Во пракса, жените обично вежбаат доста поразлично од мажите, заради широко распространети ст(р)авови Олива да не се претвори во Попај.
Најголемиот дел од жените вежбаат со мали килажи.
Тоа е сосема погрешно – доколку сакаат подобар тонус, подобра мускулна маса и поефективно согорување на вишокот масти. Плус и доколку ги сакаат другите бенефити кои вистинското вежбање ги носи.
Доколку при вашето вежбање не доаѓате до напор кој ја затресува снагата, вие не го креирате хормоналниот одзив кој е потребен за горенаведените промени.
А горенаведените промени доаѓаат единствено ако го создадете потребниот хормонален одзив.
Значи физичката активност мора да е во складност со хормоните. Но исто така и другите фактори како исхраната, спиењето, потребните суплементи, животните навики.
Често слушам како жените вежбаат со „тегчиња“ од по 1-2 кг, често ги гледам во фитнес центрите како прават некои изолациски вежби кревајќи мали тегчиња. На тој начин си кроите разочарување.
Жените не треба да креваат мали килажи. Ова не значи жените дека треба да тренираат како мажи, ова значи дека жената треба да крене онолку колку што е потребно за да направи ефект, без разлика дали тоа е повеќе или помалку од килажата што ја крева некој маж.Мали тежини и трчкање, возење точак, се ОК само доколку сакате да се раздвижите, да покачите малку пулс, малку повеќе крвоток и разонода. Но ако вежбате со мали тегчиња, изолациски вежбички, а си замислувате дека ќе постигнете подобар тонус, слабеење, подобра мускулна маса – добивате разочарување.
Потребни се тренинзи кои ги активираат хормоните.
Кревањето поголеми тежини нема да ве направи како машко, нема да ви ги зголеми мускулите како мускулестите бодибилдерки.
Кревањето поголеми тежини е различна приказна за секој, зависно од тоа колку е за таа личност конкретно потребно да крева.
Но ако при тренингот не стиснете заби од кревање на тежините, не сте тренирале. Не е важно колку кила ви требаат за да ги стиснете забите. За некој се 5 за некој 55. Бараме вложен напор, а не шаблонски килажи.
Кажете сега, дали истово не важи и за мажите?