Сретнавме едно дете во теретана. Висок 186 а тежок 62 кг. Вежбаше изолациски вежби за трицепс, гради со кабли… И слично.
И кај луѓе со преголема и кај луѓе со премала тежина, ваквите ситуации се пречести. Вежбаат претежно изолациски вежби, трчаат на трака или точак по 60 минути… Има многу примери, висок човек а мала тежина, вежба горен дел од гради… Или, човек со преголема тежина прави безборј вежби за трицепс додека мускулите му се речиси невидливи од големиот процент на телесни масти.
Тоа е „злоупотреба“ на:
Хормони
Време
Пари
Енергија
Теретанска опрема
Простор
Младост
Поразговаравме со детето и го прашавме колку време вежба и која му е целта. Рече дека вежба 1 година, 5 дена неделно и дека никој никогаш не го прашал вакви прашања. Има 17 години.
За 1 година можел лесно да накачи 15 кг во мускулна маса ако вежбал и се хранел правилно и паметно. А фактот е дека сè уште има многу мала телесна маса и многу мала мускулна маса. Значи каков напредок имал во тие година дена? Никаков.
Замислете кој е неговиот став кон вежбањето. Замислете колку тешко му изгледа. А во секој случај – видете ја неговата упорност и дисциплина! Покрај минималните резултати тој сè уште оди во теретана и секојдневно вежба.
Доколку таа волја и дисциплина ги усмериме кон целта со правилно вежбање и правилна исхрана, кои би биле резултатите? Бидејќи најглавните состојки веќе ги имаме: ДИСЦИПЛИНАТА И ВОЛЈАТА.
Друга состојка што најверојатно ја има е екстра поволен хормонален профил. На тие години хормоните би требало да се топ! Меѓутоа штом резултатите се речиси непостоечки и покрај потенцијално перфектен хормонален профил (нивоа и сооднос на хормоните), замислете колку е погрешен неговиот пристап – очигледно нема корист од таквиот хормонален профил. Со истите грешки луѓето на која било возраст се лишуваат од бенефитите на здрав и силен хормонален профил бидејќи токму тие грешки не им дозволуваат да го постигнат. А кога би го постигнале, тогаш почнуваат вистинските придобивки.
Во отсуство на видливи резултати, дефинитивно порано или подоцна волјата почнува да опаѓа. Тогаш упорноста станува испрекината. Ја има, па ја нема.
Замислете ја волјата кога човек ќе почне да постигнува многу добри резултати. Добрите резултати носат исполнетост и сигурност во себе.
Тогаш се јакне самодисциплината, бидејќи е ненаметната и своја. Tаа самодисциплина е онаа најубавата, што доаѓа од личната волја.