Без разлика колку и да пишувам и колку и да споделувам знаење и искуство, на некои луѓе тоа не им помага бидејќи тие бараат инстант решенија. Ова е така затоа што тие всушност не читаат и не учат. Мускултура е за вас, за луѓето кои сакаат да знаат и да го употребуваат тоа знаење за постигнување на посакуваните резултати. Вие сте тука затоа што верувате во себе дека можете да знаете повеќе и да функционирате во нагорна линија. Оние што не ги надградуваат своите знаења и способности, прво не веруваат дека можат да научат и да знаат. Тоа што е човек тука, на Мускултура, пред сè значи дека верува во себе и има практичен концепт за подобар живот. Не можам доволно да искажам колку сум горд на моите читатели и на луѓето со кои работиме на програма.
Затоа мала е навидум разликата помеѓу човекот кој се труди и човекот кој на кафе муабет со една реченица и замав со раката го отфрла сето тоа како „бадијала“. Изгледа како да нема голема разлика – двајца луѓе седат на кафе и разговараат. Но вистинската разлика е поголема од универзумот.
На пример, пишуваме за тоа како да се вежба и јаде за почиста телесна конструкција, односно намалување на вишокот масти, а зголемување и зајакнување на мускулната маса. Некои луѓе, кликајќи и скролајќи површно низ животот, бараат да им кажете во една реченица како да ослабат или како да качат мускулна маса, а овде имаме многу статии со откритија и практични методи посветени токму на тоа. Тоа е така затоа што за површните луѓе сè е површно. Тие мислат дека сите методи, текстови и можности се туку-така ставени, а воедно сакаат да го остварат крајниот резултат без да проучат. Тоа го прават за да не „губат време мачејќи се“ да учат како подобро да расудуваат. А притоа продолжуваат да го прават сето она што ги довело и што ги држи во состојбата во која се.
Затоа за нив потрагата по инстант решенија е всушност обид да се добие резултат без да се промени ништо. Што само по себе е парадокс. Резултат: на секој чекор од патот – и на почетокот и подоцна, тие сепак не гледаат и не знаат што прават. (Иако во кафе-муабетот звучат убедени во тоа што го кажуваат.)
Затоа Мускултура е за оние кои сакаат да учат и да применуваат. Мускултура е за човекот кој сака да живее во практична смисла. И тој има прашања, но тие се однесуваат на тоа како да оди по патот, а не како да се телепортира на крајот. Тој сака да знае што да прави и што да не прави. И се разбира дека секогаш може подобро од претходно.
Ние не се нудиме како авторитет без кој вие нема да знаете што да правите, ние ве нудиме вас како авторитет со кој ќе знаете што да правите.