Јојо ефект како термин најчесто се употребува во смисла на диета со која човек симнал одреден број вишок килограми и потоа ги вратил. Најчесто по враќањето тој има уште повеќе килограми отколку пред диетата. На овој начин јојото, кое оди нагоре надолу, станува сè потешко.
Едноставно кажано, тоа значи враќање кон претходна полоша состојба.
Јојо ефектот не важи само за диетите, тој важи и за секоја сфера во животот. На пример непиење па пиење алкохол. Откажување од цигари па враќање. Почнување со вежбање па улежување. Си ветувате нешто па го прекршувате. Потоа повторно си ветувате ама посилно… Врска во која постојано се скарувате и смирувате. Примери може да има многу.
СЕКОЈА диета може да има јојо ефект. Некои повеќе, некои помалку, некои секогаш, а ќе видите и како може да се успее без јојо ефект.
Дури и кетогената исхрана може да има јојо ефект бидејќи не е секое кето исто, исто како што не е секој математичар, филозоф, професор, адвокат, родител…, ист!
Во кето начинот на исхрана може да постојат такви грешки што сепак на пример ќе се изгубат вишок килограми, кои подоцна ќе се вратат, па и со дополнителен вишок. Има два фактори со кои јојо ефектот може да се ПРЕВЕНИРА. Без нив, јојо ефектот е неизбежен (ако воопшто и човек стигне до тоа да постигне некаков успех па да има јојо потоа).
Јојо ефектот се должи на две работи:
1. Нерешени импулси (можеби само привремено потиснати за времетраењето на диетата)
Кога велиме правилна исхрана велиме исхрана која не само што е здрава и корисна за телото, туку исхрана која не го става во режим на постојана потреба.
Таа постојана потреба не може лесно и свесно да се примети во денешно време бидејќи луѓето фреквентно ја заситуваат со закуски и пијалаци. Речиси никој не истрајува подолго без заситување бидејќи веднаш ја гаси гладта, мц, мц, крекерче. Мц, мц, сокче. Мц бананче.
Ова е доста СКАПО.
Правилната исхрана особено со интервално постење излегува далеку поевтина не само од аспект на пари, туку и од аспект на време и внимание (а најпрво ЗДРАВЈЕ).
Денес вниманието е најскапата работа што постои. Сите се борат за вашето внимание. Од сите страни, вести, билборди, нотификации на телефонот, повици, реклами на социјалните мрежи, ТВ, занимливи видеа, скролај-застани, скролај-застани…
Доколку вашето внимание го давате на нешта кои не ви носат напредок, вие ја фрлате во вода најпосакуваната работа на светот – вашето внимание. И тогаш нормално, нема напредок.
Замислете што ќе се случи ако додека возите кола гледате „интересни“ видеа, нотификации, реклами… Ќе се случи катастрофа. Истото се случува и со целите на луѓето.
Еден од најголемите апсорбирачи на вниманието е телото.
Кога се храните правилно (онака како што телото било создадено да функционира, а не онака како што денес модерното токсикогено општество нè учи да мислиме дека треба) тогаш телото не го влече вашето внимание. Ќе забележите дека голем дел од вниманието на луѓето, повеќе или помалку е насочено кон импулсите на телото – тоа е постојан бејбиситинг на телата – јадење, цигарче, работа, па пак цигара, па сокче, па до ВЦ, па цигара, па топло ми е – ладно ми е, па благо, кафанка, дремка, па гриц, мц… На овој начин луѓето не сфаќаат дека се под постојана контрола на телата. Тие мислат дека се задоволуваат себеси, додека притоа ги задоволуваат само импулсите на телото – а од тоа не добиваат никаков зголемен напредок. Па затоа, сета енергија и внимание вложено во тоа, е фрлено во вода. Ако ги прашате луѓето со што се гордеат во нивните животи – речиси никој нема да каже, „се гордеам со сите мои мцкања, со сите пици, со секој чипс, со сите дремки“…
Зошто тогаш да не специјализираме во нештата со кои се гордееме? Речиси целата култура е посветена на импулсите, ретко каде се обрнува внимание на нештата што нè прават горди. Насекаде само „јади, пиј, новиот вкус, освежителен вкус, одмор, земи кредит за одмор, новиот телефон, задници на инстаграм на празни силуети“…
Многу е тешко да се одржи вниманието во насока кон целите кога сте:
А) преоптоварени со телесни импулси (неефективна промена или неправилна исхрана = постојано кенкаво тело)
и кога сте:
Б) преоптоварени со неправилната токсикогена ментална исхрана (вести, празни силуети…).
Друго е да задоволиш желба да научиш нова вештина, нов принцип на работа, нов природен и животен закон. Да задоволиш желба за подобрени резултати во некоја сфера од животот – на тој начин што ќе ги оствариш тие резултати.
______________
Гледате што сè се добива со правилна исхрана. Се добива: ПОГОЛЕМА СЛОБОДА. Тоа носи и поголема слобода од импулсите на телото, а ова овозможува поголем елан и фокусираност кон целите, коешто ви помага полесно да одолеете на општествените дистракции. Со помал елан луѓето се посклони кон непродуктивни навики. Со поголем елан и зголемена желба за животот, дистракциите имаат помала моќ.
2. Незнаење
Кога човек мисли дека само биолозите, докторите и научниците треба да знаат како работи телото, тогаш тој ќе мора да се потпира на многу информации од втора, трета и стодваесетишеста рака без да има личен увид во нештата (за своето лично тело!). И многу е тешко да зависиш од толку многу раце – тоа е како бесконечно-шалтерски систем, а за нешто што е твое од раѓање.
Затоа во нашите програми ние не даваме само исхрана, вежбање и јади вака, а не така, туку им покажуваме на луѓето зошто е тоа-и-тоа така и кога самите тоа ќе го увидат: добиваат и дополнително знаење.
Секој човек мора да знае како му работи телото – да ги знае неговите природни закони. На пример луѓето јадат толку шеќери (јаглехидрати во секаква форма, брза, спора, целозрнеста, житаркаста…) затоа што првенствено не разбираат што значи тоа, а потоа кога шеќерот ќе пушти корен, имаат плус дополнителен фактор – импулсите на телото – заради кои уште посилно се втурнуваат во таа насока. Ова поткрепено со еден поглед во супермаркетот каде 95% од производите се метод на заболување, поткрепено со сите реклами и понуди за втурнување во супер-кул задоволствата, поткрепено со фактот дека уште од најрана возраст едукацијата почнува кога самите родители го прават погорново и даваат таков пример (од незнаење), ќе видите колку е потребно знаењето но и едукацијата. Разликата помеѓу знаењето и едукацијата е како разликата помеѓу читање Мускултура.мк, и применување Мускултура.мк.
Ова е покана за нов живот.