Постојат разни пристапи кон телото.
Некои од нив велат: „Слушај си го телото, тоа знае што најдобро му треба.“
Ова е некогаш вистина но често е сосема погрешно.
Кога недостасува киселина телото бара кисело. Кога има доволно киселина, има одбивност кон кисело. Кога недостасува калциум или солено, може да нѝ се јадат млечни производи како на пример сирење. Но кога телото не нѝ бара калциум тоа не значи дека е 100% задоволено со калциум.
Пристапот „слушај си го телото“ е повеќе погрешен отколку исправен, заради тоа што најпрво не го подразбира фактот дека телото е адаптивен механизам.
Оние кои површно се залагаат за „слушај си го телото“ имаат лично разбирање за телото како тоа да е робот, а не жив организам. Слушање на телото значи да ги перцепираме неговите потреби, односно што е тоа што го „бара“ и да му го исполниме барањето. Фактот е дека телото лесно се манипулира во насока да бара или да не бара одредени работи. Па така неговото „барање“ е во голема мерка резултат од нашиот начин на живот.
Телото е адаптивен механизам.
Ако му давате јаглехидрати, тоа ќе бара јаглехидрати. Ако е неенергично и уморно, сигурно нема да ви бара акција. Но ова не е истото што и навика. Ако јадете кашкавал секое утро, тешко дека потоа телото ќе ви бара токму кашкавал. Ако јадете масти телото нема да стане „навлечено“ на масти. Не можете да се навлечете на протеин како чиста супстанца. Исто како и со водата и воздухот. Без масти, протеини, вода и воздух не може да се живее. Но дали можете да се навлечете на јаглехидрати? Да! А се сметаат за неесенцијална храна бидејќи телото може да живее без нив, односно потребната количина на шеќер во крвта може да ја создава од нејаглехидратни извори како протеини и масти.
Можеш да се навлечеш само на нешта без кои можеш да живееш.
Како се генерира стрв
Кога нивото на шеќер ќе се качи („качи“ значи над нормалното ниво), потоа мора да се симне. Самото симнување често јавува симптоми како на паднат шеќер кое е еден од главните сигнали за излачување на хормонот грелин, хормонот на гладта. Грелинот се покачува и се јавува стрв. Постои реална разлика помеѓу стрв и глад. Иако во литературата можеби не се обрнува толку внимание на таа разлика, праксата јасно ја покажува.
Стрв е потреба која се јавува како резултат на претходни постапки.
Глад е природна состојба која се јавува кога на телото му се потребни нутриенти и енергија, а нејзиниот степен е сепак предмет на нашите животни навики.
Ако му даваме премногу енергија (храна), телото ќе се презасити но воедно ќе го зголеми апетитот за енергија коешто води кон зачестена глад, која всушност не е природна глад туку вештачки искреирана стрв.
Не се работи за навика, се работи за креирање на импулси, односно потреби во телото кои потоа работат автоматски.
Така можеме да дојдеме до заклучок дека некои работи креираат нови непожелни импулси, а некои не.
Јаглехидратите создаваат нови импулси, нови потреби. Дрогата, алкохолот, кафето (полесна но сепак се класификува како дрога), исто така. Затоа за жал, многу луѓе ќе ги видите порасположени во кафана отколку дома, на работа, односно надвор од кафана. Тие дошле во состојба да само мал број нешта можат да стимулираат задоволство. Затоа употребата на овие супстанци е најширока: јаглехидрати (лебови, сокови, џемови, кремови, тестенини, слатки…), кафе (кофеин), алкохол (исто така се класификува како дрога), енергетски пијалоци (кофеин), други легални и нелегални дроги (антидепресиви, марихуана, кокаин, итн.).
„Задоволување на потребите“
Ако го проанализирате „пазарот“ ќе видите дека ова се едни од нај, најпродаваните производи на светско ниво:
- Алкохолни пијалоци (попродавани од флашираната вода)
- Кафе
- Енергетски пијалоци
- Јаглехидрати – 95% од секој супермаркет е јаглехидрати
- Постои употреба на антидепресиви како никогаш претходно
Заклучете колку далеку сме отишле слушајќи си ги телата.
На овој начин излегува дека телата ја водат економијата, ги водат нашите животи, нѝ кажуваат што нѝ се јаде, што нѝ се пие, што нѝ се прави, што не нѝ се прави. Луѓето постепено станаа заробени од своите тела. Погледнете ги здравствените статистики и општата состојба на денешниот човек и видете ја цврстата, сурова реалност која нè опкружува.
Не треба да се слуша телото, туку разумот. Потоа телото ќе следи. Тоа и онака следи што и да му дадете (адаптивен механизам).