Некои митови се безопасни, некои длабоко вкоренети и погубни. Ќе опфатиме неколку митови со сп€цијално значeњe, вкоренети и особено распространети во вежбачките кругови, рекламирани од разни компании и пропагирани од доста фитнес тренери. (Да, еврото од погоре не е грешка).
Од овие митови потекнуваат разни видливи и невидливи проблеми на многу вежбачи, успорено градење мускули, „тврдоглаво“ сало, немање енергија…
Мит: „Повеќе инсулин значи побрз раст на мускулите.“
Овој мит ја поистоветува природата на инсулинот со природата на хормонот за раст.
Имено, инсулинот се смета за анаболичен хормон, односно хормон што активира градење ткива.
Anaballein е грчки за „трупа“, „натрупува“, „насобира“, ana- „нагоре“, ballein „фрла“.
Мускулите се ткива но и масните ткива се ткива. Инсулинот е навистина анаболичен хормон. Но таков што активира градење САЛО. Инсулинот не активира раст на мускулите, тој има помошна улога во тоа. Меѓутоа природата на неговата функција е градителска и ова се поистоветува со еден од нашите најсакани зборови – градење. Иако станува збор за градење масни ткива. Е тука тој активира.
Инсулинот е главниот хормон за складирање масти. Тој им дава наредба на клетките да ги складираат мастите и спречува искористување на веќе складираните масти. (Вишокот сало не доаѓа од маснотиите во исхраната.)
Обратно од анаболичен хормон е катаболичен, т.е. активира разложување или разградување на ткивата.
Kataballein – „растурање“, kata- „надолу“, ballein „фрла“.
Мит: „Анаболизам е добро, катаболизам лошо“
Анаболизам и катаболизам се често недоразбрани термини, а се користат во промотивни текстови. Анаболизам не е „добро“ а катаболизам „лошо“. Анаболизам не значи градење мускули и катаболизам не значи разложување мускули, без разлика што така кажуваат некои мускулести тренери кои имаат многу површно разбирање. Мускулите не значат разбирање. Мускули можат да се постигнат за 6 месеци со знаење, разбирање и труд и за 7 години со пеколни маки и страдање. А можат и на уште попеколен начин, со синтетички стероиди.
Анаболизам и катаболизам се едноставно функции на метаболизмот. На пример разложувањето храна е катаболичен процес. Еднакво неопходни се и двата процеси и не се однесуваат единствено на мускули туку на:
- какво било создавање поголеми/посложени молекули од помали/попрости (анаболизам) и
- разложување на поголеми/посложени молекули во помали/попрости (катаболизам).
На пример кортизолот е катаболичен хормон бидејќи во повисоки нивоа ја разложува мускулната маса. Но ова не е црно и бело. Не значи дека секој хормон што е анаболичен зголемува мускулна маса а секој катаболичен хормон смалува мускулна маса. Дебелеењето е анаболичен процес!
Кортизолот може да придонесе за дебелеење иако е катаболичен хормон.
Друг катаболичен хормон е глукагонот (еден од најдобрите топачи на масти), којшто активира разложување на масните ткива. Но тој има и анаболичен ефект бидејќи под одредени услови исто како и кортизолот, поттикнува создавање шеќер од масти или протеини.
Хормонот за раст е анаболичен хормон, поттикнува раст на мускулната маса, коскените ткива, итн., меѓутоа исто така активира и согорување на вишокот телесни масти.
Играта со хормоните не е така површна и црно-бела. Таа не се учи во рекламните текстови на
www.куписуплементстаниѕверпрекуноќ.com
Немаме ништо против суплементите, имаме против триковите и против површно разбирање. Постојат многу суплементи но малку добри суплементи.
Затоа ја отворивме рубриката за рецензии на суплементи и производи.
Мит: „Повеќе инсулин значи подобра заштита на мускулите од катаболизам.“
На веб страниците на разни продавници за суплементи, (на пр. кај гејнерите за маса) ќе најдете рекламни текстови што велат дека јаглехидратите го покачуваат инсулинот и дека тоа е многу пожелно бидејќи носи повеќе нутриенти до мускулите и ги штити од разложување на мускулната маса, т.е. од катаболизам. Многу вежбачи и тренери ќе го кажат истото.
Се чини дека тие ги стекнуваат своите вежбачки знаења од вакви рекламни текстови. Потоа се шират лажни податоци во вежбачките кругови. Рекламните текстови не се извор на едукација!
