Како што кетото зема сè поголем замав, така расте бројот на луѓе кои се оптеретуваат дали дадени намирници се „кето френдли“ или не се „„кето френдли“.
Терминот „кето френдли“ може да биде многу збунувачки и ако го примените во своето размислување, воедно ќе наследите многу други фикс идеи без да знаете (тоа е фикс идеја: неиспитана, неувидена, но активна идеја по која се водиме).
Кето диетата е начин на исхрана кој го внесува телото во режим на согорување масти наместо шеќери за енергија и допринесува за многу побрзо градење мускулна маса и одржување на оптимален процент телесни масти, притоа зголемувајќи ја ефективноста на функциите на организмот како целина.
Ова е вистина само доколку кетогената исхрана ја правите на правилен, односно здрав начин. Кето диетата може да биде нездрава диета зависно од тоа со што ја правите. „Кето“ не значи само протеини и масти без јаглехидрати. Затоа, може да постојат различни кето диети колку што постојат луѓе, идеи и фикс идеи.
Кетогената исхрана не е религиозна исхрана но луѓето често ја гледаат на таков начин: „што смее“, а „што не смее да се јаде“. Главната работа со намирниците, не е дали се кето френдли или нефрендли. Тоа се измислени категории и сакам да ги објаснам.
Мојот пристап е од аспект на здравјето, а не од некаква лична идеја на обожување на кето чисто од каприц. Затоа ја имав можноста да дојдам до овие заклучоци.
Кето само по себе не значи „здраво“.
Кето френдли всушност треба да биде само: френдли.
Прашањето е дали некоја состојка, храна, производ, оброк, или начин на исхрана е едноставно френдли или не, а не дали соодветствува на некој моден тренд на исхрана за кој без разбирање се труби (ако би бил разбран, тогаш не би бил моден, би бил стандарден).
На пример, сукралозата како вештачки засладувач, можеби нема отпрвин да ве исфрли од кетоза, но дефинитивно не е френдли.
Пилешки стек или телешка шницла, се сосема кето френдли, но ако не внесете доволно масти, ТОЈ ОБРОК НЕ Е КЕТО.
Кафето е кето френдли, но 8 кафиња не се кето и не се френдли.
Значи има ОГРОМНА разлика помеѓу овие категории и термини:
- Кето френдли
- Кето
- Правилно за животот („живот-френдли“, или скратено: „френдли“)
- Во согласност со личната цел и состојба
Затоа за Мускултура исхраната и вежбањето не се „проблем“ на нутриционисти и на фитнес тренери туку се решенија за животот.
Правилните кето оброци се во соодносот на масти и протеини, но притоа да се имаат здрави состојки и внес на сите потребни нутриенти. За некого одредена количина ориз може да биде сосема спротивна на целите како слабеењето на пример, за некој друг може да биде редовен дел од исхраната. И во двата случаи таа исхрана може да биде кето!
Млечниот путер е сосема кето френдли, но ако јадете само млечен путер… Затоа прашањето не е дали нешто е кето френдли, туку дали е френдли, за животот! Тоа не може секогаш да се процени индивидуално за самата намирница. Најчесто мора во сооднос со други фактори.
Путерот од кикирики е исто така кето френдли, но не можете да живеете само на путер од кикирики, бидејќи иако има добар кето сооднос, неговите протеини не се доволни за одржување на организмот и градење мускулна маса. Но затоа во комбинација со протеин од сурутка или протеин од ориз – добиваме одлична комбинација.
Исто така протеините се кето френдли, но 99% од постоечките кои содржат вештачки засладувачи, ароми и бои не се френдли за никого.
Белиот шеќер сигурно не е кето френдли, но доколку ставите 1 грам шеќер во еден голем и правилен кето оброк, шеќерот ќе биде речиси безначаен (најверојатно тој оброк и онака природно содржи нешто повеќе од 1 грам шеќер).
Луѓето сакаат да залепат етикета на нештата што не ги разбираат. Потоа со залепената етикета им се чини дека ги разбираат иако тоа е одвај површински.
Затоа Мускултура е повеќе од кето или вежбање. Нашата насока е кон единката и животот како целина со цел да се добијат ПОДОБРУВАЊА во животот и единката.
Дино Николиќ
Креатор и автор на Мускултура
Здравствен тренер
Фитнес инструктор и тренер за кондиција и сила
Сертификуван нутриционист
01.09.2024