е составен од 50% гликоза и 50% фруктоза), си каснува, а притоа му подава и на бебчето парченце од колачето додека кима со главата накај вас внимателно слушајќи ве.
Оптимизмот не е само идеја, тој е пракса
Оние што се вистински посветени, генерално ќе успеваат во поставените цели (идеи). Тие луѓе ви кажуваат дека и вие можете. Оние кои останале заглавени на идеја или пониско, ви кажуваат дека е претешко или дека никој не може.
Овие три поделби не се карактери. Овие се што се случува кога нема да избуткате на следното ниво. Бидејќи секој успех минува низ трите етапи. Започнува со идеја, потоа мора да преорганизирате и да буткате. Ако успеете да минете низ буткањето, тогаш ќе исчезне отпорот и станува лесно. Исто како полетување со авион. Додека да се исправи, вивнувањето е малку „нерамно“, но кога ќе се исправите настанува спокој. Е тогаш почнува патот кон успехот и тогаш е најдоброто време да се запне и да се вложи повеќе. Ако човек не го знае следново, тој е осуден да се врати на претходните фази:
Кога ќе ги надминете тешкотиите и кога ќе се прочисти патот – тогаш станува полесно, но тогаш не е време да се одморите или да успорите. Патот е отворен и речиси нема пречки: тоа е моментот кога треба да се додаде гас, а не да се намали. Доколку намалите, се враќате на фазата на мачност.
Авионот можеби најмногу сила вложува додека да полета, но полетувањето трае најкратко. Најдолгиот дел е патот. Тоа е истрајноста. Сила и истрајност не се истото нешто. Ако е лесно, тоа не треба да е покана за успорување, туку напротив, треба да се употреби во насока на прогрес.
Тргнете ја идејата дека успехот мора да е мачен. Вистинскиот успех е лесен само кога сте во фазата на стандардна активност, односно вистинска посветеност. Само тогаш се чекори кон следните нивоа на успех.
Причините за стагнација
Грешките во пристапот кон целта се тие кои го тераат човек да заглави на некоја од фазите. Не се гени, не е карактер – секој може да успева. Со правилен пристап базиран на успешни чекори, волјата и успехот стануваат повеќе од идеја, повеќе од буткање – стануваат природно присутни. Тогаш настапува вистинската посветеност.
Дино Николиќ
Креатор и автор на Мускултура
Здравствен тренер
Фитнес инструктор и тренер за кондиција и сила
Сертификуван нутриционист
24.05.2023