Во нашата култура има доста површности. Тие се површностите кои носат кон намалување на вредностите, односно најнежно кажано – кои ја убиваат културата.
А менталитетот и здравјето одат заедно.
Постар човек влегува во аптека. Бара некој лек но не му текнува на името на лекот и на глас вели дека во последно време многу заборава и покрај тоа што пие одреден препарат за појачување на меморијата.
Погледнете ги сега веројатните околности.
Човеков прво, веројатно е дека се храни на стандардниот начин како и најголемиот број од луѓето. Дополнително, можеби пие по некоја чашка редовно и можеби пуши цигари (како и голем дел од луѓето). Овие фактори се рецепт за оштетување на клетките на целото тело. Таквото оштетување е водечки фактор за:
- Стареењето
- Огромен број заболувања
- Сенилните заболувања како Алцхајмеровата болест и Паркинсонова болест
- Срцевите проблеми
- Високиот притисок
- Постојан замор
- Лоша меморија
- Лоша концентрација
- Дигестивни проблеми (киселини, констипација, подуеност, дијареја…)
- Замастување на црн дроб
- Слаби и кршливи коски (остеопороза)
- Дијабетес
- Очни заболувања, итн., итн.
Покрај сите овие компоненти на темелниот рецепт за заболување и пребрзо стареење, човекот мисли дека заради едниот препарат што го пие тој треба да има добра меморија. А огромен дел од сè друго што прави работи директно против таа меморија.
Јасно е дека така оди маркетингот, односно маркетрикингот. „Пиј гинко за подобрена меморија“ (и покрај тулумбите и немањето добар сон, на пример).
„Ги зајакнува коските и штити од остеопороза“ и покрај тоа што јадеш појачувачи на вкус, вештачки засладувачи и пестициди. И покрај фактот што ако почнеш правилно да вежбаш, коските ќе се зајакнат неизмерно пати повеќе отколку со две таблетки дневно од најмагичниот препарат.
Рекламите нема да нѝ кажат од што зависи тоа што го бараме, тие ќе нѝ кажат што вели некое истражување за нивниот препарат. Тоа не е чудно, но неверојатно е дека на многумина таквите реклами несвесно им служат како извор на информации за тоа како работи телото.
Фактот е дека подобрувањето на исхраната може да има многу поголем ефект отколку некој препарат, а сепак влошувањето на исхраната во нашата цивлизација се „поправа“ со воведување сè поголем број лекови и препарати.
Ова ви кажува дека недостасува вистинско разбирање од што се состои здравјето, односно првенствено дека здравјето е СКЛОП од мрежа фактори.
Понатаму, секоја компонента на здравјето зависи од секоја друга компонента. Но и покрај ова, денес преовладува едуцираност која го тера човек да размислува во поединечни решенија за здравјето. Затоа многу луѓе бараат поединечни решенија за тестостерон. На пример ашваганда. Или трибулус. Ашвагандата е ОК, меѓутоа таа нема да ги намали вишокот масни ткива каде се случува КОНВЕРЗИЈА на тестостеронот во естроген. Па така, колку повеќе тестостерон правите однадвор, толку повеќе естроген добивате одвнатре.
Така често луѓето добиваат обратен ефект иако го прават тоа што рекламите им го кажуваат.
Има безброј примери, како земање лекови за притисок без да се обрне доволно внимание на гореспоменатите причини за кои е предобро познато дека водат кон висок притисок.
Гинко – нема да го реши проблемот на заборавност кога главната физичка причина е уништувањето на структурата на клетките во мозокот преку токсикогената исхрана со висока содржина шеќери т.е. јаглехидрати, цигарите, алкохолот, разни лекови, нечист воздух, хемиски додатоци во храната…
Прашањето за здравјето е многу едноставно решливо: здравјето е управувано од начинот на живот.
Друга површност:
Напишав текст за постигнување поголема исправност во животот. Некои од коментарите на тој текст беа: „Не се секирај за ништо, само живеј го животот“ и „Треба да се молиме и да се крстиме“.
Прашањата кои треба да се постават се:
Дали само го живееш животот со висок притисок или без? Дали го живееш животот со срцеви проблеми или без? Со низок или добар тестостерон?
Добро е човек да верува, да се моли и да се крсти или да се клања, или на друг начин да ја практикува својата религија.
Но дали се молиш со замастена јетра или се молиш без замастена јетра?
Дали се крстиш со вишок килограми или се крстиш без вишок килограми?
Во која состојба ги правиш овие работи? На таа состојба треба да се работи.
Потоа продолжи да ја практикуваш својата вера, но биди ти во подобра состојба. Тогаш станува повозможно да „го живееш животот и да не се секираш“. Тогаш и верата има повеќе смисла, бидејќи таа нè учи на живот.
Нема логика да живееме погрешно, а да се молиме за исправност.
Дино Николиќ
Креатор и автор на Мускултура
Здравствен тренер
Фитнес инструктор и тренер за кондиција и сила
Сертификуван нутриционист
12.02.2023