Отворете некоја веб страница за суплементи и прочитајте ги текстовите барем кај 3-4 гејнери.
Ќе наидете на нешто што го нарекуваме МАРКЕТРИКИНГ.
Може да се најде во разни форми:
„Апсорпција, оптимизација и… БАМ! Мускулен раст!“
Или:
„Содржи јаглехидрати со највисок квалитет – малтодекстрин!“
Но и:
„Не содржи евтини состојки како малтодекстрин!“
[Малтодекстринот се смета за сложен јаглехидрат и често се промовира како таков, иако во споредба со белиот шеќер – двојно побрзо покачува шеќер во крвта. Покачениот шеќер во крвта го спречува хормонот за раст и ова, придружено со анти-топачот на масти – покачен инсулин – претставува антитерапија (обратно од секакви напори на секој вежбач).]
Или:
„Без шеќер!“ (Но со аспартам.)
А и:
„Не содржи аспартам!“ (Но содржи други два исто лоши.)
Во нормални количини, инсулинот е суштински хормон за здрава функција на организмот. Вистина е дека инсулинот носи нутриенти до мускулите. Учествува и во транспортот на аминокиселини до мускулот. Инсулинот навистина придонесува за спречување катаболизам на мускулите. Без инсулин нема живот! Но сето ова е само трошка од вистината.
И не значи дека треба да тежнееме кон висок инсулин, никако!
За инсулинот да постигне маскимален ефект на заштита на мускулите од катаболизам – потребна е само нормална концентрација на инсулин.
Потребна е минимална количина храна за да се постигне нормална концентрација на инсулин. Повисока концентрација не носи кон поголема заштита од катаболизам.
Да резимираме:
ИНСУЛИНОТ ПОДДРЖУВА РАСТ НА МУСКУЛИТЕ, НЕ ПРЕКУ ЗАБРЗУВАЊЕ НА РАСТОТ ТУКУ ПРЕКУ УСПОРУВАЊЕ НА КАТАБОЛИЗМОТ (РАЗГРАДУВАЊЕТО) НА МУСКУЛНАТА МАСА: ЗА ВАКВОТО НЕГОВО ДЕЈСТВО ПОТРЕБНИ СЕ НОРМАЛНИ КОЛИЧИНИ ИНСУЛИН, А ЗГОЛЕМУВАЊЕТО НА КОНЦЕНТРАЦИЈАТА НА ИНСУЛИН ВО КРВТА НЕМА ПОНАТАМОШНО ВЛИЈАНИЕ ВРЗ УСПОРУВАЊЕТО НА КАТАБОЛИЗМОТ (НО ИМА ДРУГИ, НЕСАКАНИ ЕФЕКТИ).
Со нормален оброк од протеини и масти, инсулинот ќе биде поттикнат но не вивнат високо. Под нормални услови не се потребни никакви посебни церемонии за инсулинот да ги штити мускулите од катаболизам.
Главна улога
Хормонот што има ГЛАВНА УЛОГА во растот на мускулите и нивна заштита од катаболизам е ХОРМОНОТ ЗА РАСТ. Инсулинот помага мускулите да примат аминокиселини но хормонот за раст ја активира потребата за мускулите да примат аминокиселини. И го зголемува количеството на примени аминокиселини. Заедно со тестостеронот ги делат овие улоги преку посебни патишта.
Високо ниво на шеќер во крвта го потиснува излачувањето на хормонот за раст и високо го качува инсулинот. Не е паметно да трампаш хормон за раст за висок инсулин. Но токму тоа е резултатот од митовите што ги опфативме тука. Нашите програми за исхрана и вежбање се дизајнирани за максимален одзив на овие хормони!
Додавање јаглехидрати на протеините не придонесува за поголема заштита на мускулите, туку обратно. Затоа:
Повеќе инсулин не значи подобро, туку многу полошо.
Протеини и масти е победничката комбинација. Не маркетрикинг металик етикетите на 80% шеќер со вкус на јагода.
Здрава исхрана со ниска содржина јаглехидрати, или здрава кето диета – ја одбегнува состојбата на висок крвен шеќер и зголемено излачување инсулин, одржувајќи го во нормални нивоа за оптимална функција. Притоа, овозможува услови за оптимални нивоа на хормоните што играат централна улога во растот на мускулна маса. Резултатите се далеку побрзи и полесни.
Нашите програми за исхрана и вежбање се дизајнирани за максимум (во буквална смисла на зборот) резултати кои се далеку пообемни и побрзи од она што се смета за нормално. Побарај повеќе инфо.