
Денешното ниво на стрес е далеку пообемно отколку кај секоја претходна генерација.
Замислете, денес имаме најдобри услови во историјата на човештвото. И најдобри можности.
Најбезбедни сме, заштитени од природните елементи, храна на секој милиметар во изобилие… А сепак имаме највисоко ниво на стрес.
Стресот има две димензии: количеството + времетраењето.
Ако ве брка мечка, како што нашите претци имале обичај да бидат бркани – вашето ниво на кортизол може да се вивне ултра високо. Ако автомобил закочи преблиску пред вас и вашето дете, кортизолот може да се вивне над облаците. Но човековото тело е создадено да издржи моменти на енормен стрес. Еволуцијата, природата или Господ, како и да милувате – немале предвид човековото битие да живее со постојано покачен стрес. И тоа не мора ни да е ултра високо. Кортизолот природно флуктуира низ денот, но кога сме постојано под стрес, флуктуациите се на повисоко ниво. Тоа е хроничен стрес и е далеку поштетен од моментални бркања од мечка.

Прашањето со стресот не е само во неговата силина туку и во времетраењето. Моменталната висина на кортизолот е помалку важна во споредба со времетраењето на физиолошки покачен кортизол, односно живеење со редовно покачен стрес. Претходните генерации имале периоди на екстремен стрес проследени со периоди на одмор. Модерниот човек скоро никогаш целосно не го исклучува својот систем за стрес.

Допамин и стрес
Затоа денес потрагата по брз допамин е највисока. Многу често таа потрага е и природен одговор на нашата биологија заради неприродната изложеност на стрес.
Затоа денес имаме најмногу склоности кон нездрава исхрана и штетни навики. Пропратено со најмногу хронични болести.
Најпродавани производи се ултрапроцесирана храна, алкохол, тутун, кофеин, психотропни супстанци. Најмногу внимание добиваат социјалните мрежи – за брзи допамински („антистрес“) напливи.
Треба да сфатиме дека начинот на живот е сам по себе веќе стресоген и тоа од извори во кои не се ни сомневаме – а ги дочекуваме со раширени раце. Тоа дури не е ни прашање на карактер. Ако живеете некаде каде температурата е 60 степени, ќе ви биде исклучително мачно и заморно иако би имале одличен карактер. И покрај извонредниот карактер, 60-те степени се товар сами по себе. Така е и со денешната култура.
Ова не значи дека не можеме ништо да направиме. Напротив, но мораме да разбереме дека не е до самите нас во смисла дека „ние сме криви“. Барањето кривец е веќе симптом на висок стрес. Кога ќе се смириме, не размислуваме за гонење кривци, макар и самите да би биле кривецот, туку бараме решение. Човек под стрес во основа повеќе размислува за вина отколку за решенија.
Денешното општество со сите свои удобности и блескави можности е постресогено од кога било порано – стресот денес е многу подолго и почесто покачен. На ова, силно се надоврзува константната стимулација на допаминските центри, која директно го затапува допаминскиот (антистрес) ефект. Кога се намалува допаминот или неговата ефективност, ефектот на кортизолот се потенцира.
Кој ќе има поштетни последици во менталната состојба:
Детето кое пред 35 000 години било бркано од мечка и преживеало?
Или детето кое денес расте со телефонот во рака?

Детето бркано од мечката, продолжило да си живее среќно и невознемирено по инцидентот. Нема лутење, нема плачење, негодување.
Детето на кое му го одземаат телефонот како „казна“, секојпат доживува „траума“ заради тоа што неговите центри на задоволство се залемени за телефонот. Детето потоа ќе вика, ќе плаче, ќе се лути, ќе го промени однесувањето, ќе стане огорчено, ќе ја памети случката и може да прави разни лукави „трикови“ за да избегне таква повторна ситуација.
Кој стрес повеќе го влошува квалитетот на живот? Ситуацијата со телефонот – но не заради уредот сам по себе, туку заради состојбата на „залеменост“ на допаминските центри за телефонот.
Друг пример. Ако редовно пиете кафе наутро, обидете се да го прескокнете и видете како се чувствувате. Седете без кафето 3-4 часа. Тоа што ќе го почувствувате се ефектите од „залеменоста“ на вашите допамински центри за кофеинот.
Токму до тој степен мораме да го возвратиме ударот преку посебни, намерни и здрави чекори. До тој степен сме задолжени да работиме на себе.
Возвраќање на ударот
Зошто денес сме далеку побезбедни од природните елементи, временски непогоди во споредба со пред 100 илјади години? Бидејќи сме го возвратиле ударот преку посебни, паметни чекори и сме дошле во таква контрола врз материјалните елементи во околината, што денес заштитата од ладно, дожд, поплава, мечки и сл., е нешто на кое не ни помислуваме во текот на денот, а камоли да биде наша животна потреба и преокупација. Ние сме ги совладале материјалните елементи – имаме одлични домови, заштита од временските услови итн., бидејќи сме работеле на тоа. Исто како што сме работеле да ги совладаме непогодите кои биле во нашата околина, денес мораме да работиме за да совладаме непогоди од друг вид, далеку поопасни, бидејќи постојат замаскирани како дел од општеството, самите нас и животот.

Возможно е да ги совладаме ваквите непогоди. И замислете, тоа не мора да дојде преку елиминација на самите непогоди како појава во општеството. Исто како што не сме морале да ги елиминираме студовите и силните дождови од постоење во природата. Доволно е да ги елеминираме штетните навики и да присвоиме здрави навики. Возможно е со систематизиран пристап.
Пожелно би било да се елиминираат општествените непогоди во начинот на живот, но нека не ве залажува привлечноста на идејата. Бидејќи токму највисоките организации кои се претставуваат како одговори за таквата елиминација, го индоктринираат светот дека решението е токму во општеството, т.е. дека за да нѝ биде подобро, треба да почекаме елиминација на лошата навика на општествено ниво. Каква будалеста помисла. И пред илјадници години луѓето им се обраќале на боговите за благонаклонетост на природата, но тие истовремено граделе и работеле на своите живеалишта и општества. И воглавно сме ги надминале временските непогоди, бидејќи претците не чекале.
Денес, луѓето константно „се обраќаат“ на изворите на брз допамин и воглавно, не работат на својот карактер и психофизичката спремност – додека овие извори на брз допамин гo исцрпуваат карактерот и психофизичката спремност.
Значи сè уште мораме да изградиме подобри живеалишта. Нашето тело е првото живеалиште. А таму е главната заштита од општествените непогоди. Здраво тело, силен ум и здрав дух. Овие три елементи се под напад денес од сите страни.
Тоа е нашата мисија. Работиме со функционален систем со кој човек може да ги надмине општествените нездрави тенденции и да се издигне над нив.
Само тогаш може да биде слободен, здрав и да го живее животот со полна сила.
Сакате да го примените ова во вашата конкретна ситуација?
Закажете бесплатна консултација





