Во последно време на непријателот му се дава огромно внимание и значење. Како се однесува, како се крие, размножува, кои се неговите ефекти…
Добро, ајде малку да позборуваме за другата страна. За нашите.
Секој од нас поседува една од најдобрите армии што постојат.
Тоа е нашиот имунолошки систем. Тој систем е мрежа од специјализирани клетки и органи што го штитат организмот од разни органски и неоргански натрапници.
Дали ќе се разболиме ако дојдеме во контакт со вирус или друг натрапник?
За да се разболиме мора да постои подложност т.е. склоност кон разболување. Контактот со некој натрапник не значи автоматско разболување бидејќи нашиот имунолошки систем се справува со голем број натрапници цело време.
Дали човек ќе се разболи или не при контакт со некој вирус или друг вид натрапник зависи од силата на неговиот имунолошки систем и силата и количеството на натрапникот со кој сме дошле во контакт. Сите фактори што влијаат на имунолошкиот систем се всушност фактори што влијаат и на подложноста на разболување.
Имуниот систем е елитен внатрешен тим кој се бори против надворешни натрапници и напади. Врвно е организиран но мора да биде снабден со воени единици, добро оружје, материјали, сила, логистика, енергија и волја.
Натрапниците
И натрапниците знаат да бидат паметни. Постојат бактерии кои кога ќе влезат во телото, стојат во една област и пуштаат извидница да пропатува во одреден регион од телото. Доколку се врати извидницата, бактеријата знае дека таа област е поволна за населување, односно дека не е под надзор и во неа не се моментално присутни војници на елитните единици. Тогаш бактеријата се проширува натаму. Доколу извидницата не се врати, бактеријата може да остане во мирување во локацијата на која се наоѓа сè додека не најде простор за движење или додека некоја патрола не ја совлада и неа.
Натрапник е било кој организам или супстанца што телото го смета за закана. Во телото има многу супстанци и бактерии кои во здрава состојба многу добро знае да ги препознае како свои и корисни.
Силен имун систем значи одлична инфраструктура, голем број елитни единици, врвно опремени, спремни, координирани и брзи.
Тоа е така една организирана армија, што ќе видите дека која било армиска структура ги следи истите принципи.
Војниците
Војнците коишто го сочинуваат овој дел од имунолошкиот систем се белите крвни клетки познати како леукоцити. Овие потоа се делат на засебни единици со различни задолженија како во секоја армија.
Секоја единица има посебна функција но работат во координација и ЗАТОА се моќни.
Кога некој натрапник ќе навлезе во системот односно кога телото е под напад, натрапникот се соочува со првата одбранбена линија:
- Единица за брз напад кон натрапници. Ова е најбројната единица од сите. Многу се подвижни но лесно умираат. Во секој случај во големи количини се создаваат во коскената срж. Овие единици го проголтуваат натрапникот.
- Имаме и посебна единица „извидници“. Доколку има натрапник тие им носат доказ од натрапникот на една друга единица „помагачи“. Овие извидници буквално проголтуваат натрапник и буквално одат во најблиската касарна и на единицата „помагачи“ им го презентираат примерокот.
- Единицата „помагачи“ – откако ќе го идентификуваат натрапникот, се множат и се впуштаат во акција за да ги известат другите единици. Секој „помагач“ може да препознае само конкретен натрапник и затоа се потребни голем број „помагачи“ за да препознаваат различни натрапници. Оваа единица ги известува другите единици.
- Ја имаме и единицата за неутрализирање. Овие произведуваат антитела (супстанци што неутрализираат натрапници) кои потоа се закачуваат за натрапниците и ги онеспособуваат. Така натрапниците пловат онеспособени сè додека не дојде некој од единицата „големи јадачи“ да ги апсорбира. Некои од овие клетки, откако биле активирани заради одреден натрапник, почнуваат да го памтат истиот, живеат долго време и при повторен напад од истиот натрапник можат многу брзо да реагираат.
- Потоа ја имаме единицата „убијци“ која уништува телесни клетки инфицирани со натрапник. Оваа единица добива информација од „помагачите“ за да може да препознае кои клетки се инфицирани а кои не се. Здравите клетки имаат ознаки на себе кои оваа единица ги препознава како свои, а заразените клетки имаат други ознаки. Кога ќе наиде на заразена клетка, војникот на оваа единица испушта две супстанци, едната супстанца прави дупка во ѕидот на клетката преку која потоа влегува другата супстанца која е токсична за натрапникот но и за самата клетка. Остатоците од уништената клетка и натрапникот потоа се исчистени од друга единица:
- Единицата „големи јадачи“. Тие ги апсорбираат (јадат) остатоците од изумрените клетки, а апсорбираат и натрапници кои претходно биле означени и онеспособени од единицата за неутрализирање. Големите јадачи се активираат од повеќе сигнали, меѓу кои и од „помагачите“.
„Голем јадач“ проголтува вирус
- Клетките „потиснувачи“ настапуваат за да го смират имунолошкиот систем особено клетките убијци, инаку во спротивно тие ќе продолжат да „пукаат“ во организмот. На тој начин здравите клетки се штитат од непотребен напад.
Гледате колку добро поставена и организирана армија е имуниот систем. А ова е сепак само еден дел! Како што е така детален а не општ и површен, така и ние треба да пристапуваме кон проблемите и целите во животот. Систематизирано и тимски.