Калориски внес наспроти потрошена енергија е длабоко, длабоко вкоренето гледиште во фитнесот и медицината.
Тоа гледиште е доста логично, внесуваш 2000 енергија, трошиш 2500, си изгубил 500.
Бум, решен проблем.
Прва работа
Знаете дека има доста луѓе кои не јадат премногу и пречесто, не внесуваат џанк фуд, процесирана храна, слатки и соленки, но сепак имаат вишок килограми.
Теоријата за калориски внес наспроти потрошувачка на енергија може да важи само доколку храната од која доаѓаат калориите (протеини, масти и јаглехидрати) е во правилен и здрав сооднос.
2000 калории од јаглехидрати и 2000 калории од протеини и 2000 калории од масти ќе имаат комплетно различни ефекти во телото.
Пример
Имате врата за фарбање. Земате фарба за врати, кафена боја. Земате парфем со жолта боја. Земате сок од боровница, црвена боја. Која боја е најдобра? Парфемот и сокот не се фарба, иако имаат боја.
Ова е тоа што теоријата за калории и потрошувачка упорно не го разбира. Иако калорија е само назначена бројка за количество на емитување топлина ДОКОЛКУ сировината се подложи на горење, оваа теорија смета дека сировините се исти и дека ќе БИДАТ согорени.
Затоа голем број луѓе се обидуваат да го натераат телото да слабее преку трошење калории и се обидуваат да вежбаат што е можно повеќе. Кога не слабеат, уште мислат и дека не вежбаат или не трчаат доволно.
Втора работа
Луѓето не се дебелеат заради недостаток на физичка активност, односно недоволно потрошувачка на енергија. Ако тоа беше причината, тогаш доволно е само да се вежба и нема да постојат вишок масни ткива. За жал или за среќа, вежбањето не е доволно.
Зошто е ова така?
- Заради фактот што исхраната е главен фактор во дебелеењето и слабеењето. Односно, возможно е да се ослабе само преку исхрана без милиметар промена во физичката активност.
- Заради фактот што со правилна исхрана и без физичка активност, човек нема да се здебели.
- Заради фактот што со правилна исхрана телото ќе топи вишок масти во текот на денот за да живее/работи на нив. Вежбањето топи минимални количини, 300-400 калории, и тоа е дарежливо кажано. Тие калории се помалку од четвртина бурек, помалку од 100 гр чоколадо, помалку од 100 гр тестенини, околу 100 гр ориз.
- Ги трошиме/елиминираме калориите, но дејството на хормоните не. Дејството дебелее, а не калориите.
- Вежбањето активира процес на слабеење и градење мускулна маса (доколку е правилно), преку хормоните, но погрешната исхрана активира обратни процеси. Едното дејство против другото дејство, дава измачување.
Тренерите кои ве форсираат да вежбате повеќе и повеќе, посилно и подолго, се обидуваат да направат да потрошите што е можно повеќе калории. Тие не пристапуваат од аспект на хормоните и ефектите кои настануваат кога некои хормони ќе паднат или ќе се качат. Денес, сè повеќе луѓе почнуваат да го разбираат ова и тоа е една од нашите цели. Сè повеќе тренери и вежбачи ги користат принципите на Мускултура.
Најефективното слабеење е кога телото за потребите на својата енергија работи на согорување масти. Тие масти ќе ги согорува од исхраната но и од вишокот во телото. Ако не го префрлите да согорува масти, телото нема причина зошто да влезе во своите вишок масти и да ги согорува. Кое е најдоброто согорување? Не вежбање и трчање, туку секојдневното функционирање. Дневно трошите околу 1800 калории без да мрднете, тогаш зошто да не го префрлите телото на масти за тие 1800 да бидат од масти (од исхрана и мастите на телото)?
Вежбањето дава плус, но не е носител на слабеењето. Голем помагач, да. Но вежбањето ве слабее после вежбањето, а не за време на вежбањето.
Кај секого треба да се земе во предвид потребата за дневна потрошувачка на калории. Имате луѓе со голема активност како целодневно движење, стоење, напорна физичка работа и нивниот потребен калориски внес би бил поинаков во споредба со тоа кога би имале помалку активност, но тоа не значи дека треба 18 часа да бидете физички напрегнати за да ослабете.
Ова не кажува дека вежбањето е непотребно. Далеку напротив. Зборуваме за овој факт:
Не може исхраната да ја оставиш по старо и да се надеваш дека вежбањето ќе надомести за сè.
Вежбањето е засилувач. Ако се прави погрешно со активација на непожелни хормонални сили, тогаш тоа ќе ги пригуши ефектите и на правилната исхрана. Ако се прави правилно, ќе ги појача ефектите.
Сакаме да направиме голема разлика овде:
- Без вежбање нема градење мускули. (И сигурно, кардио не гради мускули.)
- Само со исхрана не може да се прават мускули.
Факт е дека самата физичка активност може да ги намали килограмите. Но таа може и да ве направи посклони кон дебелеење, а тоа е почесто случајот кај луѓето. Вежбаат со месеци и години без да ослабат, дури и напротив, качуваат.
Доколку физичката активност е прекумерна, пренапорна и пречеста и предолга – возможно е и да се ослабе (сепак зависно од исхраната). Да, тука физиката и теоријата за потрошувачка имаат улога – потрошете 3000 калории, внесете 1500, но каков ефект ќе има ова врз психата и телото? Човекот не е машина за горење калории. Последиците од грешките во физичката активност не се гледаат на сликите со ПРЕД и ПОСЛЕ. Таму гледате изгубени 10-20 кг за некој период, но не гледате како се буди тој човек наутро, колку е „мамурен“, не се гледа секогаш исцрпеноста, не се гледа зголемената нервоза што можеби ја има преку ден за која не ни претпоставува дека му доаѓа од грешките во физичката активност.
Физичката активност, односно правилното вежбање дава други, не помали бенефити.
Начинот на исхрана Е методот за согорување калории. Исхраната е таа што ги овозможува „слабејачките“ ефекти на вежбањето. (Велиме слабеење, но фактички тоа е регулирање на тежината, односно носење до таму кај што треба да биде).
Вежбањето го поддржува тоа слабеење и го убрзува. Но не е негов носител. Исхраната е.
Вежбањето активира силни хормонални сили кои го менуваат и подобруваат расположението. Дава чувство на остварување особено кога гледате резултати. Дава редовност и дисциплина. Време за себе.
Вежбањето ја зголемува силата и отпорноста и издржливоста. Дава мускулна маса. Ги зајакнува коските. Може да поправи разни болки и недостатоци.
Доколку е правилно, ја зголемува толеранцијата на стрес. (Доколку не, обратно).
НО ВЕЖБАЊЕТО НЕ Е МЕТОД ЗА ТРОШЕЊЕ КАЛОРИИ.