Мотивацијата не е предуслов, таа е резултат.
Дисциплината употребена во правење исправни чекори, е тоа што раѓа мотивација.
Ако чекаш мотивација за да употребуваш дисциплина, тоа е обратен редослед.
Кога човек гледа на мотивацијата како предуслов, гледа во погрешна насока. Останува да чека нешто што со чекање не доаѓа.
Не ти треба мотивација за да бидеш дисциплиниран.
Но ти треба постојана дисциплина за да имаш мотивација.
Мотивацијата е убава и луѓето ја сакаат заради тоа што кога е човек мотивиран, има убава емоција, чувство на задоволство и исполнетост, чувство на надеж и на возможност во достигнувањето. Мотивацијата е чувство на слобода.
Меѓутоа недостатокот од мотивација не те онеспособува да чекориш. Дисциплината е таа којашто чекори без разлика на условите, на чувството и на расположението. Не мора да си мотивиран за да станеш. Едноставно стани.
Не мора да си пресреќен за да одиш да вежбаш и да почнеш исхрана. Стани вежбај и почни да се храниш. Потоа среќата ќе резултира.
Дисциплината е средство за достигнувања.
Мотивацијата е награда. Убавина на животот.
Убавината на животот се гради.
Како што еден град е убав и сме мотивирани кога го гледаме, треба да ја помислиме мислата дека тоа некогаш било пустелија.
Да одиш низ пустелија до целта е дисциплина. Чувството не е секогаш убаво, напротив, може да биде и тешко, дури и демотивирачко. Ама сега сите му се радуваат на градот.
Само оние коишто можат да видат низ пустелијата и да изодат низ неа можат да ја достигнат наградата да се чувствуваат мотивирани.
Мотивацијата може да биде хируршки прецизен резултат, а не „добра среќа“ или случајно чувство кое самото си доаѓа но и самото си оди.
Дисциплината има само еден предуслов. Тоа е стартот на акцијата, а најдобриот период за активирање отсекогаш бил и ќе биде СЕГА. Вистинската дисциплина не додава растојание помеѓу АКЦИЈА и СЕГА.
Дисциплината Е разум, а тој постои СЕГА.
Ако постојано го преместуваме разумот за некое друго време, што нѝ преостанува СЕГА?