Во прилог следи наша објавена статија во списанието Cosmo, број 61 за февруари-март 2021.
Во нашето секојдневие, постојано сме „бомбардирани“ со илјадници информации за тоа што треба/не треба да јадеме, како и кога да вежбаме, колку калории треба да внесуваме и сл. И додека во повеќето од овие информации има вистина, голем дел од работите кои се пласираат во јавноста, а се поврзани со оваа тема се невистинити и контрадикторни.
Па така, по читањето често завршуваме со куп прашалници или сме разочарани кога некој совет нема да нѝ ги донесе очекуваните резултати.
Токму желбата да се одвои вистинитото од невистинитото и да се наведат луѓето на прав пат кон поздрав (читај правилен) начин на живот, го поттикнала Дино Николиќ да ја создаде веб страницата за спорт и здравје – Muskultura.mk, а нас нè поттикна да стапиме во контакт со него и да ги најдеме сите одговори.
Во следните неколку страници, преку разговор со Дино ќе пробаме да ги разјасниме најпознатите митови и невистини за вежбањето и да ви помогнеме да ја достигнете вашата фитнес цел.
НА ПОЧЕТНАТА СТРАНА ОД ВАШИОТ ВЕБ САЈТ ПИШУВА „ДОБРЕДОЈДОВТЕ ВО НОВАТА МУСКУЛНА КУЛТУРА“. ШТО ПОТОЧНО Е МУСКУЛТУРА?
Мускултура е тим од посветени луѓе чија цел е да им овозможи на другите постигнување на вистински и трајни резултати во физичкото здравје, изгледот и силата, а со тоа и јакнење на менталитет на дисциплиниран пристап кон остварување на зацртани цели.
Покрај мене како фитнес ентузијаст, во тимот имаме специјално одбрани луѓе меѓу кои и доктор на медицина и магистар по медицински науки и професори по физичко образование, спорт и здравје.
Сметам дека во тимот припаѓаат и сите оние кои ја практикуваат Мускултура во животот бидејќи тие се нашата најсилна мотивација.
КАКО ЗАПОЧНАВТЕ?
Мојата прва и основна мотивација беше вистината и поривот таа да допре до луѓето. Гледајќи колку невистини постојат што може да се забележи не само преку самите невистини туку и преку нивните резултати во здравјето на луѓето и општеството, почнав да го одделувам вистинитото од невистинитото и да откривам нови вистини.
Работата на себе и желбата за подобар живот ме доведе и до прашањето за физичкото здравје. Така започнав на патот на кој се судрив со силно вкоренетите грешки во фитнес-светот и нивните ефекти кои ми се појавуваа како непосакувани резултати. Мускултура е резултатот на тој пат.
КОЈ Е ПРАВИЛНИОТ ПРИСТАП ЗА ДА СЕ ПОСТИГНЕ ВИСТИНСКА ПРОМЕНА?
Важно е да се знае дека промените што ги посакувате во телото ќе настанат само доколку телото има доволен поттик да ги направи.
Телото се мотивира односно поттикнува преку хормоните. Зборот „хормон“ е грчки збор што значи „поттик“. Хормоните се принципот на мотивација на самото тело. Тие спроведуваат акција на телесно ниво.
Сите промени во телесната структура, независно дали посакувани или непосакувани, се остваруваат под инструкција на хормоните.
Губење мускулна маса, собирање вишок килограми, слабеење, зголемување мускулна маса – сите овие се резултати од дејството на конкретни хормони присутни во одредени соодноси и количества.
Е сега, уметноста е во тоа како ние да им дадеме инструкција на хормоните, за да го спроведат тоа што го посакуваме на правилен и здрав начин.
Кога станува збор за позитивни промени во телесната структура, најдобрите методи за тоа се: правилна исхрана и правилно вежбање. Внимавајте, не исхрана и вежбање, туку правилна исхрана и правилно вежбање.
Затоа вежбањето и исхраната мора да бидат правилни во однос на хормоните. Ако не се правилни од хормонален аспект, нема да го добиете посакуваниот ефект. Тоа значи не само што може да нема добри резултати долг временски период, туку може да се јават и други ефекти како замор, исцрпеност, фрустрираност, напнатост, демотивација.
ШТО ТРЕБА ДА СЕ НАПРАВИ ЗА ДА СЕ ЗГОЛЕМИ МУСКУЛНАТА МАСА?
За да зголемите мускулна маса потребно е вежбање кое е од понапорна природа од аеробик, пилатес, џогирање и слично. Овие видови на вежбање се добри за подвижност, кондиција, за подобра циркулација и општо земено здравјето.
Но нивната ефективност во однос на вежбање со тежини односно вежбање со поголем отпор – е многу помала затоа што предизвикуваат далеку помала активација на хормоните кои предизвикуваат градење мускулна маса и топење на вишокот масни наслаги.
Затоа е важно да се разјасни која е вашата конкретна цел.
Доколку целта е подобро срцево здравје, раздвижување, зафаќање со некоја активност, тогаш аеробикот, пилатесот, џогирањето – ќе бидат корисни.
Доколу целта е да предизвикате промена во телесната структура и изглед, издржливоста, нивото на енергија и силата – потребно е вежбање со поголем отпор, односно вежбање со тежини. Тоа не значи дека ќе развиете мускули како професионален бодибилдер но значи дека телото ќе има доволно притисок за да мора да ги направи промените кои ги посакувате. Ова доколку не е попречено од неправилна исхрана, туку напротив – помогнато од правилна исхрана според вашата телесна структура – ќе овозможи видливи промени.
