Мотивацијата станува преценета и оскудна во недостаток на добри резултати.
Вежбањето не треба да биде тортура. Најчесто вежбањето претставува тортура во отсуство на добри резултати, односно подобрувања.
Најчестата причина за отсуство на добри резултати не е неупорност или непосветеност туку незнаењето, митовите и лажните податоци.
Долгорочната упорност и посветеност се резултат од постигнати добри резултати.
Постигнатите добри резултати доаѓаат од правилно насочени напори (значи базирани на вистинити податоци), а не од митови, „авторитети“ или популарни идеи.
Удирајќи со глава во ѕид „упорно и упорно“ може да се сруши ѕидот но нема да остане главата. Тоа е тврдоглавост, а не упорност.
Тврдоглавоста е упорност без памет.
Упорноста без памет не е базирана на вистинити податоци и знаење.
Вистинитите податоци сами по себе не се доволни ако не станат твои функционални вистини. За да станат твои функционални вистини, мора да ги учиш тие вистини и да ги практикуваш. Ако тоа ти донесе посакувани резултати, тогаш тие се функционални вистини. Тогаш имаш искуство, но пред сè – знаење. Знаењето е искуство со функционални вистини.
Искуството како искуство нема вредност ако од него не резултирале нови функционални вистини и добри резултати.
Функционалните вистини не може целосно да бидат сфатени како такви (теоретско знаење) без искуство со нив (вистинско знаење).