Исхраната поттикнува различни хормони
Правилното вежбање, со правилна исхрана и поткрепено со доволно спиење, ќе придонесе за здраво и квалитетно слабеење преку топење на вишокот сало. Ова подразбира отфрлање на што е можно повеќе јаглехидрати од исхраната, но не и на мастите. Да, знаеме дека и ова е спротивно на популарното мислење. Меѓутоа ние не сме тука за да бидеме „популарни“, туку да бидеме ефективни. Вака ќе постигнете максимални резултати за многу побрзо време од „популарното“, односно многу месеци или години.
Правилната исхрана подразбира секојдневно јадење зелени салати, пиење вода најмалку два литри дневно (не сокови, кафе и сл., туку чиста обична вода), внесување протеин околу 1-2 грама по килограм телесна тежина дневно, масти околу 1-2 грама по килограм, јаглехидрати максимум 40 грама дневно. Да, ова е хардкор. Но и салото е хардкор.
Соодветните количини за внес варираат зависно од моменталната состојба, телесната структура, вашите цели и други релевантни фактори.
Салати
Зелените салати и другите видови зеленчук се неопходни бидејќи покрај витамини и минерали, содржат и диетални влакна. Диеталните влакна се всушност најсложените јаглехидрати и не се разложуваат во телото, односно се исфрлаат. Диеталните влакна се исклучително корисни во варењето на храната и ги чистат цревата. Исто така го намалуваат одзивот на инсулин, што значи го попречуваат складирањето масти.
Обезмастени млечни производи
Не купувајте обезмастено млеко и други обезмастени млечни производи доколку сакате да слабеете. Тие имаат помалку масти но повеќе јаглехидрати. А механизмот со кој се складира салото во главно е поттикнат од присуството на ЈАГЛЕХИДРАТИ. Јаглехидратите предизвикуваат зголемен одзив на инсулин. Инсулинот потоа врши ПРЕТВОРАЊЕ НА ВИШОКОТ ЈАГЛЕХИДРАТИ ВО МАСТИ И ГИ СКЛАДИРА КАКО САЛО. Исто така и вишокот присутни внесени масти ги складира како сало.
Инсулинот ќе го складира тоа што ќе му го дадете – масти и/или јаглехидрати. Меѓутоа јаглехидратите го поттикнуваат инсулинот, а мастите не. Во отсуство на јаглехидрати што значи минимално присуство на инсулин, нема кој да ги гомила мастите. Мастите не се „опасни“. Јаглехидратите се, ако прекумерно ги конзумирате или ако се значаен дел од составот на вашата исхрана.
А мастите од исхраната сепак треба да доаѓаат од здрави извори, од месото, маслиново масло, путер (не маргарин).