СЕ ЧУВСТВУВАТЕ УМОРНО?
МОРАТЕ ДА ПОСПИЕТЕ ПРЕКУ ДЕН?
Уморот може да се јави од разни причини. Најочигледната е ненаспаност. Но многу често и покрај доволниот број часови спиење луѓето се чувствуваат уморни во текот на денот.
Ова не треба да се прифати како нормално или вообичаено.
Но немајќи решение, човек доаѓа во состојба да нема избор освен да се помири и така да продолжи да живее. Со уморот. Да мисли дека мора да поспие преку ден. Едно од објаснувањата кои си ги дава е дека од работа се уморува. Но на работа некогаш има преактивни денови без да се умори. Или си вели дека е време за одмор. Не е. Време за одмор е после 22:00 до сабајле. Остатокот е време за живот.
А во животот, време е за факти.
Секој ден имате 8 часа специјално наменети за одмор. Тоа е една третина од животот посветена на одмор. Не е нормално да сте уморни преку ден.
Најголемиот фактор што го менува нападот од умор и дневните папсувања со потребите за дремки е исхраната. Ова е толку вистина што со подобрување на исхраната веднаш се подобрува будноста и нивото на енергија и се намалува потребата од дремки. Ова постојано го гледаме кај нашите членови на програма.
„Мене лично ми се случува неверојатно просветлување од оваа област. Сега сфаќам колку всушност не што ништо не сум знаел, туку колку сè спротивно сум правел… Пред сè, сум се хранел грешно. Безвеза сум вежбал и не сум знаел ништо за одмор, хормони, сон… Не знам на енергијава што да и правам 🙂 Убав ден и голем поздрав.“ – Бошко Талески
Ова е кажано по извесен период на целосно придржување на програма. Бошко, како и многумина други, не е вежбач од вчера – оди во теретана со години и до сега ги има испробано речиси сите стандардни методи, совети и финти за постигнување подобри резултати. Дисциплина + знаење = успех.
Правилното вежбање дополнително го појачува ефектот на исхраната. Но вежбањето не може да надомести за неправилна исхрана. А грешките во вежбањето можат да го нарушат добриот ефект на правилната исхрана.
На пример се храните правилно но вежбате на начин кој превисоко го држи кортизолот. Еден од резултатите е дека телото нема да согорува масти. Со исхраната го носите телото кон согорување, но со грешките во вежбањето го прекинувате согорувањето.
Затоа иако исхраната и вежбањето навидум се различни категории, од аспект на телото и животот – тие се взаемно зависни.
Фактори кои предизвикуваат умор (листата не е конечна):
- Висок инсулин
- Висок кортизол
- Неправилна исхрана
- Недоволно витамини
- Недоволно минерали
- Погрешен сооднос на витамини и минерали
- Многу јаглехидрати
- Недоволен внес на протеини
- Недоволен внес на масти
- Преголем внес на протеини
- Често јадење
- Многу кафе
- Алкохол и други психотропни супстанци вклучувајќи и антидепресиви
- Одредени медикаменти
- Неправилно вежбање
- Прекумерно вежбање
- Прекумерно трчање
- Недоволен или неквалитетен сон
- Недоволна физичка активност
- Емоционален стрес
- Немир (иако е вид на стрес, немир е кога умот постојано врти свесно или несвесно околу некој проблем и ја црпи енергијата. Кога е присутен кој било од наведениве фактори, тоа тежнее да го потенцира чувството на немир.)
- Здравствени состојби (најчесто оваа точка е поврзана со претходните)
Добрите вести се дека која и да е причината за вашиот умор, СЕКОГАШ со почнување на вежбање кое го предизвикува вашето тело и со подобрување на исхраната, неминовно ќе ви се подобри и нивото на енергија. Тоа носи и подобрување на расположението.
Секојдневните проблеми, стари и нови, секако влијаат на расположението. Но многу подобро ќе ја поднесеш караницата ако имаш подобрено расположение или поголема свежина како резултат од вежбањето и исхраната отколку без нив. Тој елан нѝ додава сила во сите области.