Доколку тој притисок е правилно насочен, тогаш значи дека нишаните добро и во тој случај возможно е да се погоди метата односно да ја постигнете вашата цел. Тоа е возможно доколку работите според правилно дизајнирана програма за вас. Нашите клиенти уште по првиот месец пријавуваат намалување на обемот на стомакот, зголемена енергија и се секогаш исполнети од прогресот. Остварените резултати даваат поголема мотивација и сигурност во стремежот. Така на луѓето им е полесно да следат правец без да се откажуваат.
КАКО СЕ ПОСТИГНУВА ТОНИРАЊЕ НА ТЕЛОТО?
Тонирање значи да го направиш телото да биде поцврсто и затегнато. Иако се смета дека аеробните вежби го тонираат телото, тоа не е генерално вистина. Она што го тонира телото се хормоналните реакции кои го тераат да зајакне за да може подобро да се справи со отпор. Затоа од аспект на време и ефект, вежбањето со тежини е супериорно во однос на аеробните вежби кога станува збор за тонирање на телото, за цврст и затегнат изглед.
ИМА ЛИ ФОРМУЛА ЗА БРЗО И ЛЕСНО ГУБЕЊЕ НА ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ?
Нормално, вежбањето е прекрасен метод и алатка за намалување на вишокот килограми.
Меѓутоа намалувањето не може ефективно да се постигне доколку начинот на исхрана не оди во корист на топење на вишокот телесни масти. Доколку не го промените начинот на исхрана, ниту еден начин на вежбање нема да ги елиминира вишокот килограми што стариот начин на исхрана сè уште ги создава.
Исто така начинот на вежбање може да ги потисне ефектите од правилна исхрана. Затоа е потребно на телото да му се пристапи како на цел еден систем бидејќи токму тоа е телото, систем.
Вистинската промена на начинот на исхрана не бара префрлање на некоја чудна и необична диета, каде што мораме да јадеме само алги или каде што не смееме да јадеме конкретни производи во одредени часови од денот а потоа во други часови од денот смееме но само во седмиот ден… Ух, сложено.
Вистината е дека не мора воопшто ни да се изгладнуваме за да го намалиме вишокот на килограми. Кога ќе го слушнеме зборот „диета“ најчесто помислуваме на некаков режим каде што ќе треба да се откажеме од сè.
Има причина зошто е ова вака. Токму неправилните диети кои што се нудат како еднократни решенија а не како начин на исхрана за во животот се тие кои му имаат дадено лошо име на зборот „диета“. Зборот диета значи „начин на исхрана“.
Најдобрата диета на светот не би била „рестрикција“ туку лесен, достапен и изводлив начин на исхрана кој нема рок, кој не се прави за одреден временски период.
Значи правилниот начин на исхрана би бил дел од нашиот начин на живот. Ако имаме правилна исхрана телото ќе почне да се адпатира на подобро. Ако ја прекинеме таа исхрана, телото секако ќе одговори со соодветно адаптирање. Нема автоматски да си продолжи по старо. Затоа повеќето диети не функционираат. Диетата не треба да е времено решение. Таа треба да е дел од начинот на живот, секојдневие.
Интересно е што сме опкружени со безброј „решенија“ за слабеење и „здрава“ храна превиткана во убави пакувања. А уште поинтересно е што бројот на луѓе со вишок килограми нагло расте. Значи, нешто мора да е погрешно. Погрешно во самата конструкција на прифатените норми за тоа што е исправно а што лошо во исхраната и вежбањето.
СОВЕТИ:
Доколку сакате да го изгубите вишокот килограми, треба да игнорирате неколку работи:
- Речиси сите производи што велат „слим“, „фит“, „со помалку масти“.
- Крекери, овесни снегулки, повеќето протеински чоколатца, густи сокови, многу овошја.
- Сè што содржи појачувачи на вкус: салами, паштети, виршли, повеќето сувомеснати производи.
- И главно, во исхраната не треба да преовладуваат јаглехидрати. Пример за јаглехидратна храна се овесни снегулки, мусли, леб (бел, интегрален, протеински…), шеќер (бел, кафеав), ориз, тестенини, компири, крекери, бисквити, слатки, сокови (овошни, газирани, природни, неприродни).
- Во исхраната треба да преовладуваат протеини и здрави масти. Тогаш телото ќе биде поттикнато да ја добива својата енергија искористувајќи масти наместо шеќери. Случајот кај повеќето луѓе во денешната култура е дека телото се потпира на енергијата од јаглехдиратите. Меѓутоа во таа состојба е и подложно да складира масти. Доколку искористува масти за енергија, во таа состојба телото не собира вишок масни наслаги, бидејќи токму сировината од која се тие составени ја користи како гориво.
КАКО ДА ГИ ИСТОПАМ МАСНИТЕ НАСЛАГИ ВО ПРЕДЕЛОТ НА СТОМАКОТ И БУТОВИТЕ?
Ова е многу интересно и важно прашање. Решението станува видливо во моментот кога ќе разбереме дека стомакот, бутовите и секој друг дел од телото не функционира самостојно и кога ќе го погледнеме ова прашање од аспект на телото како целина. На тој начин, може да примениме решение кое го третира целото тело, бидејќи вишокот масни наслаги се производ на целото тело (а под наше раководство), а не на стомакот или бутовите. Затоа е потребен систем од решенија кој ги опфаќа сите делови од равенката а најглавниот дел од равенката сме прво самите ние.
Методите како таргетирано вежбање на стомакот или задникот, ставање облоги за топење сало, долготрајно, секојдневно трчање на трака, пиење на разни топачи на масти – не даваат поволни резултати во присуство на неправилен начин на исхрана. А тоа резултира во уште поголеми чувства на неуспех бидејќи сите тие методи се употребуваат во надеж за добри резултати. Патот кон успехот е систем од решенија и е составен од успешни чекори. Зачекорете успешно од самиот старт со Мускултура.