Постојат многу производи што се нудат како топачи на масти. Разни таблети со микс од тревки со мастотопачки својства, прашоци, напитоци, течен Л-Карнитин (аминокиселина) или во капсули…
Најчесто, единственото што успеваат да го стопат се парите.
Потпирањето на суплементи да ти топат масти, не само што е бесмислено, туку е и штетно.
Доста од овие суплементи содржат и фактички штетни супстанци, вештачки засладувачи и вкусови, високи дози кофеин (што ги проповедаат како корисни)…
На пример, основата зошто ставаат кофеин во голем број производи за согорување масти е заради тоа што кофеинот намалувал апетит и го покачува хормонот адреналин. Но ние не сакаме намален апетит, сакаме здрав апетит.
Адреналинот поттикнува топење масти за да се искористат како енергија но тоа не е неговата главна намена. Адреналинот е хормон што се излачува во моменти на стрес. Главни топачи на масти се други хормони (под природни услови) без стресните и разорни својства на пречестото и прекумерно излачување адреналин.
Да користиш адреналин за топење масти е како да користиш хемотерапија за да се истрижеш на нула.
А ниту кофеинот сам по себе нема да го поттикне нашето тело да си топи масти. Инаку не би постоеле луѓе со прекумерна тежина а кои пијат 6 кафиња дневно.
Околностите се битни. Бензинот гори, но при околности во кои една капка бензин е разредена во 100 литри вода, не гори. И протеинот е топач на масти. Но во некои услови не е. Со неправилна исхрана протеинот не е топач на масти. Околностите се битни.
Рекламите не ги интересира „под какви околности се случуваат посакуваните промени“ туку само фактот дека нивниот производ содржи состојка што под некакви услови има некое својство (поткрепено со научна студија) – својство што можат да го рекламираат.
Ужасот од кофеинот што така радосно го бутаат во суплементите е во тоа што поголеми дози кофеин го вивнуваат кортизолот. Доколку често имаме висок кортизол, тоа има разорни ефекти. Тука го објаснивме тоа.
А сепак покрај сето ова, има уште една, огромна причина зошто е штетно да се потпираш на суплементи за да ти топат масти.
Никогаш во светот немало повисока стапка на дебелост од денес а напоредно со тоа никогаш не се продавале повеќе топачи на масти од денес. Значи нешто мора да создава вишок масти што ваквиве топачи на масти не го решаваат.
Овие суплементи (голем дел од нив топачи на пари) се нудат како лек за вишокот килограми. И тоа со разни бомбастични изјави како на пример дека генерираат топлина во телото која потоа ги топи мастите… Интересно.
Луѓето се дебелеат преку исхраната. Тоа значи дека со рацете физички внесуваат храна во телото, храна која е претежно јаглехидратна (леб, тестенини, ориз, компири, шеќери, слатки, сокови…). Потоа таа храна минува низ одредени процеси и на крај завршува како сало.
Опасноста односно штетноста од потпирањето на овие суплементи да ти вршат работа не е главно во штетните супстанци. Некои не ни имаат штетни супстанци па сепак опасноста е иста. Таа се состои во тоа што земајќи ги, човек го свртува погледот од изворот на проблемот односно престанува да гледа во тоа како тој фактички го создава проблемот (физички со рацете внесува во телото погрешна храна), а гледа на суплементот како решение, додека притоа сè уште физички внесува со рацете погрешна храна во телото, генерирајќи сало.
На овој начин уште повеќе се обезвреднува фактичноста на физичката акција на ставање погрешна храна во телото. Така луѓето биваат „едуцирани“ дека изворот на проблемот е решлив од друго место.
– „Јадам тестенини и пијам литро и пол сок ама не е до тоа“. Во превод, „лошите вили самовили ми таложат сало.“
Се обезвреднува чувството за последици од нашите сопствени постапки:
– „Не бе јас имам склоност кон гомилање сало, сè ми се фаќа“. Во превод, „јас правам све супер ама проблемот е друг.“
Притоа сакајќи но не успевајќи да ослабат, постојано си нанесуваат порази. Сакаат да постигнат позитивни резултати но постојано си докажуваат дека тоа не го можат. Така се руши самодисциплината во пакет со самодовербата.
Рекламите за ваквите суплементи, поткрепено со фактот дека моделот на денешното општество е насочен кон брзи и лесни резултати со што помалку напор од наша страна – толку добро се вклопуваат во менталитетот на луѓето, што речиси без прашање се прифаќаат како вистина. Бидејќи многу од луѓето се така истренирани да размислуваат. Клик и супер. Лап и резултат кап.
Затоа правете разлика помеѓу реклами и едукација. Иако рекламите се обвиткани во „едукативна“ и френдли атмосфера, тие се далеку од едукација. И често далеку од френдли.
Телото нема да топи масти ако е во режим на нивно создавање и складирање. А тој што го става или вади од таков режим сме самите ние.
Дури има луѓе кои сметаат дека ако се напиеш сок од половина цитрон наутро, цитронот прави облога во телото и не дозволува таложење на масти. А ти потоа во текот на денот слободно бутај бурек.
Преминот од моменталниот начин на живот што гомила сало кон поздрав начин на живот не е само прашање на исхрана, туку склоп од повеќе фактори како вежбање, исхрана, здравје и психички аспекти.
Не постои замена за промена на начинот на живот. Никакви чајчиња, сокчиња и пилулки не може да бидат замена за чесно спроведување на правилна исхрана и вежбање. Чаевите и многу суплементи се суперкорисни но не се ЗАМЕНА за чесно ЖИВЕЕЊЕ поздрав живот пред себеси.
Па така со правилна исхрана и вежбање човек би можел да има бенефит од Л-карнитин или од некои суплементи што се нудат како топачи на масти. Но тогаш такви суплементи не би му биле особено потребни бидејќи со исхраната и вежбањето ќе го губи вишокот масти доста ефективно.
Во нашите програми со луѓето што сакаат да изгубат вишок масти, никогаш не се потпираме на суплемент да согорува масти, бидејќи најдоброто согорување е: исправно да го префрлиш телото да работи во режим на согорување масти. Така, телото почнува да работи за тебе, како што и треба да биде, а не ти за него. Единствено тогаш одредени суплементи можат да бидат ветер во грб.